Фото: Маја Јаневска-Илиева

Цените на становите во земјава, како и на глобално ниво, постојано растат, а познавачите велат дека нема можности да се намалат, пред сѐ, поради високите трошоци за материјали и за работна рака

Станбеното прашање во глобален фокус на интерес

„Најдобра инвестиција е купувањето недвижности“. Оваа реченица како „мото“ очигледно сѐ почесто е слушана меѓу македонските граѓани, кои „вишокот средства“ најмногу ги инвестираат во купување станови. Последните години има енормна експанзија на новоградби, кои, според укажувањата на градежниците и на агенциите за недвижности, се трошат како алва. Цените на становите во земјава континуирано растат, а познавачите велат дека нема можности да се намалат поради високите трошоци, пред сѐ, за материјали и за работна рака.

Македонците најмногу инвестираат во станови

Во Македонија, иако сме мала и послабо економски развиена земја, цените на недвижностите во последниве години имаат вртоглав раст. По наглиот пораст, кој се случи по ковид-пандемијата, и годинава се регистрираат повисоки цени кај недвижностите. Во третиот квартал цените на недвижностите се зголемиле за осум проценти, што е пониско во споредба со вториот квартал кога цените на имотите пораснаа за 11 проценти, во согласност со податоците на Народната банка.
Сепак, и покрај растот на цените на становите, инволвираните велат дека интересот за купување не стивнува, особено на помали станови меѓу 50 и 60 квадратни метри. Иако пописот на населението од пред две години покажа дека од вкупно 839.174 стана, 531.987 или 63,4 отсто се населени, а 307.187 или 36,6 отсто се ненаселени, ова не е пречка луѓето и понатаму да купуваат станови со несмален интензитет.
Сопственик на една агенција за недвижности во главниот град вели дека побарувачката е задоволителна и оти не забележува знаци за намалување.
– Малите станови брзо се продаваат, ретко се случува некој да стои непродаден неколку месеци. Станови меѓу 50 и 60 квадратни метри се продаваат најчесто и во изградба. Можеби цените се превисоки, особено ако се земе предвид дека има станови што се продаваат по цени над 2.000 евра, но, и тие се продаваат, поради што не очекувам трендот да се промени. Може ќе почнат да стагнираат, но намалување на цените не очекувам – вели нашиот соговорник, кој сакаше да остане анонимен.
Професорот Борче Треновски неодамна објасни дека ковид-кризата и периодот по неа предизвика зголемен интерес за инвестиции во недвижности, кои важат за сигурен пласман на парите на граѓаните.
– Иницијалните сигнали за пораст на цените на недвижностите почнаа од крајот на 2021. Период кога беа ниски приносите на штедењето (каматите), а пристапот до кредити беше можност да се задолжиме полесно и поевтино, поради што и луѓето ги гледаа недвижностите како поволна инвестициска алтернатива. Ковид-пандемијата дополнително ја зголеми побарувачка за недвижности. За време на пандемијата, граѓаните се воздржуваа од трошење, што доведе до пораст на нивните заштеди, па често со одложен ефект се бараа алтернативи за инвестирање, една е недвижниот имот. Енергетската криза и војната во Украина влијаеја на инфлација и во услови кога паричните средства ја губат својата вредност додадоа масло на огнот и значајно стимулираше побарувачката за недвижности во нашата земја – укажува Треновски.
Професорот појасни дека секој што имаше определена заштеда во периодот по кризите почна да размислува за вложување во недвижност, а оние што немаа доволно ги комбинираа своите заштеди со станбени кредити. Кон ова придонеле и инвестиции на одредени субјекти што купуваат станови за изнајмување, но и поради купувањето на становите од страна на странски граѓани.

Новиот раст на цените низ Европа создава недостиг од станбен простор

Состојбите не се поразлични ниту кај нашите соседи. Цените на недвижностите се во континуиран раст, а би се рекло дека најголем подем имаат во Белград. Таму цените на недвижностите на најатрактивните локации достигнаа и до 9.000 евра за квадратен метар. Од друга страна, според српските медиуми, на периферијата на градот може да се купи недвижен имот по цена и од околу 1.000 евра. Раст на цените има и во соседна Албанија и Косово, иако и овие земји се соочуваат со масовно иселување и празни станови.
Слична ситуација се забележува и низ европските земји. Деновиве сме сведоци на протестите што се одржуваа низ Шпанија поради, како што посочуваа самите организатори, енормниот раст на цените на недвижностите, но и на цените за изнајмување на станови, што, според нив, се должи на масовниот туризам. Но проблемот не е забележан само во Шпанија, напротив, голем дел од земјите, како Франција, Англија, Германија, се соочуваат со недостиг од станбен простор. Граѓаните се соочуваат со тешкотии да најдат соодветен „дом“. Дел од нив се соочуваат со превисоки цени за купување на недвижностите, додека друг дел со превисоки кирии.
Последните статистики од Евростат покажуваат дека во вториот квартал од 2024 година, цените на куќите, мерени со индексот на цените на куќите, се зголемиле за 1,3 процент во еврозоната и за 2,9 отсто во ЕУ во споредба со истиот квартал од претходната година.
– Меѓу земјите членки, шест покажаа намалување на цените на куќите во вториот квартал од 2024 година, а дваесет забележаа годишен пораст. Најголеми падови се регистрирани во Луксембург со намалување од 8,3 отсто, Финска со пад на цените за 4,8 проценти и Франција каде што куќите поевтиниле за 4,6 отсто. Од друга страна, најголем пораст е забележан во Полска, каде што домовите поскапеле за 17,7 проценти, потоа Бугарија, каде што зголемувањето е за 15,1 отсто. Голем раст е регистриран и во Литванија, каде што има пораст на цените за 10,4 проценти и Хрватска, каде што поскапувањето е точно 10 отсто – соопшти неодамна Евростат. Е.Р.


Дополнителни такси за одбивање туристи

Сѐ повеќе се шири антитуристичкото движења во Шпанија, медитеранска земја што минатата година ја посетиле 85 милиони туристи, па властите се обидуваат да ги усогласат интересите на локалното население и профитабилниот сектор. Жителите се жалат дека поради порастот на сместувањето на платформите за краткорочно изнајмување, како што е „Ербиенби“, им недостига станбен простор. Посочуваат дека кириите им се покачени, особено во градовите, а приливот на туристи ја зголемува и бучавата и ја загадува животната средина.
Како одговор, неколку града презедоа мерки за да се обидат да ја ограничат пренаселеноста. Северниот крајбрежен шпански град Сан Себастијан ја ограничи големината на туристичките групи во центарот на 25 луѓе и ја забрани употребата на звучници за време на турите. Јужниот град Севилја најавува такса за нерезиденти за влез во Плаза де Еспања. Барселона ја отстрани од „Гугл мапс“ автобуската линија популарна кај туристите, за да се обиде да направи повеќе простор за локалното население. Е.Р.


Движење на цените на недвижностите во Македонија, Народна банка

1. квартал 2021 3,0
2. квартал 2021 4,1
3. квартал 2021 5,7
4. квартал 2021 11,3
1. квартал 2022 12,4
2. квартал 2022 16,5
3. квартал 2022 21,3
4. квартал 2022 20,5
1. квартал 2023 18,9
2. квартал 2023 13,0
3. квартал 2023 11,1
4. квартал 2023 6,9
1. квартал 2024 4,6
2. квартал 2024 11,5
3. квартал 2024 8,00