Фото: Игор Бансколиев

Според аналитичарите, има и домашни фактори што долеваат масло на огнот, ја злоупотребуваат ситуацијата и вештачки ги подигаат цените на своите производи

НАДВОРЕШНИ И ДОМАШНИ ПРИЧИНИ ЗА ГАЛОПИРАЧКИОТ РАСТ НА ЦЕНИТЕ

Високата стапка на инфлација, која во октомври, според официјалните статистички податоци, достигна 19,8 проценти, предизвика сериозна дебата за причините и изворот на високиот пораст на цените. Додека домашните производители на храна причините за драстичниот пораст на цените ги оправдуваат со поскапиот увоз на суровини и енергенти, според некои мислења на економските експерти проблемот со високата инфлација во Македонија им се припишуваат и на домашните фактори. Како аргументи за тоа се даваат и податоци за висината на инфлацијата во соседните земји, која е за неколку проценти пониска од таа во нашата земја, што наведува на сомневања дека при формирањето на цените на храната се „вградени“ и неекономски критериуми, односно намерата на домашните трговци да извлечат поголем профит од моменталното нарушување на пазарните односи на глобално ниво, а кои се предизвикани, пред сѐ, од енергетската криза. Резултатот на ова се покажа и во извештаите на Државниот завод за статистика, кој во октомври пресметал дека индексот на трошоците на животот за одделни категории на храна пораснал и за над 40 отсто! Конкретно за една година кај лебот и житата има зголемување од 47,7 отсто, кај месото за 28,6 отсто, кај млекото, сирењето и јајцата зголемувањето на индексот на трошоците на животот е зголемен за 40,7 отсто, а кај маслото и мастите за 40 отсто. Споредено со минатата година, цврстите горива поскапеле за 38,5 отсто, топлинската енергија за 30 отсто, а гасот и струјата за повеќе од 20 отсто.
Борче Треновски, професор на Економскиот факултет во Скопје, смета дека високите цени во Македонија во значаен дел се резултат на увозната зависност на нашата економија, скромниот капацитет за домашно производство на храна и енергија и структурата на потрошувачката, во која храната и енергијата учествуваат со 53 отсто.
– Нема земја отпорна на глобални кризи, особено се ранливи малите и отворени економии и навремено треба да се инвестира во градење одржлив и отпорен економски систем. Во моментот е евидентно дека пониските стапки на инфлација во голем дел од економиите се поврзани со нивната структура на економијата, сопственото производство на електрична енергија/храна и можноста овие економии на овој начин да го намалат глобалниот ценовен притисок во последната година – вели Треновски.
Според Треновски, за полесно пребродување на тековните и идните економски нарушувања со кои се соочува нашата земја, ќе биде потребно применување на политики за континуираното намалување на увозната зависност, енергетската независност, диверзификацијата на извозот, развојот на земјоделството, производството на храна и инвестирањето во човечкиот капитал.

– Особено е значајно да се следат монетарните движења, стабилноста на финансискиот сектор, пазарот на недвижности, однесувањето на фискалната политика и да се дејствува одлучно. Народната банка треба блиску да ги следи инфлаторните очекувања, како и политиката на Европската централна банка поради поврзаноста на курсот на денарот со еврото. Потребно е да се дејствува од повеќе аспекти и преку повеќе инструменти – основната каматна стапка не е единствениот инструмент. Од друга страна, Владата треба целиот фокус да го насочи кон намалување на неизвесноста за своите чекори, поефикасно собирање на фискалните приходи и целна поддршка за бизнисите и граѓаните – вели Треновски.
Поранешниот гувернер на Народната банка, Љубе Трпески, во врска со високата инфлација од 20 отсто, смета дека само еден добар дел од инфлацијата во Македонија е увезен, односно е резултат на конфликтот меѓу Русија и Украина.
– Има и домашни фактори што долеваат масло на огнот и ја злоупотребуваат ситуацијата, „ловејќи во матно“ и вештачки подигајќи ги цените на своите производи – изјави Трпески.
Справувањето со инфлацијата не е работа само за централните банки и, според него, повеќе има потреба од реакција на Владата и нејзините министерства и агенции отколку на Народната банка.
– Народната банка веќе презема мерки, онака како што прават и другите централни банки во светот, но мерките на централните банки се ефикасни ако инфлацијата е предизвикана од зголемена побарувачка на стоки и услуги (инфлација на побарувачка), а сегашната инфлација е предизвикана од зголемените трошоци (инфлација на трошоци) и, во таков случај, поефикасни се мерките од фискалната политика – нагласува Трпески.
Од Министерството за економија се обидуваат да го намалат притисокот од високите цени на храната, преку носењето одлука за фиксна субвенционирана електрична енергија од 89 евра по мегават-час за 200-те компании од прехранбениот сектор, кои со договори од „ЕСМ енергетика“ од следниот месец ќе добиваат поевтина струја.

– Во изминатиот период, во разговори со големите производители на храна добив уверување дека нивните производи ќе поевтинат во наредните десет дена. Целата листа на тие што ќе добијат субвенционирана струја ќе биде доставена до Државниот пазарен инспекторат, за да можат да ги направат соодветните контроли. Ако нема намалување во наредните десет дена на овие производи што ги наведов, ги повикувам граѓаните да пријават во Државниот пазарен инспекторат – изјави вчера министерот Бектеши, кој додаде дека веќе се стабилизирани цените на суровините за маслото за јадење, како и на пченицата и на пченката, така што се очекува постепено смирување на инфлацијата, која беше предизвикана од драстичниот скок на храната и на енергентите.
Очекувањата на Владата се во наредните десетина дена да се намалат цените со мерките со ограничените маржи, а особено од 1 декември дополнително со фиксните цени на струјата. Во делот на лебот почна намалувањето, за три-четири дена ќе има намалување на млекото и млечните производи, а до крајот на наредната недела е најавено и намалување на цените на месните производи. Министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека од 1 јануари нема да има драстично поскапување на струјата и парното. Републичката комисија за енергетика ги обработува сите податоци за утврдување на цената за наредните шест месеци од идната година.
Владата на Македонија излезе во пресрет на барањето на Стопанската комора на Македонија за проширување на списокот со дејности што ќе бидат поддржани со мерката субвенционирана електрична енергија од 80 евра за мегават-час. Со новата одлука за преземање мерка во услови на постоење на кризна состојба со електрична енергија, што според најавите на министерот за економија Крешник Бектеши ќе биде усвоена денеска, покрај „одгледувањето живина“, ќе бидат додадени и шифрите на дејностите за одгледување свињи, молзни крави, овци и кози, со што целиот синџир на месната индустрија ќе биде покриен со субвенционирана електрична енергија.
Оваа нова одлука ќе овозможи сите што имаат фарми за одгледување животни и се наоѓаат на слободниот пазар на електрична енергија, да бидат еднакво третирани со мерките. Наедно, како што информираат од Стопанската комора, тоа ќе придонесе и кон зачувување на сточниот фонд во нашата држава, во услови кога е најпогоден од енергетската криза. М.Ј.