Бизнис-заедница неодамна излезе со своја процена за тоа кои се клучните предизвици за економијата во 2023 година. Со цел да дадеме свој придонес во согледување на состојбите, односно анализа од која би произлегле и конкретни решенија и мерки за побрз излез од кризата, „Нова Македонија“ во наредните денови детално ќе се осврне на секој од детектираните предизвици. Како апсолутно прв предизвик што доминира со својот приоритет е проблемот со енергијата. Таа е основен двигател на сите индустриски и стопански процеси, а непреченото снабдување со неа и нејзината цена се предизвик што е на врвот на листата на приоритети за решавање.
Во продолжение, со серија написи за приоритетите посочени од бизнис-секторот, подлабоко ќе се осврнеме и на „балансирана фискална и монетарна политика; ефикасен даночен систем; подобрување на конкурентноста на компаниите и поенергична битка против корупцијата“…

Бизнис-заедницата ги детектира најголемите економски предизвици за 2023 година (1)

Сигурност во снабдувањето со електрична енергија и обезбедување што пониска цената на струјата се највисоките приоритети што бизнис-заедницата ги постави пред Владата, за наредната економска 2023 година. Во услови на голема енергетска и економска криза, обезбедувањето евтина домашна струја за стопанството од домашните енергетски капацитети за сите категории потрошувачи, а не селективно, ќе значи одржливост и опстанок на компаниите, нивна поголема конкурентност, но и зачувување и спас на илјадници работни места во државата. Главна задача во енергетската политика за 2023 година треба да биде зголемувањето на учеството на домашното производство на струја, од кое во изминатите години се покривале околу 70 отсто од домашните капацитети, пред сѐ од термоцентралите и хидроцентралите. Бизнис-заедницата очекува од Владата, заедно со другите засегнати страни, да се посвети целосно на решавање на проблемот со скапата електрична енергија, затоа што зависноста од увозна струја прескапо го чини македонското стопанство, кое станува неконкурентно во споредба со другите економии, кои се потпираат на сигурни извори на енергија и предвидлива цена на струјата.
Последиците од енергетската криза веќе наголемо се чувствуваат, особено меѓу големите компании, носители на националната економија и кои најмногу учествуваат во создавањето БДП. Тие, соочени со високите цени на енергентите на светските берзи, најавуваат дека ќе бидат принудени да го запрат производството и да ги отпуштат вработените доколку државата (но и сите општествени чинители заедно) не најде начин како да им помогне да ја надминат кризата. Според бизнис-заедницата, овој интерес е национален, севкупен, државен и граѓански, при што треба максимална интегрална мобилизација на сите мислечки и творечки потенцијали во државата, поаѓајќи од институциите, па завршувајќи до експертите.

Поголемо учество на домашните капацитети во вкупните потреби за енергија

Главната причина за недостигот од домашна евтина струја треба да се бара во долгогодишната незаинтересираност да се инвестира во енергетски капацитети што сега ќе можеа да ги задоволат домашните енергетски потреби, па дури и да има вишоци струја, нагласуваат претставниците од бизнис-асоцијациите во Македонија.
Во насока на подолгорочно решение за стабилно снабдување со електрична енергија, од големите компании апелираат во наредната година интензитетот на ревитализација на постојните домашни производствени капацитети за производство на базична енергија да се стави на максимум! Бескомпромисно да се доведат во кондиција носечките домашни производители на струја, да произведуваат не оптимално, туку субмаксимално или максимално количество електрична енергија, при што да се доведат истите тие да задоволуваат од две третини до три четвртини од вкупната потрошувачка на електрична енергија за македонското стопанство. Натаму, да се почне постапката за изградба на новите хидроцентрали „Чебрен“ и „Галиште“, со чија реализација би се обезбедил посигурен извор на енергија за потребите на македонската економија. Но изградбата на „Чебрен“ треба да се реализира како државен капацитет што ќе произведува поевтина електрична енергија за домашните потреби, на што посочија и некои домашни експерти од енергетиката.
До реализацијата на овие два големи капитални проекти во енергетскиот сектор, потребно е да се продолжи со одржувањето на производството во најголемиот енергетски капацитет во земјава РЕК „Битола“. Енергетскиот биланс за вчерашниот ден, на пример, покажува дека вкупното производство на електрична енергија изнесува 17.385 мегават-часа, од кои во термоцентралите се произведени 11.897 мегават-часа електрична енергија, а од обновливи извори, во кои спаѓаат хидроцентралите и ветерниот парк „Богданци“, 5.488 мегават-часа електрична енергија.
За да се одржи експлоатацискиот период на битолската термоцентрала, неопходно е отворање нови јагленокопи низ Пелагонија, бидејќи истражувањата покажале дека таму има доволни резерви на јаглен за следните 50 и повеќе години. Во овој дел треба да се следи праксата во некои високоразвиени земји, кои се враќаат на конвенционалниот енергетски ресурс – јагленот. Отворањето на нови наоѓалишта треба да се следи со навремена изградба на транспортна инфраструктура, преку транспортни ленти или железница. Истовремено треба да се продолжи со инвестициите за побрзо гасно поврзување на земјава и стабилизирањето на цените на овој енергент, што ќе овозможи услови за изградба на повеќе когенеративни термоцентрали со комбиниран циклус за производство на електрична енергија и топлина.

Одржување прифатлива ценовна политика за енергентите

Во земјите од регионот беа применети различни модели за справување со негативните последици од енергетската криза, со кои стопанските субјекти ги ставија во поповолна положба во однос на фирмите од Македонија, која беше принудена недостигот од струја да го покрива со увоз на струја, по берзански цени, кои беа за три-четири пати повисоки од струјата од домашните капацитети. Во таа насока, основното барање на бизнис-заедницата е обезбедување фиксна субвенционирана цена на струјата, која би била пониска од берзанската. Од Стопанската комора на Македонија веќе предупредија дека 20 проценти од големите компании ќе затворат, а од 30 до 50 проценти од работниците од јануари може да останат без работа.
Од бизнис-асоцијациите беа предлагани повеќе мерки за директна и индиректна поддршка на компаниите што се снабдуваа од отворениот пазар на електрична енергија. Ова значи дека без државна поддршка десетте најголеми потрошувачи на електрична енергија, кои имаат 6.000 вработени и приход од милијарда евра, наредната година, според сегашните берзански цени, би требало да платат повисоки трошоци за производство, со што ќе се наруши нивната конкурентност. За другите компании на слободниот пазар се предлага, врз основа на сите компаративни анализи, да добијат определена базна цена над која државата би ги покривала трошоците и со тоа би се создале неопходните претпоставки за некаква предвидливост, која е основа на бизнисот. Од Сојузот на стопански комори велат дека уште во август доставиле 14 барања за мерки, од кои со најголемо значење се тие за ограничување на цената на струјата до одредено ниво до кое ќе ја плаќаат претпријатијата, додека над тоа ниво да ја плаќа Владата преку фондови наменети за енергетска кризна состојба, како и обезбедување струја од домашните производни капацитети по поповолна цена за стопанството.

Обезбедување конкурентска цена за енергијата за сите домашни компании

Организацијата на работодавачи деновиве излезе со предлог до Владата за директно субвенционирање на цената на електричната енергија што ја купуваат компаниите на отворен пазар над одреден ценовен плафон, и тоа од 100 или 200 евра за мегават-час, во зависност од финансиските можности на државата. Со овој пакет мерки се предлага и намалување на ДДВ за електрична енергија или ограничување на маржата за пренос и дистрибуција на електричната енергија. Од Конфедерацијата на работодавачи очекуваат конкретни мерки, пред сѐ микро, малите, средните компании и занаетчиите да имаат можност да бидат тарифирани во тарифа што не влегува во тарифата за индустриска струја. Исто така, се бара и субвенционирање, олеснување или, пак, блок-дотации во однос на електричната или која било енергија.

Стабилен систем за производство на енергија од домашни извори

Како услов за водење успешен бизнис во наредната година, од домашните компании ја наведуваат и целосната посветеност на енергетските компании во одржувањето на капацитетите за производство, пренос и дистрибуција на електричната енергија. Ова значи, сите енергетски капацитети да работат со полна пареа и да бидат во постојана кондиција, со сведување на периодите на ремонти во разумни рокови. Очекувањата на стопанствениците се трите блока во термоцентралата во Битола да продолжат да работат со сиот свој расположлив капацитет. Како итна мерка за поддршка на домашните големи компании е користењето на гасната електроцентрала „Те-То“, со што ќе се зголеми домашното производство на струја, како и централата во Неготино.
Како мерки од краток рок, што може да влијае на пониската цена на струјата, е обезбедување поевтин ресурс за работа на ТЕЦ „Неготино“. Со ставањето во функција на овој капацитет од почетокот на годинава, заклучно со 19 декември, домашното производство на електрична енергија од ЕСМ и од ТЕЦ „Неготино“ е зголемено за 26 проценти на 3.946 гигават-часа. За споредба, во истиот период во 2021 година, ЕСМ и ТЕЦ „Неготино“ произвеле 3.130 гигават-часа електрична енергија. Предлогот на бизнис-заедницата е оваа електрична енергија да му се отстапи на стопанството и да се спасат илјадници работни места.
Во исто време треба да продолжат и инвестициите за обновување на преносната мрежа во земјата, за да се спречат поголеми испади од системот, но и да се забрзаат постапките за приклучок на новите стопански објекти на дистрибутивната мрежа.
Комората на странските компании во Македонија побара олеснување на постапките за поставување фотонапонски централи, надвор од технолошко-индустриските развојни зони од над еден мегават на покривните конструкции.
– Некои од компаниите имаат погони што се 20, 30 или 50 илјади квадратни метри. Дополнително, на компаниите во ТИРЗ не им е дозволена продажба на вишоците на струја – вели Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошкo напредно производство при Стопанската комора на Македонија. М.Ј.


Колку ЕСМ купува струја однадвор, а колку треба да произведува дома

ЕСМ не произведува доволно струја, ама затоа редовно добива буџетски пари за увоз на струја. Владата одлучи пак од буџетот да му префрли на ЕСМ, овој пат 25 милиони евра, за надминување на енергетската криза со електрична енергија. Во ноември, Владата на ЕСМ му префрли 11,5 милиони евра за истата намена – справување со кризната состојба. Во ноември, „ЕСМ продажба“ од Владата доби 7,7 милиони евра за обезбедување субвенционирана електрична енергија за компаниите од прехранбениот сектор, училиштата и водоводните претпријатија. Вкупно, годинава околу 175 милиони евра буџетски средства се потрошени за енергетската криза со електричната енергија.
Регулаторната комисија за енергетика до крајот на годинава треба да донесе одлука колкаво ќе биде зголемувањето на цената на струјата за домаќинствата, откако „ЕВН хоум“ од ЕСМ доби понуда од 56 евра за мегават-час за покривање 100 отсто од вкупно планираните количества. Оваа цена е за околу 16 отсто повисока од претходната цена, 48 евра за мегават-час, за периодот јули – декември.


Фотоволтаиците добредојдени, но базичната енергија засега е незаменлива

Во Македонија во 2019 година имало 35 нови фотонапонски електроцентрали со моќност од 5,8 мегавати, во 2020 имало 29 со инсталирана моќност од седум мегавати, додека лани имало 48 соларни електроцентрали со моќност од 14 мегавати. Според процените, за само 10 месеци во државата се инсталирани енергетски капацитети од вкупно 141 мегават, и тоа дури 98 мегавати фотоволтаици, 37 мегавати од ветер, шест мегавати мали хидроцентрали и биогас.
Од јануари до ноември 2022 година, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) има издадено лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори за околу 200 електроцентрали.
Најголем интерес има за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали, односно годинава имаат издадено лиценци за 86,8 мегавати инсталиран капацитет од фотонапонски електроцентрали, додека 6,4 мегавати се за мали хидроцентрали и 2,5 мегавати за термоелектроцентрали на биогас, или вкупно се издадени лиценци со предвидено просечно годишно производство на електрична енергија од обновливи извори на електрична енергија на ниво од 95,7 мегават-часа. Овие електроцентрали се приклучени на електродистрибутивната мрежа.
Оптимистичките прогнози велат дека до јуни 2024 година Македонија ќе има 300 мегавати инсталиран капацитет, што претставува половина од годишното производство на РЕК „Битола“.
Компанија инсталираше 15 илјади панели на 10 хектари. Со измените и дополнувањата на Законот за градење се овозможува на објектите во индивидуална сопственост да бидат поставени фотонапонски електроцентрали со моќност од шест киловати, а на стопанските објекти со моќ до 40 киловати. Сите овие инвестиции во фотоволтаици се добредојдени, но сепак домашната базична енергија добиена од големите енергетски капацитети како термоцентралите, хидроцентралите и комбинираните гасни централи засега е незаменлива.