Министерството за финансии денеска соопшти дека вкупните приходи во 2022 година се реализирани со 99 проценти од проектираното, а расходите се нешто пониски од очекуваното. Буџетскиот дефицит е понизок за 117,6 милиони евра во однос на проектираното или во споредба со 2021 година за 8,7 проценти. Реализацијата на капиталните расходи е 88 проценти или за над 85 милиони евра повисока во однос на 2021 година.
Во текот на минатата година е остварен и поврат на ДДВ повисок за 208 милиони евра во однос на претходната година.
– Наплатата на давачките одеше согласно планираното, дури кај некои од даноците имавме значително натфрлање во однос на проекциите, како кај данокот на личен доход и кај данокот на добивка со 105,4 проценти и 117,8 проценти реализација, респективно. Во 2022 година, остварени се вкупни приходи од 243,1 милијарди денари, а реализацијата е многу блиска со проекцијата и изнесува 98,92 проценти. Вкупните приходи се повисоки за 11,5 проценти во однос на 2021 година – вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
Ова, според Бесими, во голема мерка се должи на даночните приходи и придонесите, кои минатата година се реализирани со високи 99,3 проценти или 220,2 милијарди денари, односно за 12,2 проценти повисоко во однос на 2021 година.
– Реализацијата на даноците е 99,7 проценти или 140,5 милијарди денари. Реализацијата кај ДДВ е 94,6 проценти, а блиска е реализацијата и кај акцизите со 94,7 проценти. Наплатата на даноците во 2022 година е за 13,1 проценти подобра во однос на претходната година, со најголемо натфрлање кај данокот на добивка за 45,1 проценти, но и подобра реализацијата кај данокот на личен доход за 16,1 проценти и на ДДВ за 11,3 проценти во однос на 2021 година. Повратот на ДДВ во 2022 година е повисок за 42,7 проценти во однос на претходната година, додека во однос на 2020 и 2019 е повисок за над 70 проценти – информира ресорното Министерство.
Реализацијата на придонесите е 77,62 милијарди денари или 98,8 проценти од очекуваното, што во најголема мера се должи на придонесите од плати за пензиско и инвалидско осигурување со наплата од 50,6 милијарди денари. Придонесите се повисоки за 9,9 проценти во однос на 2021 година.
Натфрлена е реализацијата и на неданочните приходи со 101,3 проценти или 17,27 милијарди денари.
– Минатата година редовно и навремено ги сервисиравме сите обврски, а дополнително беа одвоени средства за антикризни мерки, за поддршка на граѓаните и на стопанството. Вкупните расходи се реализирани нешто пониско од проектираните и истите изнесуваат 278,59 милијарди денари или 96,57 проценти од проекцијата, со што и буџетскиот дефицит е понизок од проектираното. Тековните расходи се остварени со 97,67 проценти. Расходите за плати и надоместоци се реализирани со 98 проценти, додека за стоки и услуги 87,9 проценти, каде се рефлектираат и донесените мерки за штедење. Трансферите се реализирани со 98,8 проценти – вели министерот Бесими.
Капиталните расходи на крајот од 2022 година имаат реализација од 87,9 проценти или 28,64 милијарди денари и се повисоки за 22,3 проценти во споредба со 2021 година.
– Дефицитот е реализиран со 83 проценти од планираното, односно околу 35,500 милијарди денари, што е за 7,23 милијарди денари пониско во однос на проектираното за 2022 година. Дефицитот е понизок за 3,4 милијарди денари или за 8,7 проценти помалку во однос на лани. Ова е согласно нашата определба како Влада секоја година постепено да го намалуваме буџетскиот дефицит во функција на фискална одржливост – нагласува министерот Бесими.