Предлог-буџетот стигна пред пратениците
- Ова ќе биде досега највисок буџет на земјава и приходите вкупно се проектирани на 374,7 милијарди евра или износ од 6,1 милијарди евра.
Од друга страна, планот за расходи покажува дека ќе се потрошат рекордни 413,9 милијарди денари или 6,7 милијарди евра. Една од клучните ставки се капиталните инвестиции, за кои Владата планира 40,5 милијарди денари (650 милиони евра)
Предлог-буџетот за 2026 година веќе е доставен во Собранието, а во него, според најавите на владините претставници, се опфатени клучните политики што ќе се спроведуваат, кои, пак, целат кон забрзување на економскиот раст и постепена фискална консолидација.
Економскиот раст за следната година е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП, со предлог-буџетот за 2026 година, усвоен на седница на Владата.
Всушност ова ќе биде нов историски највисок буџет на земјава и приходите вкупно се проектирани на 374,7 милијарди евра или износ од 6,1 милијарди евра. Од друга страна, планот за расходи покажува дека ќе се потрошат рекордни 413,9 милијарди денари или 6,7 милијарди евра.
Една од клучните ставки се капиталните инвестиции за кои Владата планира 40,5 милијарди денари (650 милиони евра).
Консолидиран и реален буџет
Ова е планот на Владата за финансирање на функциите на државата во 2026 година. Новиот буџет веќе е пред пратениците и процедурата за усвојување ќе почне по завршување на локалните избори.
– Буџетот за 2026 година е планиран да биде консолидиран и реален, и обезбедува одговорно управување со јавните финансии и одржливо ниво на буџетски дефицит и јавен долг. Притоа во текот на 2026 година се планирани: строга контрола на преземањето нови обврски и почитување на буџетските принципи на економичност и ефикасност, нови вработувања во согласност со буџетските можности, подобра наплата на сопствените приходи од страна на буџетските корисници, рационално користење на јавните средства, реално планирање и навремена реализација на капиталните расходи, редизајнирање на системот на субвенции и социјални трансфери со построги критериуми, засилена фискална дисциплина и транспарентност, како и дигитализација на процесите за поефикасни и поквалитетни јавни услуги – пишува во документот доставен до пратениците.
Се поставуваат прашања за тоа како буџетот ќе биде ставен во функција на ветувањата за развој на државата, односно дали најголем дел од парите ќе одат за социјални потреби, како што беше случај досега.
– Вистинскиот предизвик е прашањето дали ќе има посилна фискална консолидација и придржување кон буџетските правила на среден рок. Дефицитот во Македонија е структурен, а не цикличен, што значи дека не произлегува од економски шокови, туку од трајна нерамнотежа меѓу приходите и расходите. За постигнување посериозна консолидација и почитување на фискалните правила, се потребни потемелни реформи на расходната страна. Постизборниот период може да биде добра можност за свеж почеток и храбри одлуки – вели Благица Петрески, економистка и директорка на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Визија за насочување кон инвестиции
Таа укажува дека има простор за реформи и додава дека треба да се посвети соодветно внимание на социјалните трансфери.
– Има многу простор за реформи и тие можат да се насочат на повеќе фронтови, на пример, кај социјалните трансфери да се направи ревизија на критериумите и модел за транзиција на корисниците од системот на пазарот на трудот, потоа пензиската реформа, со цел подобра одржливост и намалување на зависноста од централниот буџет, реформа на државната помош и субвенциите, преку процена на ефективноста и фокус на оние со најголем ефект и, секако, платите во јавниот сектор, кои треба да бидат поврзани со продуктивноста и резултатите – вели Петрески, посочувајќи дека само преку вакви структурни зафати буџетот може да стане инструмент за долгорочна стабилност, а не само механизам за тековно финансирање.
Професорот Абил Бауш предупредува дека ако новите задолжувања не се насочат кон реални инвестиции и се искористат само за враќање стари долгови, државата ризикува да ја изгуби финансиската стабилност.
– Повторно се гледа дека ние не можеме да ги консолидираме нашите буџетски приходи и расходи, нашата активност во собирањето пари ни оди послабо, а од друга страна ова е показател дека треба да се вклучи црвениот аларм, со тоа ќе бидеме попретпазливи дека нашиот долг би можел да ја помине границата од 60 отсто, таа е онаа уставна категорија, и тогаш би било навистина проблем за самата држава да ги враќа тие средства – истакнува Бауш.
Од каде ќе доаѓа најголемиот прилив во државната каса?
Документот доставен пред пратениците открива дека Владата очекува раст кај најголем дел од ставките на приходната страна.
Па така, кај приходите, од данокот на личен доход за 2026 година се очекуваат приливи во висина од 38,8 милијарди денари, што е раст од 8,7 проценти во однос на планираните приходи за 2025 година. Овие приходи е планирано да имаат учество од 18,1 отсто во вкупните даночни приходи и 3,5 проценти во БДП.
Што се однесува, пак, до данокот на добивка, во оваа категорија се очекува прилив од 26,6 милијарди денари, што претставува раст од 14,1 проценти во споредба со планираните приходи за 2025 година.
– За 2026 година, приходите од ДДВ, се проектирани на 92,5 милијарди денари, кои се засновани на предвиденото зголемување на потрошувачката, како резултат на реално расположливиот доход. Исто така, во периодот што следува, планирано е зголемување на приходите по основа на данок на додадена вредност поради измените и дополнувањата во Законот за данокот на додадена вредност и воспоставување на терминот „даночен застапник“, како и продолжување на усогласување на Законот за ДДВ со ЕУ-директивата за ДДВ. Овие приходи ќе учествуваат со 43,2 отсто во вкупните даночни приходи и со 8,3 проценти во БДП – се потенцира во документот доставен во Собранието.
Приходите од акцизи во 2026 година се предвидени да достигнат 35,8 милијарди денари, што претставува раст од 1,3 отсто во однос на 2025 година. Буџетот за 2026 година предвидува приходи од царински давачки, вклучувајќи го и данокот на моторни возила, во износ од 16,6 милијарди денари, што претставува пораст од 2,1 отсто во однос на претходната година. Другите даночни приходи, вклучително и сопствените приходи на буџетските корисници, се предвидени да учествуваат со незначителни 1,8 процент во вкупните даночни приходи и 0,3 отсто во БДП.
Наедно во буџетот за 2026 година е планирано да се остварат: неданочни приходи, по основа на административни такси, концесии и други неданочни приходи на сопствени сметки од околу 29 милијарди денари. Потоа капитални приходи по основа на продажба на земјоделско земјиште и општествени станови, како и по основа на планирана дивиденда од АД „Македонски телеком“ од околу 2,5 милијарди денари и донации за конкретни проекти и од повлекувања од претпристапните фондови на ЕУ планирани на ниво од 7,4 милијарди денари. Е.Р.

































