Моменталниот инфлаторен притисок, покрај кризата што произлезе од војната во Украина, се должи и на преголемото количество долари и евра што беа инјектирани во економијата поради пандемијата на ковид. Тоа е недвосмислениот став на голем број странски економисти

Монетарните политики од времето на коронавирусот инјектираа енормно количество долари и евра во економиите

Централните банки во земјите со најразвиени економии се обидуваат преку низа фискални и монетарни мерки да влијаат на намалувањето на глобалниот раст на цените. Официјалните лица на Европската централна банка сигнализираа за ново значајно зголемување на каматните стапки во еврозоната во септември, во услови на континуирана висока инфлација и постоење на ризик од рецесија. Првиот човек на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, минатата недела најави „повисоки каматни стапки, забавен раст и флексибилни услови на пазарот, кои ќе ја намалат инфлацијата, но ќе им нанесат одредени тешкотии на домаќинствата и на компаниите“. Тој потврди дека ФЕД „силно ќе користи алатки“ за да ја нападне инфлацијата, која сè уште е блиску до највисокото ниво во повеќе од 40 години.
– Тоа се непожелни трошоци за намалување на инфлацијата. Но неуспехот да се воспостави повторно стабилност на цените ќе донесе многу поголема болка – објасни Пауел.
За инфлаторните очекувања, од ФЕД и од ЕБЦ прогнозираат дека ќе се надмине посакуваното ниво на раст на цените од два отсто на среднорочен период. Колку овие мерки на највлијателните централни банки ќе придонесат за стабилизирање на цените на светките берзи за храна и за енергенти, кои изминативе месеци достигнуваат историско највисоко ниво, останува да се види. Особено што некои од меѓународните економски експерти сметаат дека моменталниот инфлаторен притисок, покрај кризата што произлезе од војната во Украина, многу повеќе се должи и на преголемото количество долари и евра што беа инјектирани во економијата од страна на централните банки на САД и на ЕЦБ, главно за намалување на негативните последици од затворањето на цели стопански гранки, поради пандемијата на ковид. Конкретно, Европската централна банка на почетокот на пандемијата ги смени и условите за позајмување кредити, кои беа најпогодени од здравствената криза, а тоа беа малите и средните претпријатија.

Во економските и стручните кругови од поодамна се забележува дека ФЕД ја користи монетарната политика, првенствено за сопствени цели, преку секојдневното печатење долари, а со тоа американската економија се стекнува со „повластени“ позиции во нарушената светска конкуренција. Сите земји со кои САД имаат развиени трговски односи можеа да сметаат на парите од централната американска банка, секако преку националните финансиски институции. Според некои објавени податоци, активата на ФЕД, која се состои од купени обврзници, трезорски записи и разни кредити за американскиот буџет и на други странски правни лица, од четири милијарди долари во 2019 година пораснала на 8,2 милијарди долари на почетокот на август во 2021 година. Обемот на интервенција на ФЕД на финансиските пазари во текот на пандемијата, кога беше објавена во март 2020 година, се гледа низ двоцифрената стапка на раст на активата на централната банка за само една недела!
Петар Гошев, економскиот аналитичар и поранешен гувернер на Народна банка на Македонија, вели дека не се исполнија прогнозите дека со ставањето под контрола на пандемијата, економијата повторно ќе ја фати нагорната линија и дека инфлацијата ќе се смири. Напротив, како што вели тој, на светската економија, или на онаа во најразвиениот дел од светот, повторно ѝ се заканува состојбата од седумдесеттите години на минатиот век, означена со терминот „стагфлација“ – застој или пад на економската активност, проследен истовремено со поголем или помал раст на цените.
– Тоа што беше клучно за порастот на цените, за време на коронавирусот, продолжи и подоцна. Во такви околности нормално беше централните банки да дејствуваат заради зачувување на работните места и да спречат пад на економијата. Централните банки преку програмите за субвенционирање дејствуваа на страната на побарувачката, со што влијаеја и на порастот на цените. Носителите на монетарните политики во големите земји се раководеа од тоа дека ваквата состојба ќе трае привремено. Затоа и внимаваа да не дејствуваат преостро со мерките, за да не се предизвика пад на економијата, односно да се влезе во рецесија. Но на ценовната нестабилност се надоврза и растот на цените на енергентите поради настаните во Украина. Централните банки се обидуваат да дејствуваат на смирување на цените преку корекција на каматните стапки и други монетарни мерки, но прашање е до каде можат да одат со таа политика. Стравот да не се влезе во фазата на стагфлација е сѐ уште присутен. Македонската централна банка ги следи политиките на Европската централна банка, во примената со класични мерки од монетарната политика за стабилизирање на инфлациските текови. Но ставот на економистите е дека проблемите со високите цени се поттикнати од страната на понудата на производите и енергентите, како последица на економската војна меѓу Западот и Русија, покрај класичната, која се води во Украина – ни изјави Петар Гошев.
Во однос на тоа како може централната монетарна власт да дејствува на домашната инфлација, Гошев објаснува дека Народната банка може да ја скроти, но само по неприфатлива цена, зашто таа може да дејствува врз побарувачката, но не и врз понудата на основните продукти и на понудата на енергијата.
Голем број централни банки го започнаа нормализирањето на монетарната политика како одговор на растечката инфлација и подигнувањето на инфлациските очекувања – изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во своето последно интервју за македонските медиуми.
Народната банка, како и многу централни банки, започна со нормализирање на монетарната политика како одговор на растечката инфлација и подигнувањето на инфлациските очекувања. Сепак, покачувањето на основната камата е умерено и постепено, затоа не се очекуваат силни и нагли промени во каматната политика на банките.

– Сепак, ова не се вообичаени услови во кои централните банки реагираат на прекумерната побарувачка што ја подгрева инфлацијата. Станува збор за појава на инфлација што во најголем дел ја поттикнуваат фактори на страна на понудата и кои во комбинација со постпандемичното закрепнување на побарувачката, придонесуваат за значително забрзување на инфлацијата во глобални рамки. Овој ценовен шок трае подолго и е релативно силен, па оттаму се пренесува и на другите цени и на инфлациските очекувања, што упатува на потреба од водење претпазливи домашни политики – изјави гувернерката Ангеловска-Бежоска. М.Ј.