Состојбата во земјоделството, според инволвираните, не може да се надмине прекуноќ, ниту, пак, да се реши само со одлука за поттик на домашното производство. Нашите соговорници укажуваат дека планското производство може да има ефект, но предупредуваат и на недостатоците и опасноста по стивнувањето на кризата состојбите повторно да се вратат на старо и да се заборави на потребата од домашно производство
Кризата за храна и суровини за храна што настана по нападот на Украина им наметна обврска на домашните институции да бараат начини за зголемено домашно земјоделско производство, особено во производството на основни прехранбени продукти. Недостигот од брашно и особено од масло за јадење и неизвесноста што се наметна поради мерките за забрана за извоз на овие продукти кај соседите го вклучија алармот кај власта, која бара начини за поттикнување на производството на основните земјоделски продукти што се потребни за производство на овие два продукта.
Надлежните објавија дека во тек е јавен оглас за доделување 5.722 хектари земјоделско земјиште во 14 региони во земјава, кое ќе се дава исклучиво за одгледување стратегиски култури: пченица, пченка, јачмен, сончоглед, ‘рж, ориз, маслодајна репка, добиточен грашок и тритикале. Покрај оваа одлука, Министерството за земјоделство најави и други мерки за поддршка на земјоделството, кои треба да го поттикнат домашното производство, меѓу кои и поддршка за ѓубрива за земјоделците.
Но состојбата во земјоделството, според инволвираните, не може да се надмине прекуноќ, ниту, пак, да се реши само со одлука за поттик на домашното производство. Нашите соговорници укажуваат дека планското производство може да има ефект, но предупредуваат и на недостатоците и опасноста по стивнувањето на кризата состојбите повторно да се вратат на старо и да се заборави на потребата од домашно производство.
– Овие промени во активностите на Министерството за земјоделство и Владата на Република Македонија, во поглед на зголемување на нашето производство на пченица, сончоглед, пченка и јачмен, повеќе се изнудени од новонастанатата ситуација во светот, отколку што искрено се создадени за да се обезбеди сигурност во обезбедувањето храна за нашите граѓани.
Самата глобализација и зачленувањето на Македонија во Светската трговска организација ни наметнаа правила да не смееме да вршиме протекционизам или форсирање на домашните производи, преку зголемени такси на увоз на истите тие што потекнуваат од другите држави, па дури и да не се користи слоганот „купувајте македонски производи“. На тој начин нашето неконкурентно производство полека почна да се уништува и пропаѓа. Сончогледот исчезна од нашите ниви, шеќерната репка, која сега за сега никој не ја спомнува, со продавањето на единствената фабрика што нѐ правеше независни во тој поглед, засекогаш исчезна од нашите ниви. Алчните трговци преферираа да увезуваат и да не хранат со шеќер од шеќерна трска, кој е понеквалитетен нутриционистички од произведениот од репка, но затоа е пак поевтин и ја зголемуваше нивната заработка – укажува претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски.
Станковски посочува дека поради самиот факт дека приносите на пченица во соседна Србија биле многу поголеми се одразил негативно врз домашното производство на оваа култура, која се намалила на половина од годишните потреби.
– Силен поттик за обнова на производството даде почнувањето на субвенционирање во земјоделството, кое за кратко ја поврати рентабилноста во нашето производство и житните класови повторно се разбрануваа по нашите полиња. Но тука започна монополизирање на мелничарските капацитети, уништување на помалите и непослушни, со системот на огромни казни, спроведени од власта и инспекторатот, и нашите земјоделци повторно ги дотера на просјачки стап. Сега имаме нова ситуација. Тие што ни ја нудеа, или поточно набиваа глобализацијата на глава, сега први се откажаа од неа, поставија санкции за повеќе од половина свет (Русија, Белорусија и сите што соработуваат со нив се подложни на санкции). Ние со уништено производство на основни продукти, како што се брашно, масло, шеќер, месо, млеко, сме во позиција да молиме за истите тие да не настанат граѓански немири. Ги плаќаме по астрономски цени, резерви во државата речиси не постојат, и одеднаш ни текнува дека постојат земјоделци, наша домашна земја и можност сами да ги произведеме. Но до кога? Дали до првото смирување на ситуацијата и повторното увезување евтина пченица – прашува Станковски.
Нашиот соговорник посочува оти недостигот од стратегија и план кај нашите влади, збогатено со криминал и корупција, е смртоносно за секој бизнис, па и за земјоделството. Според него, постои сомнеж за можноста позитивно да се одрази ситуацијата врз земјоделството.
– Сега се залагаат за некакво договорно производство. Но недостига цената. За земјоделецот не е потребна субвенција за вештачко ѓубриво или семе. Потребно е истакнување на цената што Владата ќе ја гарантира. Секој земјоделец ќе си пронајде своја математика и пресметка. Ако можеме увозното масло да го платиме 150 денари, доволно е за нашето масло да се фиксира цената на 90 денари и земјоделецот има есап за производство на сончогледот на своите ниви. Шеќерот отиде на 50 денари, со оваа цена и кај нас е рентабилно да се произведува од шеќерна репка, истото тоа важи и за јачменот и пченката, кои се дефицитарни во Македонија. Оваа криза ќе ни покаже какво зло и страдање за граѓаните на Македонија може да донесат алчноста на трговците и кусогледоста и неспособноста на нашите политичари – посочува Станковски.
Домашните аграрни експертите укажуваат оти договорното производство може да даде плод и дека сега е крајно време да се преземат конкретни чекори за враќање не само на овие две култури туку и на повеќе други култури на нашите ниви.
– Договорното производство се применува и практикува и во пазарните економии. Сѐ е во насока на развој на земјоделството и вакви договори може да го поттикнат повторно производството. Ваквите обиди треба да се поддржат за да се зголемат површините на кои ќе бидат засадени земјоделските култури. Сметам дека вакви мерки треба да се направат секаде каде што има можности и интерес од двете страни за да се вратат на нивите сите култури што некогаш се одгледувале кај нас, а денес се или во намалени количества или воопшто ги нема. Сметам дека има мерки што можат да дадат плод и да се зголеми интересот за поголемо производство. Една таква мерка е и мерката за ставање на целото расположливо или слободно земјоделско земјиште во функција, но и други мерки што ќе придонесат да се зголемат приносите по хектар – вели универзитетскиот професор Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Димитриевски посочува дека досегашните истражувања за работата во руралните средини покажале тенденција на напуштање на селата, мигрирање, особено кај помладата популација. Сепак, Димитриевски вели дека токму моделите што ќе обезбедат подоходовно земјоделско производство може да придонесат за обратна миграција и заживување на селата.
– Мерките што ќе се применат треба да придонесат за враќање на земјоделските култури на нивите, особено оние што се со намалено производство или што целосно исчезнале. Треба исто така да се поттикне интересот за обработка на земја кај младите генерации, бидејќи основната функција на земјоделството е да обезбеди исхрана за населението – посочува Димитриевски.