Фото: МИА

Обилните врнежи од дожд и поплавите во одредени региони во источна Македонија ја пролонгираа сеидбата на јачменот и пченицата. Потпретседателот на Асоцијација на земјоделци Гоце Сарафимов вели дека околу 40 проценти од површините не се посеани со жито.

– Есенската сеидба се уште е во тек и не е завршена поради временските услови. Во последно време имаше пообилни дождови и заради тешко се одвива сеидбата. Мислеме дека 40 проценти има се уште за сеење на житарицата – вели Сарафимов.

Земјоделците стравуваат дека задоцнетата есенска сеидба  ќе значи и помалку произведени количини на јачмен за стоката и на пченица, односно лебно зрно.

Универзитетскиот професор од штипскиот Земјоделски факултет, Мите Илиевски вели за да се спаси сеидбата, земјоделците треба да почнат и со сеење на пролетни или факултативни сорти на житни култури.

– Производителите да си планираат во први моменти, кога тоа ќе го дозволат временските услови, доколку имаат убав сертифициран семенски матерјал од одредени сорти кои се со вакви карактеристики, односно се со факултативни, со преодни својства да може да се сеат во зимскиот период и во пролетниот период, секако ќе може овие површини да се засеат со одредени сорти – рече Илиевски.

Тој додава дека македонските земјоделците предност даваат на есенската сеидба, бидејќи повисоки се приносите на житните култури. Околу 85 проценти од површините под житарица се посеани во текот на есента. Годишно во просек македонските земјоделци, произведуваат околу 250.000тони пченица. Овие приноси не се доволни, па за да се покријат основните потреби на населението, пченица увезуваме од странство.