Поради дефекти во електродистрибутивната мрежа без електрична енергија се делови од Куманово, Битола и скопската општина Ѓорче Петров.
Центарот за управување со кризи, повикувајќи се на информации од ЕВН Македонија, информира дека без струја се дел од централното градско подрачје во Битола и Домот на култура, како и Долно Оризари и Карамани, додека во скопската општина Ѓорче Петров без струја се дел од Новоселски пат, дел од Волково, Орман и Никиштани.
Во општина Куманово без струја утринава се Деловце, Длабочица, Драгоманце, Жеглане, Малотино, Осиче, Арбанашко, Кокино и Буковјане.
Дефект во трафостаницата „Битола 3” , синоќа и денеска предизвика дел од битолското градско подрачје, како и населените места Долно Оризари и Карамани да останат без електрична енергија.
Од ЕВН Македонија за МИА информираат дека екипите веднаш излегле на терен, но дека дефектот е комплексен.
– Снабдувањето со електрична енергија се нормализираше уште вчера, а дел од корисниците, за жал, се уште се соочуваат со прекин во снабдувањето бидејќи дефектот е многу комплексен. Екипите се уште работат на санација на овој дефект од посериозни размери – соопшти Вјоса Селими, портпаролка на ЕВН Македонија.
Се очекува во текот на денот снабдувањето со електрична енергија да се нормализира.