Грчката компанија „Архиродон“ не ја продолжи банкарската гаранција, која истече на 31 декември, а додека траела гаранцијата таа требало да потпише договор со ЕСМ за заеднички вложувања. Тоа не било направено, а Министерството за животна средина на 14 декември ја потсетило грчката компанија, но таа не реагирала
Уште еден тендер за изградба на „Чербен“
заврши неуспешно
Истече рокот до кој грчката компанија „Архиродон“ требаше да донесе одлука дали ќе ја продолжи постапката за изградба на реверзибилната хидроцентрала ПАХЕ „Чебрен“. ППЦ – „Архиродон“ на 14 септември 2023 година беше избран за најповолен понудувач на 14. тендер за изградба на реверзибилната хидроцентрала. Подоцна имаше забелешки на јавниот повик и до крајот на 2023 година требаше да одлучи дали ќе продолжи со проектот.
Првично требаше да ја донесе одлуката до 14 декември, но Министерството за животна средина и просторно планирање го продолжи рокот до 31 декември 2023 година поради жалбената постапка што беше во тек.
– Од грчката компанија „Архиродон“ се жалеа на содржината на одлуката, бидејќи во согласност со Законот за води прво мора да добиете дозвола за води, а потоа да се потпише договор за концесија. Тие сметаат дека треба прво да се потпише договор за концесија, а потоа постапката да продолжи понатаму – појасни неодамна ресорната министерка Каја Шукова.
Таа додаде дека правен тим формиран од ресорното министерство работи на проектот, односно ја разгледува целокупната документација и треба да даде препораки за следните чекори што ќе треба да се преземат.
Грчката компанија „Архиродон“ не ја продолжи банкарската гаранција, која истече на 31 декември, а додека траела гаранцијата таа требало да потпише договор со ЕСМ за заеднички вложувања. Тоа не било направено, а Министерството за животна средина на 14 декември ја потсетило грчката компанија, но таа не реагирала.
– Додека беше активна гаранцијата понудувачот требаше да потпише договор за заедничко вложување, но бидејќи не добивме дополнителни информации од компанијата, банкарската гаранција не важи и не може да продолжиме понатаму. Не се изјаснија тие, но имаа дополнителни услови што Владата не можеше да ги прифати. Компанијата соопшти дека има определени услови во тендерот што не им овозможиле банкабилност или финансиска исплатливост, односно средства од банките за да може да го гради „Чебрен“. Но тоа не беше фер кон другите компании, Владата одлучи условите да останат исти во тендерската документација, а компанијата со овие услови не можеше да обезбеди заем од банката, знаете дека ова беше голема финансиска конструкција. За жал, мораме да констатираме дека и 14 тендер за „Чебрен“ пропадна – истакна Шукова.
Како што додаде таа, гаранцијата за учество во постапката државата ја активира само ако понудувачот не пристапи кон потпишување на договорот за јавна набавка. Но грчката компанија не даде никаков одговор и затоа Македонија не може да наплати отштета.
Повеќе од 20 години се спроведува овој процес и досега пропаднаа 14 тендери.
– Оние што се занимаваат со енергетика, да седнат и да размислат како да се одвива ова понатаму. Дали да го гради државата или ќе се оди повторно со концесија, тоа оставам на енергетичарите да дадат мислење. Ние вршевме испитувања во биодиверзитетот и тие не покажаа загрозувачко влијание, од аспект на животна средина овој проект е добар за реализација – посочи Шукова.
Многумина од експертската јавност претходно беа децидни против грчката компанија. Од Здружението на инженери сметаат дека „Чебрен“ треба да биде инвестиција што ќе ја реализира самата држава. Тие тогаш поднесоа претставка до сите институции, како и до претседателот на државата за да се стопира проектот.
Серија на јавни дебати, конференции и други медиумски излагања имаа професорите од областа на енергетиката, сѐ со цел на јавноста да ѝ прикажат дека доколку „Чебрен“ се даде по условите што сега Владата ги нуди, тоа ќе биде вистинска катастрофа за македонскиот енергетски сектор.
– Ако ја гради Македонија ќе беа 100 милиони евра на годишно ниво, што не се големи пари за кај нас, и струјата ќе ја произведуваме дома и ќе ја купуваме на берза. Веројатно досега ниту едно стопанство не се сметаше компетентно да изгради една таква централа, а зошто досега не се прифатени другите понуди, веројатно зашто биле многу штетни. Ако веќе се прави партнерство, Македонија треба да биде најмалку 51 отсто сопственик, да може да управува, да раководи и профитот од тоа сепак да остане, генерално, во Македонија – вели професорот Константин Димитров.