Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска на „Македонски Телеком“ и „А1 Македонија“ им ги додели одобренија за петтата мобилна генерација 5Г, со што станавме прва држава во Западен Балкан што воведува вистинска 5Г мрежа.
Во моментов, како што изјави директорот на АЕК, Јетон Аќику, „Македонски Телеком“ веќе ја има покриено територијата на 16 града со 5Г мрежата и работи во делот на Тетово и Гостивар, а „А1 Македонија“ работи на покривање на територијата на Скопје. Според него, се очекува „Македонски Телеком“ прв да ја покрие целата територија на државата со функционална 5Г мрежа која треба да е 10 пати побрза од 4Г.
– Направивме мерења на 5Г мрежата кои покажаа дека зрачењето кај оваа технологија е далеку помало од старото со 4Г. Како АЕК го направивме тоа што можевме, меревме, ќе мериме и ќе продолжиме да мериме за научно да покажеме дека нема такво зрачење како што обвинуваат на социјалните мрежи. Ќе се потрудиме да ги известиме граѓаните дека нема потреба за паника – рече Аќику по доделувањето на одобренијата.
Тој нагласи дека веќе од следната година ќе почне постепеното намалување на цените на роамингот и на податочниот сообраќај, односно интернетот со земјите од Европската Унија и додаде дека очекува до 2027 година да има цени слични како што сега има роамингот со земјите од Западен Балкан во рамки на „Roam like at home“.
Во роамингот со Западен Балкан, како што беше посочено на првиот јавен состанок на АЕК за годинава, веќе има значително зголемување во минути и искористен интернет. Тоа е услуга, која, како што истакнаа, е наменета да се користи периодично односно при повремени посети во земјите од Западен Балкан, а не за постојано користење.
Беше најавено дека неделава во Виена ќе има координативен состанок за почеток на преговорите за намалување на церените на роамингот и за користење на податочниот сообраќај со земјите од ЕУ.