Според Центарот за европска политика, Франција и Италија се земјите кои најмногу страдаа од усвојувањето на еврото. Секој Французин изгубил 56.000 евра во периодот од 1999-2017 година. Од друга страна, најголеми добитници се Германија и Холандија, пренесува дописникот на МИА.
Студијата е направена од влијателен германски тинк-тенк, која само неколку месеци пред европските избори може да се толкува на различен начин, како од евроскептиците, но така и од застапниците на еврото, во зависност од гледната точка.
Според студијата на Центарот за европска политика, насловен како „20 години на еврото: губитници и победници, емпириска истрага”, единствената европска валута, од нејзиното воведување, во голема мера им зел на некои земји повеќе, а на другите им донесе повеќе.
Центарот е дел од традицијата на школата во Фрибург, со либерална инспирирација. Избраниот метод е да се замисли еволуцијата на БДП за секоја земја, претпоставувајќи дека еврото не постои. Проекциите беа направени од создадените економски траектории со користење на алгоритми, кои се базираат на податоци од земји надвор од еврозоната. Тинк-тенк наведува дека влијанието на независните економски настани е неутрализирано.
Според ЦЕП, Германија е голем победник со воведувањето на еврото, со дополнителни 1.893 милијарди евра за БДП, во периодот од 1999-2017, односно добивка од 23.116 евра годишно по глава на жител. Холанѓаните добија речиси 21.003 евра по жител, а изненадување е дека Грците не страдале од еврото (+190 евра по глава на жител од 2001 година).
Потоа започнува листата на губитници. Иако на Шпанија и Белгија не се намали многу нивниот БДП по глава на жител (-5031 и -6370 евра), Португалците страдале повеќе од единствената валута (-40 604 евра по жител). А двете најпогодени земји се Франција и Италија, кои изгубиле 3.591 и 4.325 милијарди евра повеќе за 20 години, или 55.996 евра по жител во Франција и 73.605 евра во Италија. Според тоа, глобалниот биланс на состојба, на ниво на европската економија, се чини негативен.
Центарот за европска политика ја споменува важноста на мерната алатка за економска политика со усвојувањето на еврото: девалвација. Од крајот на Втората светска војна, Франција и Италија всушност ја искористиле девалвацијата на франкот и лирата неколкупати за да ја поддржат нивната конкурентност. Практика со многу предности и неуспеси, користена за последен пат во Франција во 1986 година, токму да се ребалансира вредноста на франкот спроти германската марка и за да се бранат извозните компании. Од користењето на единствената валута, владите на двете земји веќе не се во можност да девалвираат, а според ЦЕП, не започнаа реформи што ќе им овозможат да ја направат економијата поефикасна и да имаат корист од еврото.
Наместо да и советува на Франција да ја поврати контролата над својата валута и со тоа да го забрза крајот на единствената валута, тинк-тенк ја нагласува важноста на структурните подобрувања на економијата и државата: „сега се потребни структурни реформи “. Па дури се дава и мислење за француската економска политика: „за да профитира од еврото, Франција мора со строгост да го следи патот на реформата на претседателот Макрон”, се заклучува во студијата.