Кризата со храна од минатата година, која предизвика висок раст на цените за основните животни продукти, ги заживеа старите ветувања од носителите на економските (земјоделските) политики дека Македонија треба да биде земја што ќе биде самоодржлива кога станува збор за производството на храна. Очекувањата на земјоделците се дека доколку има реална поддршка од Владата, не само за откупот на пченицата туку и со низа други зафати за планирање, координација, синхронизирање и поттикнување (пр. енергенти, ѓубрива, пласман/пазар итн.), тогаш Македонија за неколку години може да стане увозно независна земја и целосно да ги задоволува потребите за жито со домашно производство
Високите цени на храната како повод за прогласување „нова земјоделска офанзива“
Владино-пекарскиот дуел околу замрзнувањето на цената на белиот и на полубелиот леб беше повод за повик за прогласување „нова земјоделска офанзива“ за зголемување на површините за одгледување домашна пченица.
Ќе бидат ли засеани над 1.000 хектари повеќе жито годинава, во однос на минатата година
Најавите за годинашнава сеидба со најважната житна култура се дека површините од оваа земјоделска култура ќе бидат зголемени за над 1.000 хектари во однос на минатата година, а се очекува производството на лебното зрно да биде поголемо за околу 30.000 тона…
Кризата со храна, од минатата година, која предизвика висок раст на цените за основните животни продукти, ги заживеа старите ветувања од носителите на земјоделската политика дека ќе ја направат Македонија да биде земја што ќе биде самоодржлива кога станува збор за производството на храна. Наспроти ова, и покрај финансиски средства што се даваат преку субвенции и други форми на поддршка за развој на земјоделскиот сектор, нашата земја сѐ уште е увозен зависник од лебно жито, додека земјоделските површини со житни култури се во постојано намалување и без реално и континуирано зголемување на годишните приноси.
Податоците за производството на житни култури, односно пченица, објавени од Државниот завод за статистика, ја разбиваат „илузијата“ за нашата земја за стекнување на статусот на голем извозник на храна. Споредбата со годишните приноси од пченица покажува променливи количества, кои се движат во просек околу 240 и 250 илјади тони. Во 2021 година, македонските земјоделски производители ожнеале 243.676 тона пченица, што е помалку за три илјади тони во однос на 2020 година. Во 2016 година имаме остварено годишно производство од 306.433 тона. Во 2021 година имаме произведено помалку лебно зрно од пред десет години, односно во 2011 година, кога имаме 256.103 тона домашна пченица. Слични трендови се добиваат и ако се направи споредба на производството по региони. Во 2021 година има зголемување на производството на пченицата во Пелагонискиот Регион (околу две илјади тона) и во Полошкиот Регион (од околу 1.100 тона) во споредба со 2020 година.
Реална поддршка од Владата од планирање, координација и поттикнување, па сѐ до откуп
Очекувањата на земјоделците се дека доколку има реална поддршка од Владата, не само за откупот на пченицата туку и со низа други зафати за планирање, координација, синхронизирање и поттикнување (пр. енергенти, ѓубрива, пласман/пазар итн.) тогаш Македонија за неколку години може да стане увозно независна земја и целосно да ги задоволува потребите за жито со домашно производство. Прогнозите на Асоцијацијата на земјоделци се дека во моментов потребите на државава се околу 350.000 тона пченица на годишно ниво.
– Можеме да го постигнеме тоа наше производство за да бидеме независни од увоз на пченица. Ако лани сме имале околу 250.000 тона пченица и оваа година со зголемување за околу 30.000 тона, тогаш ќе ни останат уште дваесетина проценти што треба да се увезат, но со текот на времето и тоа може да се покрие. Сѐ е до планирањето, предвидливоста, односно договорното производство. Доколку сакаме домашно производство на пченица, тогаш таа наша разлика од денар, два или три, треба да се покрие од државата. Ако кажат -да, ние ќе продолжиме со производство на пченица, ако е – не, ние нема да одиме со загуба – смета Перо Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија.
Земјоделците очекуваат да бидат поддржани од Владата преку ветениот интервентен фонд, кој би ги покривал разликите од берзанската цена на пченицата до производствената цена од македонско производство. Лани се засадиле 75.000 хектари, а годинава на прагот на пролетната сеидба се очекувало тоа да биде за 1.000 хектари повеќе. Приносот и квалитетот зависат, пред сѐ, од временските услови. Лани пченицата се откупуваше по околу 20 денари за килограм, а моменталната берзанска цена била од 16 до 17 денари. Во Македонија во моментов имало останато уште 10 милиони килограми неоткупена пченица по амбарите.
Како главна причина за намалување на производството со житни култури е што не постои систем на гарантиран откуп или договорно производство што ќе обезбеди сигурен пласман. Исто така, Владата не прави интервентен откуп за да не дозволи на пазарот да има вишоци, а цените да паѓаат под производствените. Експертите укажуваат и на поголеми мерки за стимулирање на домашното производство, преку субвенционирање на вештачките ѓубрива, хемиските препарати за заштита на растенијата или со поевтина енергија. Поголемото домашно производство е условено и со користење на современите методи за одгледување на културите, со користење семенски материјал и навремено прихранување и заштита на растенијата. Освен поголемо искористување на земјоделското земјиште, мора сериозно да се зголемат и приносите, велат експертите од земјоделскиот сектор. На пример, во Србија се раѓаат по околу шест тона пченица по хектар, додека во Македонија просечните приноси се 3,5 тона. Според препораките од Националната федерација на фармери за зголемување на домашното земјоделско производство е потребно изнаоѓање нови пазари, како и да се работи на договорното производство, на организиран пласман, со откуп на приносите по соодветна цена.
Соочено со високите цени на храната, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство минатата година изработи Национален план за производство на храна, кој опфаќаше и формирање интервентен фонд, преку кој ќе се поттикне поголемо домашно земјоделско производство. Во рамките на овој „план за храна“ беа обезбедени 400 милиони денари за интервентни мерки како дополнителна поддршка на земјоделците, за да имаат помали трошоци, одржливо производство и стабилен пазар на храна на основните земјоделско-прехранбени производи. Со овие средства се интервенираше за покривање на глобалниот проблем со недостиг од ѓубриво. Ова значеше поддршка при набавка на вештачки ѓубрива за површини засеани со пченица и пченка на 4.000 денари, ако минимум се употребат 200 килограми ѓубриво по хектар. Исто така, беше одобрена интервентна субвенција од 400 денари по хектар за набавка на течни фолијарни ѓубриња, и тоа за минимум употребени шест литри течно ѓубриво по хектар за пченица, јачмен, пченка и сончоглед. Во програмата за финансиска поддршка во земјоделството беше одобрена дополнителна субвенција од 5.760 денари по хектар за сите земјоделци што имаат еден или повеќе хектари површина со пченица, јачмен, пченка, ’рж, овес и сончоглед. Заради поттикнување на домашното производство се применува и новиот модел на субвенционирање на земјоделците, кој се темели на принципот на произведено и предадено земјоделско производство во преработувачките капацитети.
Во 2021 година биле извезена храна и живи животни во вредност од 389 милиони евра, а увозот бил 745 милиони евра, односно Македонија е во минус од 356 милиони евра за увоз на храна, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во 2010 година била извезена храна од 328 милиони долари, а увозот бил 558 милиони долари. М.Ј.