Фото: Маја Јаневска-Илиева

Производството на автомобили во Европа во агонија, проблемите се наталожија, има нови најави за отпуштање вработени

Ќе има дополнителни програми за штедење – затоа што до 2030 година ќе видиме уште една голема промена во автомобилското производство. Тоа го истакнува претставник на германската компанија „Бош“, која соработува со најголем дел од автомобилските компании во Германија. Од компанијата најавуваат влошување на условите за работа, што ќе резултира со штедење. Проблемите во автомобилската индустрија во Германија, но и во цела Европа како да немаат крај. По фамата што се крена откако „Фолксваген“ најави можни отпуштања на вработени, но и распродажба на дел од фабриките, па дури и на фабрики низ Германија, како да се активира сирената за тревога. Потегот на „Фолксваген“ во суштина само ги извади на површина проблемите генерално во автомобилската индустрија.

Автомобилската индустрија во Германија слика за европската автоиндустрија

Дека автомобилската индустрија во Германија слабее покажуваат и резултатите на нивните доставувачи, меѓу кои и познатиот бренд „Бош“, од каде што најавуваат програми за штедење. Шефот на „Бош“, Стефан Хартунг, за германските медиуми посочува дека работниците мора да бидат свесни оти следува период на штедење.
– Ќе има дополнителни програми за штедење – едноставно затоа што до 2030 година ќе видиме уште една голема промена во автомобилското производство. Оваа промена во следните пет, шест, седум години е неизбежна бидејќи е од структурална природа – напомена Хартунг во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, но напомена дека е рано да се зборува за загуби на работни места.
Хартунг посочи оти ги разбира силните протести на претставниците на синдикатите против плановите за кратење на работните места.
– Вистина е дека никогаш претходно не сме морале да го оптоваруваме социјалното партнерство во „Бош“ со такви кратења на работните места. Јасно е дека не може да се очекува од вработените да навиваат кога некој планира да ги намали работните места. Но треба да се живее со тоа, а важно е сите да седнат заедно на крајот и да најдат заедничко решение – рече Хартунг.
Иако не е официјално, сепак, технолошката групација веќе најави дека ќе намалува работни места. До крајот на 2032 година, „Бош“ би можел да изгуби повеќе од 12.000 работни места низ светот. Во Германија се погодени 7.000 работни места. Неодамна имаше протести против плановите за намалување на неколку локации на германски „Бош“. Автомобилската индустрија е во криза поради слабата економија и страда од бавната побарувачка – особено за електричните автомобили.

Голем притисок за автоиндустријата предизвикуваат одредени внатрешни фактори

Шефот на „Бош“, Стефан Хартунг, се противи на ЕУ-забраната за употреба на конвенционалните мотори со внатрешно согорување и бара фундаментално пренасочување на европските регулативи за емисиите на автомобилите.
– Јас сум за ревизија на целата регулатива. Строгата забрана за мотори со согорување во 2035 година ќе предизвика големи нарушувања за потрошувачите – нагласува тој.
Шефот на „Бош“, исто така, се залага за измени на казните со кои ќе се соочат производителите на автомобили во 2025 година доколку вкупните емисии на продадените возила не се усогласат со ограничувањата на возниот парк пропишани од Европската Унија.
– Опасно е ако производителите на автомобили во Европа мора да плаќаат казни поради ограничувањата на возниот парк, додека производителите на други места во светот добиваат субвенции. Тоа е опасност за европската автомобилска индустрија – нагласи Хартунг.

Гнев поради строгите еколошки регулативи на ЕУ

Шефот на „Мерцедес“, г. Калениус, го имаше своето прво појавување во Брисел како новоизбран претседател на европската асоцијација на производители ACEA. Тој истакна дека е многу загрижен за строгите еколошки прописи на ЕУ.
– Производителите нема да ги доведуваат во прашање целите на Унијата за климатска неутралност до 2050 година. Но Европскиот зелен договор мора да биде подложен на проверка на реалноста и повторно да се усогласи – напомена врвниот менаџер на „Мерцедес“.
Но тоа не е сѐ. Калениус во писмото до Комисијата на ЕУ пишува: „Не е доволно само да се ревидира Европскиот зелен договор. Тој мора да оди рака под рака со холистичка индустриска стратегија, која ѝ помага на европската индустрија да ги изостри своите конкурентски предности“. За да се постигне тоа, на пример, мора да се расчисти регулаторната џунгла, подобро да се промовираат истражувањата и развојот и, пред сè, итно да се намалат цените на енергијата.
Германските медиуми пишуваат дека целите на „стратегискиот дијалог“ се формулирани нејасно. Степенот до кој Брисел всушност сака да ги смести производителите на автомобили што имаат потреба ќе стане јасно во наредните месеци. Според сегашните закони на ЕУ, многу производители се соочуваат со високи казни од оваа година наваму поради таканаречените ограничувања на флотата. Производителите што веќе се мачат ќе мора да платат казни за емитување премногу ЦО2 – веројатно во милијарди, како што стравува европската автомобилска асоцијација ACEA. Во своето писмо во четвртокот, шефот на „Мерцедес“, Калениус, напиша дека патот до декарбонизација на автомобилската индустрија мора да биде „воден од пазарот, а не од казните“.
По многубројните реакции и проблеми во индустријата, Европската комисија за 30 јануари најави започнување стратегиски дијалог за европската автомобилска индустрија, на кој социјалните партнери и другите засегнати страни ќе разговараат за иднината и перспективите на овој индустриски сектор во ЕУ.
– Оваа иницијатива ја нагласува посветеноста на комисијата за заштита на иднината на автомобилскиот сектор, кој е витален за европскиот просперитет, а во исто време и ги унапредува нејзините климатски и пошироки општествени цели – се наведува во соопштението на ЕК.
Клучните точки за дискусија ќе ги вклучуваат иновациите, чистата транзиција и декарбонизацијата, конкурентноста и издржливоста, трговските односи и меѓународните „еднакви правила за игра“ и регулаторното рационализирање и оптимизацијата на процесите, се наведува во соопштението.
Комисијата потенцира дека ја препознава итната потреба за акција за заштита на европската автомобилска индустрија и за овозможување нејзина иднина во рамките на Европската Унија.
Во автомобилската индустрија во ЕУ се вработени над 13 милиони лица и таа придонесува со речиси седум отсто во вкупниот БДП на блокот. Во последниве години оваа индустрија се соочува со значителна трансформација, како резултат на процесите на дигитализација, мерките за декарбонизација, зголемената глобална конкуренција и нестабилниот геополитички пејзаж.
Целта на стратегискиот дијалог е токму соочувањето со овие предизвици и изнаоѓањето начини за усогласување и имплементирање решенија што ќе ја одржат глобалната позиција на европската автомобилска индустрија

Европските производители тврдат дека на состојбата во автоиндустријата влијаат и одредени надворешни фактори

Дека ситуацијата со европските производители на автомобили е повеќе од сериозна пишуваат и другите медиуми во Германија. „Штутгартер цајтунг“ во еден од своите написи укажува дека компаниите се борат со драматичниот пад на продажбата, особено на кинескиот пазар, а се соочуваат и со големи проблеми поради претстојните еколошки регулативи што Европската Унија им ги наметнува. Неизвесност предизвикуваат и ставовите на новиот американски претседател Доналд Трамп дека ќе воведе високи увозни царини. Поради ова, извршниот директор на „Мерцедес“, Ола Калениус, ја искористи посетата на Саемот за автомобили во Брисел во четвртокот за да упати апел до Комисијата на ЕУ. Во отвореното писмо повика да се избегнат потенцијалните трговски конфликти.
Брисел ја обвинува Кина дека неправедно ги субвенционира своите производители на автомобили и затоа минатата година воведе дополнителни царини за електричните автомобили од Пекинг. Шефот на „Мерцедес“, Калениус, предупреди дека какви било тарифи ќе имаат „непосредни и значителни финансиски последици“ за европските производители. Истакнува дека голем број компании, вклучувајќи го и „Мерцедес“, имаат свои автомобили произведени во САД и Кина и ги извезуваат од таму. Е.Р.