Фондот за осигурување на депозити согласно Решението на гувернерот на Народна банка за укинување на дозволата за основање и работа на „Еуростандард банка” АД Скопје ги известува сите физички лица – депоненти на банката дека обесштетувањето по основ на вкупни депозити кои ги имаат во Банката ќе започне во рок од 20 дена и ќе се изврши во согласност со законските прописи.
Фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност од 30.000 евра по депозит во банка пресметани по средниот курс на Народната банка на 12 август, 2020 година. Предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година. Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот коишто се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката.
Под вкупни депозити на еден депонент се подразбира: денарски и девизни депозити и трансакциски сметки на физички лица во банката, депозити врзани за паричните картички издадени од банката, девизни приливи на физички лица и сертификати за депозити издадени од банката.
Фондот ќе ги извести депонентите-физички лица за датумот на почетокот на исплатата на обесштетувањето и за називот на банките преку кои ќе се врши исплатата на депозитите.
За дополнителни информации, граѓаните коишто ги користеле услугите на „Еуростандард Банка” АД Скопје, може да се обратат секој работен ден од 8.30 до 16.30 часот на е-адресата: [email protected] или на телефонските броеви: 02/ 3235-730 и 02/3235-735.
Агенција за супервизија: Одземањето на дозволата на Еуростандард банка нема да влијае на стабилноста на осигурителниот пазар
Во врска со објавената вест дека НБРСМ ја одзела дозволата за работа на „Еуростандард банка“ АД Скопје, Агенцијата за супервизија на осигурување ја информира јавноста дека осигурителниот пазар останува стабилен и развојот на настаните околу горе споменатата банка нема да влијаат негативно врз ликвидноста и солвентноста врз работењето на осигурителните компании.
„Фактите велат: според последните податоци, вкупната актива на осигурителниот сектор изнесува 26,4 милијарди денари. Осигурителниот сектор го сочинуваат 16 друштва за осигурување, од кои 11 вршат работи на неживотно осигурување, а пет вршат работи на осигурување на живот. Само четири друштва за осигурување имаат парични средства и депозити во Еуростандард банка, а вкупната вредност изнесувала 31 милиони денари, што претставува 0,1% од вкупната вредност на активата на осигурителниот сектор.
Средствата кои осигурениците ги уплатиле по основ на премии во друштва за осигурување се вложени во инструменти и пласмани почитувајќи ги принципите на диверзификација и нивната вредност на 30 јуни 2020 година изнесува 14.742.452.987 денари. Во депозити во банки и парични средства на сметки во банки се наоѓаат 4.691.078.198 денари што е околу 32% од вкупната вредност на сите вложувања кои друштвата за осигурување ги направиле од средствата на осигурениците. Од овој износ, во Еуростандард банка на 30.6.2020 се наоѓаат пласмани на две друштва за осигурување во вкупен износ од 24.446.041 денари, што претставува 0,5% од вкупната вредност на вложувањата во депозити во банки“, се вели во соопштението.
Според агенцијата, вкупната вредност на средствата со кои располагаат друштвата за осигурување, а се од други извори, односно капитал и останати обврски, изнесува 11.645.170.177 денари. Од нив, во депозити во банки и парични средства на сметки во банки се 1.485.690.994 денари, или скоро 13%. Од овој износ, 6.624.875 денари се вложени од страна на две друштва за осигурување во Еуростандард банка, што претставува 0,4% од вкупната вредност на вложувањата во депозити во банки и парични средства на сметки во банки.
Заклучокот што се добива од изнесените факти ја потврдува констатацијата дека не постои никаков ризик дека отворањето на стечајна постапка на Еуростандард банка ќе влијае на исполнувањето на обврските на друштвата за осигурување кои произлегуваат од договорите за осигурување ниту пак ќе се одрази суштински на профитабилноста и солвентноста на друштвата за осигурување“, се додава во соопштението.