Дополнителното намалување на ДДВ-то не би имало големо влијание на цената на електрична енергија, бидејќи таа на слободниот пазар е над 1000 евра, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во однос на барањата на бизнис секторот за ублажување на ударот од високите цени на струјата за компаниите.
– Во однос на намалувањето на ДДВ-то, тоа е веќе намалено за електричната енергија. Ако треба ќе се намалува повторно, но тоа не би имало големо влијание на цената на електрична енергија, кога знаеме дека таа е над 1.000 евра поставена на слободниот пазар. Што се однесува до маржите на трговците со електрична енергија, прво треба да се направи анализа и тоа од страна на Регулаторната комисија, да видиме колку се големи тие маржи и дали воопшто има маржи на овие цени на електричната енергија – изјави денеска Ковачевски по пуштањето во употреба на системот за наводнување „Славишко поле“ во Општина Ранковце.
Тој нагласи дека ова прашање веќе е разгледувано на Економскиот совет и штом ќе ги имаат пресметките, Владата ќе интервенира во тој дел.
Премиерот посочи дека клучно во следниот период е да се направат заштеди на електричната енергија секаде каде што е можно.
– Се наоѓаме во период кога цените на електричната енергија се највисоки и се повисоки од која било економска логика, зборувам за целиот европски континент, а она што го имаат како задача сите ресори во Владата и компаниите кои што се во државна сопственост, тоа ќе мора да го испорачаат со цел да имаме непречено снабдување со електрична енергија – додаде премиерот Ковачевски.