Според „Евростат“, бројот на пријави за банкрот во ЕУ во вториот квартал се зголемил за 1,7 отсто во споредба со претходниот квартал. А збунува податокот дека се затвораат фирми од области што бележат подем во глобални рамки и кои важат за „примамливи професии“. Со оглед на фактот што голем дел компании во Македонија соработуваат или извезуваат во Европската Унија, фактот дека европските земји се соочуваат со банкроти е причина повеќе за претпазливост и во нашата земја
Сѐ повеќе компании од Европската Унија финансиски пропаѓаат и се затвораат
Трендот на пораст на компании низ Европа што поведуваат постапка за стечај или се затвораат продолжува. По првиот квартал, во кој беше регистриран зголемен број на компании што се затвориле, слични податоци се објавени и за вториот квартал. Според „Евростат“, бројот на пријави за банкрот во ЕУ во вториот квартал се зголемил за 1,7 отсто во споредба со претходниот квартал. Сепак, позитивна вест е тоа што истовремено е забележан и раст на бројот на регистрации на бизниси од ЕУ од 4,6 отсто во споредба со првиот квартал од 2025 година.
Збунува податокот дека се затвораат фирми од области што бележат подем во глобални рамки и кои важат за „примамливи професии“. Имено, бројот на банкроти се зголеми во четири сектори, додека во други четири е регистрирано намалување. Зачудува што најголемо зголемување е забележано во информатичко-комуникацискиот сектор од високи 13,6 отсто, потоа во градежништвото со раст на банкротите од 8,1 отсто. Од друга страна, во сместувачките и угостителските објекти, како и во трговијата, се забележува намалување на затворањето на компаниите.
Дури и информатичките компании се намалуваат
Земјите од ЕУ што пријавија најмногу банкроти се Летонија, Кипар и Словачка, а спротивно од нив, најмалку банкроти имало во Естонија, Шпанија и Шведска.
– Споредувајќи го вториот квартал од 2025 година со првиот квартал, меѓу земјите членки на ЕУ најголемо зголемување на банкротите е забележано во Летонија, со раст од 70,7 отсто, па следуваат Кипар со 66,8 отсто раст и Словачка, каде што растот на банкроти достигнал 20,1 отсто – се појаснува во податоците на „Евростат“.
Со оглед на фактот што голем број компании во Македонија соработуваат или извезуваат во Европската Унија, фактот дека европските земји се соочуваат со банкроти е причина повеќе за претпазливост и во нашата земја.
Економистите предупредуваат дека состојбите во Европската Унија лесно можат да се прелеат во нашата земја, со оглед на тесната поврзаност на нашата економија со тамошните, особено со германската економија. Сепак, тие истовремено и смируваат дека состојбите не се толку влошени, бидејќи има нови компании што се отвораат паралелно со затворањето и со банкротирањето на дел од компаниите низ ЕУ.
Од друга страна, веќе има сектори што се под силен удар на случувањата во Европа, а тоа особено се однесува на текстилниот сектор, чии претставници повеќепати алармираа дека состојбите се тешки.
Текстилниот сектор под силен „притисок“
Текстилниот сектор кај нас е насочен генерално кон лон-производство, при што странските компании даваат комплетни материјали, шаблони за шиење… Но, проблемите во овој сектор се намножија. Обемот на трговската размена е намален, повторно има компании што ги извисуваат работниците, кои остануваат без плата и прекуноќ се затвораат погони…
Таков е случајот со вработените од текстилната фирма „Елит фешн“ од Штип. Деновиве беше објавена вест дека кога работниците по одморот се вратиле на работа, ја нашле фирмата под клуч. Станува збор за компанија со двајца странски газди, еден од Германија и еден од Хрватска, кои, според вработените, не им исплатиле плата и К15, туку ја затвориле фирмата и исчезнале…
Ангел Димитров, директор на АД „Мода“ од Свети Николе, кој е и претседател на собранието на Организацијата на работодавци, вели дека некогаш текстилниот сектор имал 65.000 вработени, а сега бројката се движи од 25.000 до 27.000, и дека е тешко да се обезбеди работа и за овие вработени.
– Еве, во нашата компанија имам капацитет за 3.500 парчиња, а нарачките од компанија од Германија, која е доминантен сопственик, се 3.000 парчиња. Би требало да отпуштам педесетина работници, но тоа се добри работници и засега се крпам со некои дополнителни нарачки. Текстилната индустрија е трудоинтензивна дејност и главен трошок се платите на работниците – нагласува Димитров.
Сепак, тој потенцира дека проблемот не е толку во Европа и во намалените нарачки од европските земји, туку дека текстилниот сектор во Македонија има сериозна конкуренција од Блискиот Исток.
– Не дека Европа толку „падна“ за да ја намали побарувачката за текстилот, колку што тие си ги преселија компаниите на Блискиот Исток. Еве, и германската компанија што е овде доминантен сопственик си отвори фабрика во Бангладеш. Поентата е што трошокот за плати го надминува значајно вложениот капитал за машини. Затоа сега сме сведоци на затворање фирма при што газдата од Хрватска остави и машини и сè и едноставно си замина – објаснува Димитров.
Останува да се види како ќе се одвива состојбата понатаму, а македонските компании во меѓувреме може да бараат начини за диверзификација на работата и на странските соработници. Е.Р.