Фото: Маја Јаневска-Илиева

Флексибилното работно време и ефективноста во работењето како повод

Четиридневна работна недела или флексибилно работно време се чести теми во медиумите, кои се поттикнати од организациите за заштита на работниците, а благодарение на многуте истражувања низ голем број компании, се покажа дека тие некаде имаат влијание на перформансите кај работниците.

Некои дејности продолжија со „работа оддома“ или со комбинирани методи

Во екот на пандемијата работењето оддома беше една од неопходните мерки воведени од голем број влади за да се спречи ширењето на вирусот. Сепак, и денес, откако веќе пандемијата е надмината, многу компании и понатаму работат оддома или, пак, применуваат комбинирани методи, работа оддома и од канцеларија.
Една од последните вести поврзани со невообичаените начини на работа, практикувањето на четиридневната работна недела во Исланд се покажа како успешен потег. Имено, Исланд минатата година забележа побрз економски раст од повеќето европски земји, а стапката на невработеност е една од најниските во Европа, според Институтот за автономија во Обединетото Кралство и Исландската асоцијација за одржливост и демократија (Алда).
– Оваа студија покажува вистинска успешна приказна: пократкото работно време стана широкораспространето во Исланд, а економијата е силна според голем број индикатори – посочи истражувачот Гудмундур Д. Харалдсон.
Но, дали ваквите примери се прифатливи и ефективни и во македонската економија, која сѐ уште значително каска зад европските земји.

И кај нас во одредени сектори на економијата се достигнува висок степен ефективност, но…

Анкетата што ја направивме покажа дека вработените во телекомуникациските услуги лесно се приспособија на работа од дистанца, па дури и на скратено работно време, достигнувајќи, со одговорна и посветена работа, висок степен на ефектива.
– По пандемијата останавме да работиме оддома сѐ до минатата година, кога беше воведено ново правило, дека три дена во неделата мора да сме во канцеларија, а два да работиме оддома. Тоа беше проблематично за сите, но бидејќи нема конкуренција, немаме опции каде да работиме, најголем дел колеги ја прифатија новата обврска. Секако, најголем проблем е патувањето, освен што е непотребен трошок да стигнеме до канцелариите, исто така се губи и многу време во сообраќајните метежи. Додека работевме оддома, мислам дека и повеќе работа завршував токму поради тоа што не патував до работа. Сега патувањето до канцелариите ми ја одзема енергијата – вели нашата соговорничка, која работи во компанијата поврзана со телекомуникациските услуги.
Но, во пошироката анкета во реалниот сектор во економијата, имено во производството, речиси сите од анкетираните (и вработени и работодавци) издвоија дека е невозможно без физичко присуство на работното место да се завршат работните обврски и активно да се учествува во процесот на создавање економски добра. Дури, во одредени сектори, и „неделата како неработен ден“ беше критикувана, поради тоа што токму „административно наложената неделна пауза на производствените процеси“ прави еден дисконтинуитет на процесот на производство, што потоа е тешко или никако не може да се надомести, при што се прават загуби и на компаниско, но и на пошироко економско ниво. Така што, според анкетираните граѓани, физичкото присуство на вработените (особено во базните индустриски гранки) е ненадоместливо. Е.Р.


Еден друг, родов аспект на работата оддома: Профил на работни места што овозможуваат повисока посветеност кон семејството

Флексибилното работно време низ призмата на работните и домашните обврски

Работењето оддома и скратеното или флексибилното работно време може да бидат од голема корист за вработените лица што се помалку инволвирани во некои од работните процеси. Традиционално, кај нас (иако и тоа полека се изедначува) се жените.
Неодамнешното истражување на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ покажа дека жените во Македонија имаат до 22,3 проценти поголема веројатност да бидат неактивни на пазарот на трудот поради бракот, децата, семејството, возраста, образованието…
Според нив, инвестициите во објекти за грижа за деца и дневни центри, заедно со кампањи за промовирање на нивната употреба, исто така би биле корисни за поголема вклученост на жените на пазарот на трудот.
– Неопходна е зголемена поддршка за домаќинките и негувателките. Тоа вклучува развивање политики за флексибилно работно време и опции за работа на далечина, што ќе им помогне на жените да ги усогласат своите работни и семејни обврски. Исто така, важно е да се обезбедат финансиски достапни услуги за грижа за децата и да се охрабрат работодавците да спроведат флексибилни работни аранжмани – нагласуваат во истражувањето.
Гувернерката на Народната банка на Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска неодамна посочи дека со поголема застапеност на жените на пазарот на трудот може да се зголеми отпорноста на економиите.
– Вклученоста на жените на пазарот на трудот во регионот сѐ уште е ниска, само 45 отсто стапка на активност, наспроти мажите, чија стапка достигнува 64 проценти. Намалувањето на овој јаз претставува значајна можност за иден економски раст, кој според процените на Светската банка би можел да биде повисок дури за 18 отсто во регионот на Западен Балкан – посочи Ангеловска-Бежоска, додавајќи дека жените се јавуваат како сопственички само на мал дел од малите и средните претпријатија.
Меѓународната организација на трудот одамна ги истакна работните часови, или поточно флексибилните работни часови како еден од важните фактори за подобро менаџирање на работните и семејните обврски. Истражувањата покажале дека „нефлексибилното“ работно време и ограничената грижа за децата ја зацврстуваат традиционалната поделба на трудот позната како „мажот заработува за живот – жената се грижи за домаќинството“ и на тој начин создаваат тешкотии во комбинирањето на платената работа и семејните должности.
– Намаленото работно време, или скратено, кое може да вклучува двајца работници со скратено работно време на едно работно место со полно работно време е стратегија што се применува за балансирање меѓу платената работа и семејните должности. Понатаму, нудењето на можноста за работниците „телекомуникациски“ да се поврзат со работното место оддома може да им помогне да ги комбинираат работните и семејните одговорности на дневна основа – укажуваат од МОТ. Е.Р.