Шпаркасе Банка Македонија на денешната прес-конференција ги додели првите кредити за старт-ап компаниите што учествуваа во првиот циклус од програмата „Чекор по чекор“, наменета за поддршка и развивање на старт-ап бизниси во Република Северна Македонија. Програмата „Чекор по чекор“ е прва програма што на старт-ап бизнисите им овозможи пристап до финансиски средства во вкупен износ од околу 1,5 милиони евра, во фондови гарантирани со Програмата за вработување и социјални иновации ЕаСи на ЕУ.
Младите амбициозни претприемачи со идеја за создавање сопствен бизнис, беа дел од првата акцелераторска програма од овој вид, која има за цел да обезбеди финансиска и општествена поддршка на компаниите што се во почетната фаза на отпочнување сопствен бизнис. Младите бизниси, кои се формирани пред помалку од 36 месеци на пазарот, имаа можност да аплицираат за првиот кредит преку подготовка на бизнис-план, кој беше оценуван од соодветна комисија на Банката. На почетокот на првиот циклус на програмата беа пријавени повеќе од 50-тина стартапи, кои имаа можност да бидат дел од едукативните работилници спроведени во соработка со Business Impact Lab и Start-up Academy.
–Задоволство ни е што сме првата банка што на младите претприемачи им обезбеди пристап до потребните финансиски средства од традиционални банкарски извори. Оваа поддршка ја овозможивме преку финансиските гаранции на Програмата за вработување и социјални иновации на ЕУ, како и Ерсте и Шпаркасе Групацијата, со чија помош ја продолжуваме мисијата на општествено одговорно кредитирање на социјалните бизниси и младите иновативни претприемачи. Очекувам дека во иднина оваа млада генерација претприемачи ќе ја придвижи македонската економија и ќе креира нови можности за вработување во нашата држава- изјави Глигор Бишев, претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија.
Шпаркасе Банка Македонија ја имплементираше програмата ‘Чекор по чекор’ во соработка со Social Impact Lab и Start Up Academy, кои беа вклучени во спроведување 8 различни образовни модули.
-Преку овие работилници, стартап бизнисите ги разработија своите бизнис-планови, а сега, со помош на финансиските средства што ќе им бидат одобрени во форма на банкарски кредит, ќе ја продолжат инвестициската активност. Според нашите очекувања, интересот за учество во Програмата беше на значително ниво, односно се пријавија повеќе од 50 учесници и беа доставени 23 бизнис-планови за проценка и одобрување од соодветната комисија во Банката. На наше големо задоволство, денес ги објавуваме првите 13 бизниси кои добија позитивна евалуација и кои со помош на средствата од кредитната линија ќе продолжат да ги развиваа своите бизниси. Ние ќе продолжиме да бидеме нивната поддршка и во текот на периодот на отплатата на кредитот и се надеваме дека на крајот заедно ќе се гордееме со нивниот развој- изјави Владимир Кечовски, директор на Дирекцијата за микро и мали клиенти.
Програмата што започна во октомври 2018 година успешно го заврши својот прв циклус на едукација и менторство за младите претприемачи. Следниот јавен повик за пријава на нови учесници во програмата ќе биде објавен во втората половина од годината. Повеќе детали за програмата и за условите за аплицирање за заем се достапни на страницата www.sparkasse.mk.