Премиерот Зоран Заев на Форумот за енергетика
Ја правиме првата енергетска транзиција во регионот, како пример за земјите од Западен Балкан, истакна премиерот Зоран Заев кој го отвори дводневниот „Македонски енергетски форум 2021: Мапирање на енергетската иднина“.
Тој рече дека заложбите на Владата се насочени кон зголемување на интересите на инвеститорите во енергетиката со понуда на алтернативни решенија во поглед на геостратегиските енергетски позиции. Дополнително, како што посочи, посветено се работи на преминување кон извори на чиста енергија преку примената на еколошките извори на енергија: вода, сонце и ветер се со цел постепено намалување на употребата на јагленот како извор на енергија.
– Ние сме земја на сонцето, тоа сите го знаеме, за жал во минатото истото не било искористено соодветно, меѓутоа сега во последните 3-4 години, во фаза на градба се веќе 60 мегавати на фотонапонски електрани по пат на премиум тарифи, и 100 мегавати во Осломеј по пат на јавно приватно партнерство кој ќе го заменат РЕК „Осломеј“. Првата фотонапонска електрана на „ЕСМ“ во Осломеј од 10 мегавати до крај на октомври годинава ќе биде готова, значи станува збор за 170 мегавати електрани на сонце или 10 пати повеќе од 17-те мегавати изградени во претходните 11 години. Донесовме Закон за стратешки инвестиции, за големите инвеститори да ја препознаат заложбата на Владата и да бидат похрабри во донесувањето на одлуки за инвестирање во Република Северна Македонија. Веќе неколку сериозни инвеститори доставија официјални проекти за стратешки инвестиции како што се „ВПД“ од Германија за изградба на 415 мегавати ветерна електрана, „ЕФТ Груп“ за изградба на 80 мегавати фотонапонска електрана, неколку сериозни инвеститори искажаа интерес за инвестирање во големи енергетски инфраструктурни објекти како што се „Митилинеос“ од Грција, „Акио Енерги“ од Франција, проекти вредни стотици милиони евра – истакна Заев.
Премиерот образложи дека досега во севкупните намери за инвестиции и отпочнат процеси на разговори има покриеност од околу 1.500 мегавати фотонапонски централи за кои интензивно се разговара, за дел е готова документацијата и над 550 мегавати ветерници во државата. Заев изрази надеж дека голем дел од тоа ќе биде успешно реализирано.
Покрај премиерот Заев, воведни обраќања на форумот имаа и американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз, шефот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје Дејвид Гир и директорот на ЗИП Институт Агим Селами.
На Форумот учествува и министерот за економија Крешник Бектеши, кој е говорник на панелот насловен „Придонесот на Западен Балкан кон Зелениот договор на Европската Унија”.
Предвидено е на форумот да се одржат засебни панел-сесии на кои креаторите на политиките, лидерите на енергетските компании и експерти од оваа област од целиот свет ќе дискутираат за важноста на енергетиката, како и за предизвиците на одржливиот развој.
Форумот традиционално се одржува четврта година по ред во организација на ЗИП Институтот, Владата и амбасадата на САД во земјата.