Белиот леб не е поскапен во сите маркети, кај некои цената е 25 и 27 денари, рече министерот за економија Крешник Бектеши и уште еднаш апелира да не се крева паника меѓу граѓаните зашто ценовни шокови нема да има.
Бектеши очекува благо намалување на цените на основните производи, согласно Одлуката за трговските маржи кој од денеска стапи во сила, но засега е важно, подвлече, и дека нема поскапувања. Министерот е дециден дека недостиг на храна нема да има никако, ниту ќе се дозволат какви било манипулации со цените за товарот од кризата да падне на грбот на граѓаните.
-Важно е дека нема зголемување на цените како што објавија некои медиуми вчера и завчера, без да ги имаат влезните податоци и пред да се применува мерката. Може да проверите по супермаркети. Убеден сум дека, како со овошјето и зеленчукот чија цена е намалена, така ќе се случи и со другите производи. Инспеткоратот е на терен, очекуваме благо намалување на цените како што е предвидено со Одлуката – напомена Бектеши.
Тој апелира и да се води сметка како медиумите ја информираат јавноста зашто сега не е време, нагласи, за шпекулации и манипулации.
-Да бидеме внимателни, посебно во делот како ја известуваме јавноста. Затоа, конкретно да зборуваме, Кажете во кои маркети и кој леб е поскапен за пет денари, а јас точно и транспарентно ќе ви одговорам за секој вид леб и во кој маркет. Можам да ви дадам и фискални сметки од маркети каде што лебот е 25 и 27 денари – рече Бектеши на прес-конференција, одговорајќи на новинарски прашања.
Според него, има информации дека одредени производители ги зголемиле цените на лебот, но тие главно се движат од 25 до 30 денари.
-Тоа граѓаните може да го забележат и да одлучат каде ќе купуваат. Секако ние нема да дозволиме тоа да трае. Денеска е само првиот ден, во наредните денови сите производи ќе се вратат на цените согласно Одлуката за маржи. Нема да дозволиме да има шпекулации и манипулации – потенцира министерот.