Фото: Маја Јаневска-Илиева

Независниот синдикат на државната администрација на Македонија соопшти дека во Министерството за економија и труд е потпишан нов Колективен договор кој предвидува етапно зголемување на платите на административните службеници до 21% до 2028 година, пренесе МИА.

Според договорот, покачувањата ќе се реализираат во три етапи и тоа 7% од 1 март 2026 година, дополнителни 7% од 1 март 2027 година и уште 7% од 1 март 2028 година.

Синдикатот нагласува дека е важно да се постигне рамнотежа меѓу платите во јавниот и приватниот сектор, истакнувајќи дека економијата се потпира на два столба: задоволен работник во приватниот сектор и ефикасен службеник во јавната администрација.

 – Покачувањето на платите подразбира и зголемена одговорност кај службениците. Фокусот ќе биде на бескомпромисно спроведување на законите и подзаконските акти, професионализација на органите на управата и обезбедување администрација која е сервис, а не бариера за граѓаните и бизнисите – велат од синдикатот.

Од синдикатот додаваат дека реформите ќе продолжат со цел создавање достоинствени услови за работниците и воспоставување ред и ефикасност во институциите.