Од понеделник екипите на ЕВН Македонија непречено ќе работат на терен во Општина Арачиново и на тој начин ќе почне да се наплаќа струјата во оваа Општина, но и на други места, изјави попладнево министерот за економија Крешник Бектеши по состанокот со градоначалникот Ридван Ибраими.
Министерот Бектеши рече дека вечер ќе прогласат кризна состојба во енергетскиот сектор на национално ниво, но и најави оти ќе побара од МВР и другите надлежни институции да постапат во сите општини каде има големи загуби на струја, бидејќи според него, тие се на товар на сите потрошувачи на електрична енергија. Загубите на струја, како што рече, се признаваат како трошок кога се одредува цената за струјата.
Бектеши вели оти е точно дека има загуби на електрична енергија во Општина Арачиново, меѓутоа, како што посочи, загуба има и во Куманово – 16,2 посто, Тетово 10,7 посто, Гостивар – 19,3 посто, Кичево -12,1 проценти, Скопје – 19,6 отсто. Министерот најави дека кај сите овие општини и останатите ќе се постапува согласно закон.
– Ги повикувам сите да ги почитуваат законите, одредбите од законите се со цел да не се направи штета во делот на снабдување со електрична енергија, но и во делот на електродистибутивниот систем, рече Бектеши нагласувајќи дека крадење на струја или незаконски приклучок во дистрибутнивната мрежа е кривично дело кое се санкционира согласно закон