Крај на една енергетска ера и елементи за почеток на нова

  • Геополитичките тензии, новите финансиски системи и енергетската транзиција го разнишуваат глобалниот доларски поредок. Според анализите на врвните банкари во Дојчебанк, системот на т.н. петродолар се соочува со најголемиот предизвик во последните децении. Како Македонија го антиципира овој предизвик и како го планира својот енергетски имунитет со сопствената стратегија за домашно производство на енергија?

Светот веќе неколку години тивко, но сигурно влегува во процес на таканаречената дедоларизација. Она што долго време се сметаше за незаменлив столб на глобалната економија, доминацијата на американскиот долар, денес сè почесто се доведува во прашање.
Според анализата на Дојчебанк, „одлуката на САД во 2022 година да ги замрзнат девизните резерви на руската централна банка ја отвори Пандорината кутија: доларот, освен валута, стана и геополитичко оружје“. Според извештајот на публикуваната анализа на Дојчебанк, „една од клучните одлуки што ја забрза ерозијата на довербата во доларот како неутрален глобален медиум за размена беше токму гореспоменатата одлука на САД да ги замрзнат девизните резерви на руската централна банка“. Токму тоа, во комбинација со „растечките тензии меѓу Истокот и Западот, како и новите конфликти на Блискиот Исток, доведе до ситуација во која системот на т.н. петродолар се соочува со најголемиот предизвик во последните децении“.

Светот веќе неколку години тивко, но сигурно влегува во процес на дедоларизација

За потсетување, таканаречениот петродоларски систем, воспоставен во втората половина на 20 век, се темели на договорот на земјите извознички на нафта да ја продаваат својата енергија во долари, во замена за безбедносни гаранции од САД. Но денес, тие основи постепено се распаѓаат. Глобалните текови на нафтата веќе не се исти.
– САД повеќе не се главен увозник од Блискиот Исток. Таа улога ја презеде Кина. Дел од трговијата, особено кај земјите под санкции како Русија и Иран, веќе се одвива надвор од доларскиот систем. Паралелно, држави како Саудиска Арабија почнуваат да експериментираат со алтернативни валути и да ја намалуваат зависноста од американската безбедносна рамка – велат наши соговорници, банкари и финансиски експерти.
Дополнителен удар доаѓа од новите финансиски инфраструктури. Кинескиот систем ЦИПС (CIPS) и проектот „мБриџ“ (mBridge) покажуваат дека постојат реални технолошки алтернативи на СВИФТ и доларот. Со тоа, доларот повеќе не е единствениот канал за меѓународни трансакции.

Енергијата – сè посилна геополитичка алатка

Актуелните конфликти, особено ризиците околу Ормускиот Теснец, ја открија вистинската ранливост на глобалната економија, а тоа е зависноста од увоз на енергија!
Според извештајот на „Амбер“ (Amber), дури три четвртини од земјите во светот зависат од увоз на фосилни горива, што ги чини најмалку 3 отсто од нивниот БДП. Иако аналитичарите на Дојчебанк проценуваат дека новата енергетска криза нема да биде толку драматична како онаа во Европа во 2022 година, благодарение на постоењето и на други алтернативи за производство на енергија, ризикот останува системски.
Примерот со Германија, која се враќа на нуклеарната енергија, примерот со Италија, која се подготвува да ја врати енергијата на термоцентралите, примерот со Шпанија, која лани на 25 март за првпат ја напојуваше целата земја исклучиво со обновлива енергија, покажува дека има алтернативи, но тие треба да се активираат.

Има ли енергетска лекција за малите економии

За мали и увозно зависни економии како македонската, овие глобални трендови носат јасна порака дека енергетската независност станува прашање на национална безбедност! И тоа треба да се третира така, а и навистина се третира. Систематизираниот посебен ресор за енергетика и човечките ресурси специјализирани во тој дел од администрацијата сигнализираат сериозен приод кон овој предизвик.
За потсетување, Македонија традиционално се потпира на производство од базични ресурси за енергија, како и на увоз на електрична енергија, што сѐ уште ја прави ранлива на ценовни шокови и геополитички турбуленции. Но матрицата на таа традиција е во процес на транзиција. Дополнително, во контекст на слабеењето на петродоларот и потенцијалните промени во глобалната трговија, оваа наша енергетска зависност може да стане уште поскапа и понеизвесна. Активностите на Министерството за енергетика и новата Национална стратегија покажуваат дека Македонија навремено ги антиципира овие предизвици. Свесни сме за домашниот неискористен потенцијал, но истовремено забрзано работиме и на воведување енергетски алтернативи.
Секако дека решението засега лежи во максимално користење на домашните ресурси, диверзификација, но и во апликативни модели за нови форми и видови производства на електрична енергија.

1. Базна енергија и нуклеарна опција

Клучното прашање останува: како да се обезбеди стабилна, базна енергија? Без разлика како ќе се насочуваме на домашната енергетска сцена, најпрвин паралелно треба до максимум да се искористат потенцијалите за производство на струја од јаглен. Понатаму, тука се развиваат проектите за когенеративно производство на струја, но сепак, најинтересна е темата за малите модуларни нуклеарни реактори (СМР). За разлика од традиционалните нуклеарни централи, овие системи се пофлексибилни, поевтини и побрзи за изградба.

2. Хидроенергија

Македонија веќе има значаен потенцијал во хидроенергетиката, но дел од него останува неискористен. Нови мали и средни хидроцентрали, со внимателно управување со животната средина, можат да обезбедат стабилна базна енергија.

3. Обновливи извори

Сончевата и ветерната енергија бележат раст, но нивната интермитентност бара дополнителни инвестиции во складирање и балансни капацитети.
Она што е особено значајно е дека веќе од скоро се изготвуваат, а некои веќе се изготвени, концепти и предлог-проекти за нивна примена во Македонија. Во новиот геоекономски контекст, ваквата инвестиција повеќе не изгледа како футуристичка идеја, туку како рационална стратешка одлука. Е.Р.


Новата енергетска ера може да биде решение за нас

Од глобална зависност кон локална стабилност

Падот на петродоларот не значи моментален крај на доларот, туку постепена трансформација на глобалниот економски поредок. Но сигналите се јасни. Светот се движи кон повеќеполарен финансиски и енергетски систем.
За Македонија, не е алтернатива пасивното следење на глобалните трендови, туку активно градење сопствена енергетска иднина, како што тоа, за разлика од минатото, сега интензивно се работи и планира. Во време кога валутите стануваат оружје, а енергијата клучен ресурс за суверенитет, инвестицијата во домашно производство не е само економска туку и стратешка нужност. Прашањето повеќе не е дали ќе се случи транзицијата, таа се случува, а ние сме тргнати на пат да ја дочекаме подготвени. Е.Р.