Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) денеска донесе вонредна одлука за цените на нафтените деривати со која се намалуваат цените на бензините за два денари, а условот да се намали дизелот се уште не е исполнет, информира претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
– Во изминатиот период имаше голем број на шпекулации за начинот на формирање на цените на нафтените деривати. РКЕ ги следи цените на медитеранската берза и за тоа од ПЛАЦ добива потврда за секој нафтен дериват посебно за бензин, посебно за дизел, посебно за екстра лесно, посебно за мазут. Цената на бренд нафтата ние не ја земаме во предвид бидејќи, за жал, во државата немаме рафинерија која што произведува нафтени деривати. Од овие причини со новата методологија ги земаме во предвид цените на бензините посебно, цените на дизелот посебно, посебно на екстра лесното и посебно на мазутот – рече Бислимоски на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека во август имаше драстична промена на односот цена на бензин и на дизел на светски берзи.
– За првпат откога го пратиме ние овој сектор, цената на бензините е пониска од цената на дизелот не во Македонија, туку и на светските берзи. Овие податоци од ПЛАЦ коишто ги користиме имаме обврска како што ги преземаме така да ги применуваме. Доколку прекршиме кој било податок добиен од ПЛАЦ ќе бидеме изложени да плаќаме сериозни пенали во милионски суми. Нема теоретска шанса РКЕ да даде котација во еден ден која што е различна на ПЛАЦ. Дополнително истите тие податоци ги користат и сите трговци со нафта и нафтени деривати и доколку приметат дека ние работиме спротивно на податоците од ПЛАЦ ќе имаме сериозни проблеми – појасни Бислимоски.
Како што кажа со истите податоци работат и во Хрватска, во Црна Гора, Србија, Словенија.
-Тоа што го објавува ПЛАЦ од медитеранската берза ние го ставаме во нашите пресметки, земајќи го во предвид и курсот на доларот. Факт е дека последниве две-три недели курсот на доларот е речиси залепен до курсот на еврото. И тоа беа главни причини за зголемување на цената на дизелот. Ниту имало идеи намерно да се зголемува цената на дизелот, па заради тоа да се полни буџетот, сето тоа се шпекулации и невистини од највулгарен тип – истакна Бислимоски и додаде дека на овие влезни параметри цена на светски берзи и курс на долар се додаваат давачките коишто се кон државата.