Според последните податоци на меѓународно ниво, речиси 162 милиони луѓе се преселиле во друга земја во потрага по вработување, а очекувањата се дека овој тренд ќе продолжи, главно поради јазот во платите меѓу земјите, брзото стареење на работната сила во некои земји и технолошкиот развој што им олеснува на иселениците да останат поврзани со своето семејство
Огромен недостиг од општи работници и кадри од областа на угостителството
На македонскиот пазар на трудот постои вишок на работници кај професиите со повисоки квалификации, а од друга страна, пак, недостигаат работници од областа на базичните квалификации. Компаниите во земјава се соочуваат со недостиг од стручен кадар и засега недостигот е најголем во машинската индустрија, електротехничката струка, прехранбената и хемиската индустрија, туризмот и угостителството.
Според анализите на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, има хиперпродукција на кадри во образовната сфера и огромен недостиг од кадар во угостителството и општи работници.
– Резултатите од студијата покажуваат дека на македонскиот пазар на трудот, од една страна, постои вишок на работници кај професиите со повисоки квалификации, со исклучок на работниците од информатичко-телекомуникациските дејности, достигнувајќи максимум во образовните (педагошките) занимања, каде што на едно слободно работно место има до 71 кандидат за вработување. Од друга страна, за шест од осум занимања со пониски квалификации недостигаат работници, што е особено изразено за услужните и основните работници. Последново е поврзано и со фактот дека речиси 60 отсто од регистрираните невработени лица се без одредено занимање, со ниско или без образование – објаснуваат од „Фајненс тинк“.
Оттаму велат дека подлабоката регионална интеграција на пазарот на трудот може да поттикне мобилност што ќе го зголеми достапниот сет вештини на пазарот, а за лицата во суфицитарните занимања со повисоки вештини ќе понуди повеќе можности за вработување и заработка.
– Резултатите од анализата се фокусираат и на разликите во платите меѓу нашата земја и Србија, со оглед на тоа што повисоките плати се една од главните причини за мобилност на трудот. Во соседна Србија премијата за плата во однос на Македонија е многу мала, речиси незначителна и оттука нема да предизвика значајна мобилност на македонските работници. Сепак, за секторите што се од сезонска природа и имаат циклична потреба од работници, може да се појават значајни разлики во платите. Со оглед на тоа што занимањата со пониски вештини се истовремено и дефицитарни на македонскиот пазар на трудот, подлабоката регионална интеграција може да доведе до продлабочување на недостигот од вакви работници – наведуваат од институтот.
Тие посочуваат дека иако регионалната економска интеграција има свои предности во поглед на мобилноста на работната сила, поважно е да се направат структурни реформи во домашната економија, со цел намалување на разликите во понудата и побарувачката на работна сила и задоволување на потребите на пазарот на трудот, пред сѐ со домашни работници.
– Затоа се препорачува приспособување на политиките на пазарот на трудот за да се спречи зголемувањето на работниците во суфицитарните занимања и креирање образовни политики со цел насочување работници во дефицитарните занимања – нагласуваат од „Фајненс тинк“
Слободното движење на работниците, сметаат од институтот, е една од клучните слободи на регионалната економска интеграција, која ја зголемува мобилноста на работната сила регионално и/или на меѓународно ниво, во потрага по пристап до пазарот на трудот во земјата на иселување.
– Според последните податоци, речиси 162 милиони луѓе се преселиле во друга земја во потрага по вработување, а очекувањата се дека овој тренд ќе продолжи, главно поради јазот во платите меѓу земјите, брзото стареење на работната сила во некои земји и технолошкиот развој што им олеснува на иселениците да останат поврзани со своето семејство – потенцираат од „Фајненс тинк“.
Според Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, во суштина, станува збор за еден голем расчекор помеѓу понудата на работна сила и побарувачката на работна сила.
– Значи, побарувачката на работна сила ја прави структурата на нашето стопанството. Какви дејности имаме, такви работници бараме. Додека факултетите и средните училишта квалификуваат какви желби имаат учениците и студентите, а не какви потреби има стопанството – вели Димитров.
Како што додава тој, решението на проблемот не е ниту лесно ниту брзо. Треба да се започне со реформи во образованието, кои резултатот ќе можат да го дадат најрано за десетина години.
– Наедно, потребна е државна поддршка за структурни промени во индустријата во која, наместо традиционалните текстил, мебел, металургија, ќе се зајакнат металопреработувачката индустрија, хемијата, фармацијата и други пропулзивни гранки што ќе исплаќаат поголеми плати и ќе ги задржат младите во земјава – нагласува Димитров.