Во текот на енергетската криза во овие три-четири години АД ЕСМ имаше предизвик да ја снабдува земјава со електрична енергија и за тоа се потрошија парите што евентуално би ги инвестирало во нови енергетски капацитети. Тие средства беа дадени за субвенционирање на цената на електричната енергија за граѓаните и стопанството. За таа намена, како што истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на денешната средба со новинарите, отидоа 400 милиони евра и токму тоа е причината што се бараат стратешки инвеститори за да инвестираат во нови енергетски производствени капацитети во земјава, објави МИА.
Како што информира Битиќи, Законот за стратешки инвестиции беше изгласан пред пет години, а на последниот повик што се затвори на 31 јануари 2023 година имаше над 16 различни апликации од кои осум имаат добиено статус на стратешки инвеститор што во принцип не значи ништо, односно само дека со нив се влегува во фаза на преговори. Од нив седум се од областа на енергетиката, а еден од областа на туризмот кој е заинтересиран за инвестиции во скијачкиот центар Попова Шапка. Со четири, сите во делот на енергетиката, веќе се завршени преговорите и утре на собраниска седница треба да се разгледаат предлог законските решенија за добивање статус стратешки инвеститор. Сите четири потенцијални стратешки инвеститори веќе имаат доставено банкарска гаранција, а според бизнис плановите кои ги имаат доставено вкупно ќе инвестираат 786 милиони евра.
– Нема две инвестиции за исто место. Со нивната реализација државата ќе добие енергетска независност заради долгорочната предвидливост за цените на електричната енергија по која ќе им се откупува производството што ќе ја има со договорите за нивна реализација. Договорено е целата произведена струја од фотонапонскиот парк „Стипион“ со инсталиран капацитет од 400 мегавати и предвидена инвестиција од 270 милиони евра, во следните 30 години да ја откупува ЕСМ по гарантирана цена од 56 евра за мегават час, а балансирањето да оди на заеднички товар на АКУМА и ЕСМ 50 спрема 50 отсто. На таа цена ќе може да се додаде и годишна инфлација од максимум 2 отсто, но согласно инфлацијата на еврозоната – рече Битиќи.
Со „Митилинеос“, гасна когенеративна електрана, инвестиција со планирана вредност од 290 милиони евра што треба да се гради на државно земјиште во скопската железарница за што е потребно да е направи индустриска зона, договорена е формула за пресметка на цената на електричната енергија што ќе се откупува во наредните 20 години со која ќе биде најмалку за 5 отсто пониска од пазарната. Капацитетот треба да има инсталирана моќност од 165 мегавати и годишно производство од 1.100 мегават часови електрична енергија и ќе биде добра за балансирање на системот. Дополнително топлинска енергија што ќе ја произведува ќе и ја продава на државата за 40 отсто поевтино од пазарната цена. За државното земјиште ќе дава закуп од 0,1 евро по квадратен метар и две евра годишно по квадратен метар за одржување. По реализираната инвестиција ќе добие 50 милиони евра државна помош распоредена во рати во период од пет години. Потребно е да се изгради само еден километар цевковод за да се спои со постојниот топловоден систем во Скопје.
Откако ќе заврши државниот закуп на земјиштето стратешките инвеститори ќе треба објектите да и ги отстапат на државата за едно евро за квадратен метар.
Моменталната производна цена на ЕСН во РЕК „Битола“ е 110 евра по мегават, а на ниво на цела компанија е 90 евра, додека на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум му ја продава за 58 евра за мегават.
Вицепремиерот најави дека очекува конечно земјава да излезе од криза и токму затоа АД ЕСМ започна со иницијативи за сопствени инвестиции. Веќе има потпишано меморандум со американската компанија „Џенерал електрикс“ за изградба на гасна електрана во ТЕЦ Неготино со инсталиран капацитет од 800 мегавати и во РЕК Битола за дополнителни 300 мегавати. Покрај тоа со САД и Велика Британија водат и преговори за инсталирање на мали нуклеарни реактори во земјава чија цена изнесува околу две милијарди евра за инсталиран капацитет од 470 мегавати.
На дневниот ред на утрешната 140. седница на Собранието се ставени Предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект „Митилинеос“, когенеративна постројка Скопје, по скратена постапка, Предлог-законот за реализација на Стратешкиот инвестициски проект „Соларен парк Стипион“ и Договор за стратешки инвестициски проект „Соларен парк Стипион“, по скратена постапка, Предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ, по скратена постапка и Предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект соларна електрична централа – Пехчево, по скратена постапка.
Здружението на инженери на Република Македонија (ИНРМ) вчера достави допис и упати електронска порака до секој пратеник во Собранието поединечно, со кои бараат да не даваат поддршка на четирите, како што велат, штетни предлог закони за реализација на стратешки енергетски инвестициски проекти зашто го нарушуваат енергетскиот суверенитет на државата.
– Свесни сме и сигурни дека енергетските проекти можеме и мораме да ги реализираме со сопствени сили. Тие мораат да бидат наши македонски, со цел да се зајакне енергетскиот суверенитет на Македонија, како еден од клучните фактори за нејзиниот државен суверенитет. Договорите кои се составен дел од овие четири предлог закони се штетни по нашата економија и ќе предизвикаат финансиски колапс на Македонија. Со многу помали ризици и со многу поекономичен приод тие проекти може нашата држава самостојно да ги реализира. Само „Митилинеос“ добива загарантиран профит од над 40 милиони евра годишно и ќе има чист профит од најмалку 1,2 милијарди евра за 30 години колку што трае договорот за стратешко партнерство, а по 30 години не мора да и ја врати електраната на Македонија – им порачаа од ИНРМ на пратениците.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Марко Бислимоски, пак, вчера порача дека со влезот на стратешките енергетски инвестиции ќе се зголеми енергетската независност на земјава и ќе се преполоват сметките за парно.