Фото: ССКМ

Ситуацијата во која се наоѓаат бизнисите е исклучително тешка и неизвесна, економските оператори немаат резерви со кои би можеле да ја одржуваат нарушената ликвидност, бидејќи кризата со која се соочуваме трае многу долго, а предизвиците се надоврзуваат еден на друг. За да се постигне баланс и надминување на предизвиците деловните субјекти мора да реагираат претприемачки, односно да бараат нова шанса во секој проблем, но и да добијат соодветна добро димензионира и таргетирана поддршка од државата, истакна претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски кој учествуваше на „Марили бизнис форум“ кој денеска се одржува во „Инекс Олгица Хотел“ Охрид. Претседателот го истакна и значењето на жените во бизнисот и женското претприемништво и активноста на жените претприемачки во ССК и воопшто. На форумот како учесник и спонзор беше и Тања Дејаноска, претседателката на Комората на приватно здравство при Сојузот.

-Кризната ситуација во која се наоѓаме веќе трета години целосно го промени начинот на водење на бизнис. За да се остане во игра, односно да се сочува деловната активност треба да се развијат нови вештини како и нагласена способност за прилагодување. Растот на цените на енергенсите предизвика сериозен раст на инпутите во производните процеси, зголемувањето е на дневно основа и многу тешко се планира и одржува деловната активност. Синџирите на снабдување целосно се нарушени. Прогнозите за наредниот период се многу неизвесни, сите релевантни финансиски институции ги коригираат очекувањата за стабилизација на економиите и го одложуваат периодот за враќање на состојбите пред почеток на кризата. Пакетот на мерки кои го донесе Владата има позитивен ефект во надминување на несаканите ефекти, но сметаме дека постои простор за нивно надополнување и модификација бидејќи мерките имаат пренагласена социјална компонента и треба да се насочени повеќе кон поддршка на реалниот сектор бидејќи таму се креира додадена вредност – истакна Ангелоски кој беше панелист во сесијата  „Економски баланс- турбулентни предизвици“, заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Ангелоски истакна дека и Сојузот се насочува кон креирање на нови можности за своите членови преку вклучување во нови регионални иницијативи како што е „Зелен навигатор на Западен Балкан“, кој ќе обезбеди поддршка во зелената трансформација на економијата.

-Иницијативата „Зелен навигатор на Западен Балкан“ делува во насока на намалувањето на влијанието на климатските промени врз регионалната економија и општеството воопшто. Значајно е тоа што преку „Зелен навигатор“ во фаза на акредитација е Зелен климатски фонд, преку кој ќе се финансираат климатски одговорни инвестиции во приватниот и во јавниот сектор во земјите од Западен Балкан, што ќе биде значаен придонес кон забрзување на зелената трансформација –  истакна Ангелоски.

Во панел дискусијата тој потенцираше дека во нашата земја жената како човечки капитал не е ставена во функција на економски раст и развој бидејќи половина од работоспособното женско население воопшто не се наоѓа на пазарот на труд.

– Ако сакаме да постигнеме побрзо надминување на последиците од кризата и економско закрепнување неопходно е да со создаде поволно окружување во земјата кое ќе создаде услови за вработување и самовработување на жените. Сојузот со години наназад работи на креирање политики за поддршка на женското претприемништво, но факт е дека има уште многу што да се направи. Најголеми предизвици со кои се соочуваат жeните кои сакаат да отворат бизнис се стереотипите за улогата на жената во нашето општество што преставува серозен обесхрабрувачки фактор и пристапот до финансиски средства. На централно и локално ниво поттикнуваме и стимулираме креирање мерки и политики за вклучување на жените на пазарот на труд. Факт е дека жените повеќе се присутни во трудо-интензивни бизниси, но еден од аспектите на проектот е и нивно насочување кон многу попрофитабилните гранки – потенцираше претседателот на Сојузот на стопански комори.