Иако овој енергент важеше за поевтин, од оваа есен и неговата цена постојано расте, за деновиве да доживее нови највисоки цени, што неповолно се одразува врз економските текови во глобала. Домашните енергетичари укажуваат дека во одлуката за пуштање, односно непуштање на новиот гасовод од Русија до Европа голем удел имаат политичките влијанија и одлуки
ГЛОБАЛНИТЕ ПОЛИТИЧКИ СЛУЧУВАЊА
НЕПОВОЛНО ВЛИЈААТ ВРЗ ЕКОНОМИЈАТА
Цените на природниот гас во Европа овој период имаат вртоглав раст, кој никако да запре. Иако овој енергент важеше за поевтин, од оваа есен и неговата цена постојано расте, за деновиве да доживее нови највисоки цени. Дополнително кон растот на цената на гасот влијаеше и последната одлука на германските регулатори да го одложат „зеленото светло“ за новиот гасоводен систем „Сeверен тек 2“, со кој треба да се испорачува гас од Русија во Германија и во Европа.
– Гасоводот не може да се одобри, бидејќи не ги исполнува одредбите од енергетските закони на ЕУ, а има и безбедносни прашања. Ескалацијата на тензиите на границата меѓу Русија и Украина влијаеше на таа одлука – кажа Аналена Бербок, шефицата на германската дипломатија, која во октомври ја обвини Русија за тогашниот рекорден скок на цената на природниот гас.
Српска „Политика“ пишува оти последната кочница за овој гасоводен систем создава нова паника на европскиот енергетски пазар, што, според нивните укажувања, се должи и на драматично ниските резерви.
– Берлинската блокада на неодамна завршениот руско-западноевропски гасовод ја зголеми цената на природниот гас – пишува во анализата на „Политика“.
Меѓу другото, медиумот посочува и на изјавите од Австрија од каде што, пак, упатуваат на неопходноста од природен гас.
– Австрија ќе продолжи да го поддржува „Северен тек 2“. Станува збор за европски проект, кој наскоро треба да почне со работа. Не е потребно поврзување на „Северен тек 2“ со однесувањето на Русија кон Украина. Со ваквите потези, ЕУ си ги повредува сопствените интереси. „Северен тек 2“ не им служи само на интересите на Русија туку и на интересите на Германија, Австрија и другите членки на ЕУ – изјави австрискиот канцелар Карл Нечамер.
Политички притисок
Домашните енергетичари укажуваат дека во одлуката за пуштање, односно непуштање на новиот гасовод од Русија до Европа голем удел имаат политичките влијанија и одлуки. Потенцираат дека во обидот на САД да се намали влијанието на Русија и да се влоши нивната економска позиција се удира врз гасот како сигурен извор на парични финансии.
– Пуштањето на „Северен тек 2“ е под силен притисок што го врши САД врз Европа, преку неа и врз Русија. САД сакаат повеќе да извезуваат од своите резерви, пред сѐ шкрилци од гас, и затоа прават обиди за намалување на извозот на природен гас од Русија. Затоа се прави сѐ што е изводливо. САД ја притискаат Европа со назнака дека гасоводот не е во согласност со правилата и да не одобрува почеток на испораката на гас низ новиот гасовод. Но од друга страна, бидејќи Русија испорачува колку што е договорот за испорака на гас преку постојниот гасовод, а има многу поголема потреба и побарувачка, цената на гасот вртоглаво расте – објаснува професорот Константин Димитров.
Тој дополнува дека и сега има проток на гас од Украина кон Европа, но се прави тензија за да може да се влијае врз Русија и се одложува пуштањето гас низ новиот гасовод.
– Иако со одлуката да се одложи пуштањето на овој гасовод им се прави штета на Европа и на Германија, сепак гледаме дека нема согласност за негово стартување. Цените на гасот во Европа и воопшто на сите енергенти се искачија енормно, но тоа не ги спречи надлежните да носат политички одлуки – потенцира Димитров.
Професорот смета дека ваквиот вртоглав раст на цените на гасот ќе се одрази и врз нашата земја исто како што се прелеваат и цените на електричната енергија и на нафтените деривати.
– Засега нема поскапување на парното и не се чувствува притисокот од цените на гасот бидејќи БЕГ може да го купува гасот по берзански цени, а и понатаму да ги затоплува домовите. Сепак, ако овој раст продолжи во следната година, очекувано е во пресметката на цената на парното да се одрази и растот на цените на гасот. Сепак, најавите се дека цената на гасот би можела да расте до април, по што истата таа ќе се намали. Сметам дека БЕГ заедно со ТЕТО, кои се производители на струја и која ја продаваат на европскиот пазар по енормни цени, можат да го издржат притисокот и да не ги зголемат цените на парното, сепак ќе видиме какви ќе бидат цените на овој енергент од следната пролет и лето. Се очекува во мај и во јуни цената на гасот да се намали на ниво пред поскапувањето, во што не верувам, бидејќи досега не се случило цените на енергентите во вакви кризи кога драстично поскапуваат да се вратат на ниво пред кризата – објаснува професорот.
Димитров посочува дека во Македонија многу малку се користи гасот како енергент. Најголеми корисници се топланите и компаниите за продажба на нафтени деривати, кои исто така вршат увоз на гас и за дел од македонските компании што користат гас во своето производство.
„Зелена транзиција“ или нови гасоводи
Наспроти енергетската криза во ЕУ и вртоглавиот раст на цената на гасот во Европа, Европската комисија продолжува да го планира гасот како енергент што ќе го користат сѐ до реализација на „зелената транзиција“. Во согласност со плановите за целосно елиминирање на фосилните горива, ЕК налага долгорочните договори за снабдување со гас да се прават до 2030 или најдоцна до 2049 година, со цел да се намали зависноста од доставувачи од странство.
– Истовремено, покрај неодамнешната реторика дека ЕУ треба брзо да биде лишена од „штетните извори на фосилна енергија“, Брисел излезе со правен предлог за субвенционирање на два гасовода. Станува збор за подготвеност на ЕК да соработува во изградба на два контроверзни гасоводи. Станува збор за „Мелита“ (цевковод долг 159 километри меѓу Малта и Гела во јужна Италија) и „Ист-Мед“ (гасовод 1.900 километри меѓу Израел, Кипар, Грција, Италија и понатаму на север). Актерите во изградбата на овие два гасовода се предмет на меѓународни истраги за сомнителни финансиски трансакции. Како можна причина за мистериозната смрт на малтешката новинарка Дафне Каруана Галиција се наведува новинарската истрага за изградбата на гасоводот „Мелита“. Нејзиното семејство на почетокот на месецот апелираше до Брисел да не стои зад проектот „Мелита“ – пишува „Политика“.
Во согласност со изјавите на надлежните од Германија, конечно одобрение за гасоводот „Северен тек 2“ не се очекува пред првата половина на 2022 година. Регулаторот објави дека привремено го суспендирал процесот на сертификација за гасоводот вреден 12 милијарди долари, велејќи дека операторот „Северен тек АГ“ со седиште во Швајцарија мора прво да формира правен субјект во Германија. Кога регулаторот ќе ги добие сите потребни документи и ќе даде одобрение, ЕК има четири месеци да го разгледа проектот за да се осигури дека е усогласен со енергетските директиви на ЕУ. Потоа регулаторот има уште два месеца да даде конечна потврда. „Северен тек АГ“ е половина во сопственост на рускиот државен „Газпром“ во конзорциум со европски енергетски компании. Улогата на „Газпром“ во проектот може да предизвика проблеми, бидејќи според Законот на ЕУ за енергетика, операторите на гасоводи и снабдувачите со гас не можат да бидат иста компанија.
Гасоводот од Балтичко Море, со кој може да се удвојат испораките на природен гас за Германија и да се олесни европската енергетска криза, беше завршен во септември. Иако Германија вели дека ѝ е потребен природен гас за да ѝ помогне на најголемата економија на ЕУ да се откаже од јагленот и нуклеарната енергија, сепак, одобрението за гасоводот изостана. Критичарите велат дека проектот ќе ја зголеми зависноста на Европа од рускиот гас и може да се искористи за да се изврши политички притисок. Полска и Украина беа особено гласни во своето противење, додека САД исто така се спротивставија. Загриженоста за военото засилување на Русија во близината на Украина го обнови фокусот врз гасоводот.