Цените на електрична енергија за домаќинствата од 1 јули во прв блок останува иста, во втор блок има зголемување од 0,85 отсто, во трет блок од 1,92 отсто и во четвртиот блок ќе има зголемување од 1,88 отсто, додека евтината струја ќе се зголеми за 0,65 отсто, информира Регулаторната комисија за енергетика.
Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, посочи дека со ова за 88 отсто од домаќинствата кои што влегуваат со потрошувачка во прв и втор блок нивниот трошок за електрична енергија ќе се зголеми за 0,4 отсто. За 8 проценти од домаќинствата кои што имаат потрошувачка и во трет блок нивниот трошок на месечно ниво ќе се зголеми за 0,48 отсто и за 4 отсто од домаќинствата кои што влегуваат со потрошувачка и во четвртиот блок, нивниот трошок ќе се зголеми за 0,57 отсто.
– Да донесеме ваква одлука, каде што реално нема никакви промени. Зголемувањето на цената за најголемиот дел од потрошувачите од домаќинствата е под 0,5 проценти, ни овозможи тоа што со ЕВН Хоум му дадовме насока 15 проценти од количините кои што не се обезбедени да ги набавува на берзата на електрична енергија што функционира во Македонија, во периодот кога цената на електричната енергија е близу до цената што ЕСМ ја понуди на тендерот од 60 евра за мегават час и дополнително измените на Законот за енергетика што поминаа во вторникот во Собранието овозможија да се примени новата цена на маржата што сега е 9,9 проценти, а претходно беше 11,5 проценти – појасни Бислимоски.
Новата цена на електрична енергија е на сила од 1 јули 2024 година.