НОВИОТ НАЧИН ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО КАКО ПОВОД
Новиот начин на субвенционирање на земјоделското производство доаѓа во период кога македонските производители и земјоделци се соочуваат со високите трошоци и најавуваат натамошен раст на цените на млечните производи. Колку новиот начин на субвенционирање ќе го зголеми домашното производство, но истовремено ќе придонесе и за поевтина храна
Во периодот што следува граѓаните ќе ја плаќаат поскапо храна, поради натамошниот пораст на цената на енергентите и земјоделските производи, посебно на основните животни продукти. Експертите предупредуваат дека времето на евтина храна помина, а највисоката точка на кризата со храната се очекува во следните две години.
Македонските производители и земјоделци се соочуваат со високите трошоци и најавуваат натамошен раст на цените на млечните производи до крајот на годината за околу 20 отсто, доколку не се преземат сериозни мерки, со кои би се помогнале домашните земјоделци и сточари. Во незавидна положба со снабдувањето со храна би се нашле помалите земји, пред кои стои обврската за подобро искористување на сопствените ресурси со кои располагаат. Во таа насока и со цел пресретнување на сите предизвици се и последните измени на начинот на одобрување на субвенциите за земјоделците, што неделава беше презентиран од Министерството за земјоделство на Македонија. Колку новиот начин на субвенционирање ќе го зголеми домашното производство, но истовремено ќе придонесе и за поевтина храна
– Буџетот за земјоделството нема да се намалува, посебно не сега, во време на криза. На секој начин имаме обврска да креираме политики за граѓаните да не се грижат и да имаме доволно храна. Според ФАО, борбата ќе биде за доволно храна од една страна, но од друга, може да заборавиме на евтина храна, поради поскапувањето на репроматеријалите – нагласи министерот Љупчо Николовски, кој потсети дека Владата уште пред кризата го донесе Националниот план за производство на храна.
Според очекувањата на извршната власт, новиот модел на субвенционирање дава одговор и решение на сите утврдени слабости во досегашниот систем на финансиска помош на домашните земјоделски производители. Стариот систем за субвенционирање, според кој земјоделците добиваа субвенции без да прикажат доказ дека оствариле производство, се заменува со нов, кој ги обврзува да докажат дека имаат остварено и предадено производство. Во иднина, земјоделците преку Програмата за финансиска поддршка авансно би добивале основна субвенција наменета за одржување на земјиштето во обработлива состојба. Основната субвенција би ја добивал секој земјоделец што обработува земјоделска површина, кој ќе посее едногодишна култура или одржува траен насад, земјоделец што ќе поднесе барање и кој ги исполнува пропишаните минимум критериуми без услов за предадено производство. Можност за авансна исплата на дел од основните субвенции се предвидува и кај сточарството.
Во новиот систем ќе има и дополнителна субвенција за стратегиски утврдените култури и производи. Дополнителната субвенција е врзана со остварен принос, но и со предавање на производството во регистрирани домашни капацитети или со искористување на производството за сопствена продукција на финални производи регистрирани за продажба од куќен праг.
– Новиот модел за субвенционирање ќе ги даде очекуваните резултати. Примерот со сончогледот – оваа година како пилот-проект го направивме на предложениот нов концепт, врзувајќи ја исплатата на субвенциите за сончоглед со остварен принос и предавање на производството во домашни капацитети, поттикнувајќи го договорното производство. На овој начин оваа година успеавме да го дуплираме производството на сончоглед од 6.000 на 12.000 тони токму поради договорното производство. Договорното производство ја јакне и довербата меѓу земјоделците и откупувачите и само така можеме да имаме уште поголеми резултати во земјоделскиот сектор – вели министерот Николовски.
Според последните податоците на Државниот завод за статистика, лани во споредба со 2020 година, вкупниот број на говеда бил намален за 20,1 отсто. Лани, пак, било произведено најмалку млеко во изминатите пет години. Во 2017 биле произведени 334.140 литри млеко од крави, во 2020 годишното производство достигнало до 405.717 литри, а лани се намалило на 326.523 литри млеко. Затоа и новите мерки се насочени кон субвенционирање на основните репродуктивни грла, односно тие што ќе даваат месо и млеко и тука е предвидено зголемување на субвенциите, кај овците од 1.000 на 1.700 денари и кај млечните крави од 3.000 на 4.000 денари.
Од Федерацијата на фармери на Македонија не направиле сериозни анализи колку новата политика на Министерството за земјоделство ќе ги поттикне македонските сточари за зголемување на своите стада со крави и овци. Но како што ни изјавија нивните членови, во овој момент има сѐ помалку млеко, додека во исто време поскапуваат горивата и суровините, а се соочуваат и со недостиг од квалификувана работна сила.
Дополнителен проблем за Македонија е што земјата е претпоследна во Европа по принос на пченица и меѓу последните по принос на пченка. Тоа е резултат на еколошкиот потенцијал и ограничениот капацитет, вели професорот на земјоделскиот факултет во Скопје, Ордан Чукалиев.
– Ние и онака не располагаме со ресурси да произведеме доволно количество храна. Кога зборуваме за храна, говорам за оние основни продукти што ја претставуваат храната, како што се зрното и скробот, шеќерот и маслото. Ние дваесет години немаме шеќерна репка. Сончогледот долги години беше паднат на срамни површини. Сега нешто се враќа. И дали ние можеме да ги вратиме тие култури, можеме, но никогаш нема да може да ги вратиме во количества што ни се потребни, бидејќи кога сме произведувале најмногу не сме ги имале сите количества што ни биле потребни – вели Чукалиев.
Чукалиев додава дека земјата може да произведува други типови земјоделски производи, кои имаат многу повисока вредност: „Исто така имаме проблем со наводнување, имаме проблем со неплодни почви. Имаме многу проблем со многу топла клима, која не одговара. Приносот на пченицата кај нас се намалува“.
Поради намалување на производните трошоци за храна, од 100 до 150 компании од прехранбената индустрија ќе бидат префрлени на регулираниот пазар. Оваа мерка би важела од 1 декември 2022 година, најави министерот за економија Крешник Бектеши, како дел од програмата за справување со високата инфлација во земјата во делот на храната. Обврската на домашните производители на храна е да ги намалат цените на основните прехранбени производи, за делот на субвенционираната потрошувачка на струја. М.Ј.