Со намалувањето на каматата на благајничките записи Народна банка им праќа сигнал на комерцијалните банки дека треба да се ориентираат кон финансирање на стопанството и на граѓаните
Банките сѐ уште калкулираат околу последната одлука на Народна банка на Република Македонија за намалување на каматата на благајничките записи на 3 отсто. Експертите посочуваат дека ваквиот потег на Народната банка на Република Македонија има цел да ги мотивира комерцијалните банки да пласираат повеќе средства во стопанството и кај граѓаните.
– Банките нема веднаш да реагираат на одлуката на НБРМ, но таа сигурно ќе се одрази во нивното работење. Оваа одлука нема да предизвика намалување на каматите, туку поголемо кредитирање на стопанството и домаќинствата. Со намалувањето на каматата на благајничките записи Народна банка им праќа сигнал на комерцијалните банки дека треба да се ориентираат кон финансирање на стопанството и граѓаните – вели поранешниот гувернер Љубе Трпески.
Тој додава дека банките не реагираат веднаш на одлуките на Народна банка, бидејќи треба да ги разгледаат состојбите, и во зависност од расположливите средства, од ликвидноста и други фактори носат одлука каква промена ќе внесат во своето работење. Дека допрва ќе одлучуваат какви мерки ќе преземат по сигналот на НБРМ потврдуваат и претставниците на банките. Од Комерцијална банка истакнуваат дека ги следат сигналите на Народна банка, но додаваат дека за промени во нивното работење е потребно време.
– Комерцијална банка внимателно ги следи сигналите што НБРМ ги упатува преку промените на инструментите на монетарната политика и своите активности ги приспособува на истите тие. Притоа некои од овие активности имаат директно и непосредно влијание на нејзините активности, додека кај одредени промени е потребно време за нивно вградување во работењето на банката. Поради тоа не е едноставно да се каже дали веднаш банката ќе изврши промена на каматните стапки и кај кои точно производи ќе изврши промена – објаснуваат од банката. Претставниците на оваа институција истакнуваат дека во согласност со насоките на НБРМ во текот на изминатата година, банките, а наедно и Комерцијална банка го изменија начинот на искажување на каматните стапки.
– Во секој случај, доколку има промени кај каматните стапки, кои може да бидат предмет на менување, банката навремено ќе ги извести своите клиенти – додаваат од Комерцијална банка. Каматите на кредитите и на депозитите постојано се намалуваат во последниве години, а истата тенденција продолжи и претходниот месец. Ова може да се забележи и во последниот извештај на Народна банка.
– Во февруари 2018 година, продолжува трендот на намалување на просечните каматни стапки на вкупните кредити и вкупните депозити. Промената е минимална, при што каматните стапки на вкупните кредити и депозити се сведоа на 5,70 отсто и 1,50 проценти, соодветно. Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во февруари изнесува 4,98 проценти, при забележан месечен пад од 0,15 п.п., додека кај просечната каматна стапка на новопримените депозити е забележан месечен раст од 0,21 п.п. и таа изнесува 1,57 проценти – стои во соопштението на НБРМ. Меѓу другото, од Народна банка објаснуваат дека во февруари 2018 година, каматната стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор изнесува 5,09 отсто и таа има минимален месечен пад. Наведено е и дека кај каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е евидентирано месечно намалување, кое сега изнесува 1,72 отсто.
– Во февруари 2018 година, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата забележа незначително месечно намалување од 0,01 п.п. и изнесува 6,36 отсто. Просечната каматна стапка на вкупните депозити на домаќинствата и натаму е на нивото од 1,47 отсто, без промени од јули 2017 година – стои во соопштението на НБРМ.