Има една интересна информација што некои од нашите соговорници ја истакнуваат, која притоа ја надоврзуваат директно на – трендот на иселувањето. Имено, тие ни тврдат дека децата во споменатата возраст, до десет години, значително се стимулирани од своите родители да изучуваат еден странски јазик, како на пример германски, француски или англиски, и тоа не заради лична надградба на знаењата, туку поради тоа што нивните родители веќе имаат прецизен план за тоа каде (во која држава) ќе се иселат и каде ќе најдат вработување. Родителите ги запишуваат децата на различни курсеви по странски јазик, во зависност од говорното подрачје во кое тие планираат да имигрираат, за да можат нивните деца полесно да се адаптираат на новонастанатите услови и да го пребродат т.н. период на приспособување, кој најчесто на таа возраст исклучително тешко се пребродува
Некои интересни аспекти на трендот на иселување од државава
Тенденциите на напуштање на нашата земја или отселувањето во постпандемискиот период како да зема замав. Статистичарите со кои се консултиравме велат дека во годините додека важеа рестриктивните мерки поттикнати од пандемијата, темпото како да се поднамали, но истакнуваат дека „темпото на иселување во последниве години зема замав“.
Неодамна наши соговорници регистрирале информација лиферувана во јавноста дека „од општината Куманово во второто полугодие училишните клупи ги напуштиле над 170 деца, кои второто полугодие ќе го завршат во некоја друга општина, а најголем дел во друга држава“.
– Вкупно запишани ученици во учебната 2024/2025 година се 13.454 ученици, од кои во основните училишта се 9.610 ученици и во средните училишта 3.844 ученици. Отпишани на крајот на првото полугодие од учебната 2024/2025 година се 174 ученици – објавија од Секторот за образование во Општина Куманово, од каде што укажа дека жалат што трендот на иселување млади семејства не се намалил ни во оваа учебна година, туку, напротив, постојано добиваат барања за отпис на ученици.
Најмногу отпишувања има од училиштата со поголем број
деца, имено од централното градско подрачје
Горенаведеното како информација е свежа, но како тренд воопшто не е новина. Напротив, трендот на заминување е карактеристичен за нашата земја долги години, кој од период на период станува помасовен или малку стишува. За потсетување, и минатата година овој период од аналитиките на тогаш опозициската партија ВМРО сериозно алармираа дека нашата земја ја напуштиле над 700 ученици што биле отпишани и кои заминале да живеат во странство.
Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) откриваат дека овој тренд бил запрен само кратко време, поточно во периодот на пандемијата, по што повторно зема замав.
Од 2011 година наваму бројот на граѓани што заминуваат постојано расте. Податоците покажуваат дека семејства со деца на возраст до десет години се оние што најмасовно заминуваат од Македонија. Бројките покажуваат дека најголем број деца што ги напуштаат училишните клупи, тоа го прават поради преселба на семејството во странство. Втора причина за испис од училиштата е упис во друго училиште во истата населба или, пак, во друг дел од земјата.
Но има една интересна информација што некои од нашите соговорници ја истакнуваат, која притоа ја надоврзуваат директно на – трендот на иселувањето. Имено, тие ни тврдат дека децата во споменатата возраст, до десет години, значително се стимулирани од своите родители да изучуваат еден странски јазик, германски, француски или англиски, и тоа не заради лична надградба на знаењата туку поради тоа што нивните родители веќе имаат прецизен план за тоа каде (во која држава) ќе се иселат и каде ќе најдат вработување. Родителите ги запишуваат децата на различни курсеви по странски јазик, во зависност од говорното подрачје во кое тие планираат да имигрираат, за да можат децата полесно да се адаптираат на новонастанатите услови и да го пребродат т.н. период на приспособување, кој најчесто на таа возраст исклучително тешко ги погодува децата.
„Детска популација“ – анализа на Државниот завод за статистика
Анализата „Детска популација“ на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажува дека од година на година овие тенденции стануваат поизразени.
– Во согласност со податоците за деца што се отпишале од основно училиште и го прекинале школувањето, може да се забележи континуиран тренд на раст во периодот 2017-2022 година, од 2.871 на 3.313, што претставува зголемување од околу 15 проценти – се наведува во анализата на ДЗС.
Исклучок претставува 2020/2021 година, при што намалувањето се претпоставува дека се должи на влијанието на рестриктивните мерки за патување во странство во текот на првата година од пандемијата на ковид-19.
Од учениците што си заминале, околу една третина се префрлиле во друго училиште во истото место на живеење, помалку од третина заминале во друго училиште во друга општина во државата, а доминира уделот на ученици што го напуштиле основното образование за да продолжат со школување во други држави.
– Нешто помалку од половина од вкупниот број ученици го напуштиле основното училиште заради емиграција во странство. Овој процент, со исклучок на пандемиската 2019/2020 година, забележува благ пораст низ годините под анализа. Дополнително, се зголемува и процентот на ученици што го напуштиле основното училиште заради внатрешни миграции – се појаснува во анализата.
Важно е да се нагласи дека повеќе од половина, а во одредени учебни години и блиску до две третини од учениците што го прекинале основното образование, тоа го направиле во одделенијата од I до IV, потоа околу 15 отсто тоа го направиле во V одделение, додека помалку од 10 проценти во VI одделение, нешто повисок процент на заминувања се случуваат во VII и VIII одделение.
Зошто бројот на запишани ученици во средните училишта е помал во однос на основните, и покрај тоа што средното образование е задолжително?
Аналитичарите посочуваат дека бројот на ученици во средно образование е понизок од бројот на ученици во основно образование и дека промените тука се потешки за анализирање.
– Кога станува збор за стапките на запишување во средно образование, во периодот под анализа тие остануваат под нивото на стапките на запишување во основно образование и покрај фактот што средното образование е задолжително во Македонија. Во периодот под анализа, вкупната бруто-стапка на запишување ученици во средното образование се движи помеѓу 78,9 и 85,6. Разлики според полот се присутни и најголемата разлика од 3,8 проценти е забележана во учебната 2016/2017 година, во корист на момчињата. Во последните неколку учебни години овој јаз е намален, при што во учебната 2021/2022 се запишале 1,3 отсто повеќе девојчиња во споредба со момчиња. Доколку ја анализираме бруто-стапката на запишување, може да се констатира дека бележи тренд на намалување, сепак, фактот дека повеќе од 15 отсто од населението во рамките на законски пропишаната возраст не е вклучено во средно образование покажува потреба од адресирање на ова прашање – се нагласува во анализата.
Статистичарите исто така укажуваат дека има ученици што го напуштаат средното образование но нема податоци каде заминуваат.
Уделот на ученици што го напуштиле училиштето од непознати причини варира помеѓу 9 отсто во 2021/2022 година, 15 проценти во 2018/2019 година. Уделот на овие ученици варира низ годините и не можат да се идентификуваат јасни трендови. Кога станува збор за годините во кои најчесто се прекинува средното образование, податоците покажуваат дека тоа најчесто се случува во првите две години од средното образование. Е.Р.