Како што забележаа аналитичарите на „Џеј-пи Морган“, економистите имаат две грижи. Една од нив е неизвесноста. Ако луѓето се плашат од банкарска криза и од придружните економски проблеми, тие може да ги намалат потрошувачката и инвестициите. Другото се однесува на кредитите. Финансиските институции, плашејќи се од загуби, може да се повлечат од кредитирањето, лишувајќи ги фирмите од капитал. Сепак, можеби по пандемијата и војната овие нарушувања во банкарската индустрија за луѓето изгледаат полесни за справување. Или, пак, можеби луѓето веруваат дека владите ќе интервенираат за да ги заштитат…
Нештата се менуваат со многу брза динамика. Не толку одамна аналитичарите мислеа дека глобалната економија закрепнува и напредува. Но сега тие се загрижени дека повторно може да настане длабока рецесија предизвикана од последиците од турбуленциите во банкарскиот сектор.
Аналитичарите во „Џеј-пи Морган Чејс“, кои се подобри во економијата отколку во метафорите, велат дека цикличното забавување на економскиот раст со кој се избегнува рецесија сега изгледа малку веројатно, бидејќи се јавува недостиг од пазарна доверба и банкарско кредитирање. Доказите од пред „хаосот“ сугерираа дека глобалниот БДП се зголемува со годишна стапка од 3 отсто. Во богатите земји, пазарите на трудот беа „во пламен“. Досега има малку докази за промена на податоците „во реално време“ кон побавен раст. Индикаторот за тековната активност, произведен од банката Голдман Сакс, изведен од различни високофреквентни мерки, изгледа стабилен. Индексите на менаџерите за набавка покажаа благо подобрување во март. Неделните мерки на БДП што ги дава клубот на богати земји ОЕЦД се задржуваат.
Уште една банка, во овој случај Ју-би-ес, го следи растот на глобалниот БДП според цените на финансиските пазари (на пример, цените на нафтата и цикличните акции). Ова во моментов укажува на раст од 3,4 отсто, наспроти 3,7 отсто пред да пропадне Силикон вали банк (СВБ).
Меѓутоа, сè уште е рано за заклучоци. Проблеми може да настанат понатаму. Како што забележаа аналитичарите на „Џеј-пи Морган“, економистите имаат две грижи. Една е – неизвесноста. Ако луѓето се плашат од банкарска криза и од придружните економски проблеми, тие може да ги намалат потрошувачката и инвестициите. Втората грижа, пак, се однесува на – кредитите. Финансиските институции, плашејќи се од загуби, може да се повлечат од кредитирањето, лишувајќи ги фирмите од капитал. За среќа, постои причина да се мисли дека неодамнешните превирања ќе имаат помало влијание отколку што многумина стравуваат.
Да ја земеме предвид за кратка анализа првата спомената грижа, односно неизвесноста. Истражувањето на ММФ објавено во 2013 година открива дека скоковите во неизвесноста, предизвикани од нешта како што се американската инвазија на Ирак и колапсот на банките, можат да го намалат годишниот раст на БДП за 0,5 процентни поени, најмногу поради тоа што фирмите ги одложуваат инвестициите. Доколку се оствари таков удар, глобалниот раст би паднал од три на 2,5 отсто. Сепак, освен ако превирањата не продолжат, има реална веројатност влијанието да не биде толку големо, бидејќи последиците од колапсот на банките остави изненадувачки мал импакт.
Истражувањето на „Ипсос“ покажа дека од почетокот до средината на март довербата на американските потрошувачи малку порасна, дури и кога стартапите во Силициумската Долина беа загрижени дека нивните пари ќе исчезнат. „Индексот на несигурност“ изведен од анализата на весниците што ја направија Ник Блум од универзитетот „Стенфорд“ и неговите колеги малку се зголеми кога почнаа превирањата, но сега се намалува. Германското деловно расположение се подобри во март. Пребарувањата на Гугл за термини поврзани со „банкарската криза“ скокнаа на почетокот на март, но исто така повторно паднаа.
Тешко е да се каже зошто луѓето се толку индиферентни. Можеби по пандемијата и војната нарушувањата во банкарската индустрија изгледаат полесни за справување. Или можеби луѓето мислат дека владите ќе интервенираат за да ги заштитат.
Во врска со втората грижа – кредитите: имено, многу економисти повеќе се грижат за вториот проблем, а тоа се кредитите. Ако фирмите не можат да добијат финансии, не можат да растат толку лесно. На 22 март, Џером Пауел, претседателот на американските Федерални резерви, се осврна на „многу голема литература“ кога беше прашан за поврзаноста помеѓу построгите кредитни услови и економската активност. Во годините по глобалната финансиска криза од 2007 до 2009 година, растурените кредитни пазари ги задржаа и краткорочното економско закрепнување и долгорочниот раст на продуктивноста.
По падот на СВБ, пазарите на капитал замрзнаа. Од 11 до 19 март, американските фирми не издадоа нови обврзници за инвестициска класа, бидејќи во јануари и февруари издадоа просечно дневно од пет милијарди долари. Ова предизвика вознемиреност, па така, помалку луѓе забележаа кога пазарот зајакна.
Неодамна компанијата „Браун-Форман“, која го произведува вискито „џек даниелс“, и комуналната фирма „Најсорс“ заработија многу пари. Иако распонот на корпоративните обврзници малку порасна по колапсот на СВБ, и тие паднаа во изминатиот период. Компаниите можеби накратко се откажаа да издаваат нов долг за да проверат дали состојбата е смирена. Но се чини веројатно дека март 2023 година ќе се покаже како мошне просечен месец за издавање корпоративни долгови.
Штетата по банките ќе биде последователна. Од почетокот на март, цените на акциите на глобалните банки паднаа за повеќе од 10 отсто. Истражувањата покажуваат дека падот на цените на акциите има тенденција да го погоди растот на заемите. Банките, исто така, може да го намалат кредитирањето ако видат одлив на депозити или треба да соберат капитал бидејќи инвеститорите се сомневаат во нивната безбедност. Многумина веќе се чини дека ги заоструваат стандардите. Според Голдман сакс, ударот по кредитирањето имплицира забавување на растот од 0,4 процентни поени и во Америка и во еврозоната. Превирањата можеби повеќе им наштетија на американските банки, но економијата на еврозоната е повеќе зависна од банкарските заеми. Ова може да го намали глобалниот раст уште повеќе, од 2,5 на нешто повеќе од два отсто.
Иако неодамнешните банкарски превирања не се добри вести, веројатно нема да ја втурнат светската економија во хаос. Точно е дека уште една банкротирана банка може да предизвика пад. На заемодавците ќе им треба време да ги обноват билансите.
Зголемените каматни стапки ќе продолжат да го попречуваат растот додека централните банкари не проценат дека нивната работа е завршена.
Но постојат и други сили, а една од нив е враќањето на Кина. Економистите очекуваат дека втората по големина економија во светот ќе порасне за над седум отсто на годишно ниво во вториот квартал од годината. Во меѓувреме, тесните грла во синџирот на снабдување главно се олабавија, а цените на енергијата паднаа. Затоа, не треба никој да се изненади ако продолжи необичната отпорност на светската економија.
(Извор: „Економист“)