Вториот ребаланс на буџетот на Македонија никако да ги помине сите потребни институционални процедури. По измените со кои се вградени амандманите од комисиската расправа, од Владата повторно го испратија предлогот за ребаланс на буџетот во Собранието, каде што треба да помине и на пленарна седница. Од усвојувањето на ребалансот на буџетот зависи имплементацијата на четвртиот сет мерки за поддршка на стопанството, чии претставници укажуваат дека се борат со неликвидност и дека им е неопходна итна помош за спас на работните места и воопшто за опстанок на компаниите.
– Беа прифатени девет амандмани што беа во насока на ковид-мерките. Прифатен е и амандман од опозицијата, кој се однесува на 1.000 деца без родители да добијат ваучери од 6.000 денари. Ребалансот има зголемување во однос на претходниот и на буџетот. Пратен е во Собранието и во текот на оваа недела ќе почне дебатата, а наредната недела да почнеме да ги имплементираме мерките – кажа министерот за финансии Фатмир Бесими во една дебатна емисија.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата на буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и се планирани речиси на идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со претходните измени и дополнувања на буџетот се пониски за 11,5 отсто во однос на иницијалните проекции на буџетот.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 252,8 милијарди денари или се 4,1 отсто, односно за околу 10 милијарди денари повисоки во однос на планот. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,5 милијарди денари, односно 8,49 отсто од БДП.
Тековните трансфери се планирани на ниво од 177,3 милијарди денари или за околу 11,2 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2020 година, а се однесуваат пред сѐ на преземените мерки за обезбедување средства за имплементација на четвртиот пакет економски мерки донесени од страна на Владата на Република Северна Македонија за справување со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, а кои ќе имаат директен импакт врз реалната економија и директно помагање на приватната потрошувачка.
Пред краток период од Организацијата на работодавците укажаа дека во преработувачката индустрија висат 15.000 работни места доколку навреме не се донесе ребалансот.
– Краен рок за нас е крајот на октомври или најдоцна до 10 ноември, кога веќе се прави октомвриската плата. Затоа партиите да ја остават политиката настрана и да почнат да размислуваат за стопанството, кое со душа ја чека помошта од државата – кажа Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци, кој укажа дека во ребалансот се предвидени средства за субвенции за платите на работниците за октомври, ноември и декември.
И од Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори на Македонија побараа да се носат јасни и навремени законски решенија со подобра техничка и институционална подготвеност за нивно спроведување.
Од изгласувањето на ребалансот зависи и целосниот поврат на ДДВ од мерката наречена „Викенд без ДДВ“, која ја вети Владата како поддршка на стопанството и граѓаните. Mерката „Викенд без ДДВ“ беше спроведена од 9 до 11 октомври, а најавено беше дека средствата ќе се исплатат во рок од 15 дена од денот на скенираните сметки.
Иако поминаа повеќе од 15 дена од последниот ден од скенирањето сметки, сепак средствата од повратот до граѓаните сѐ уште не се стигнати. Oд Управата ја јавни приходи соопштија дека Собранието прво треба да го усвои ребалансот на буџетот за 2020-та, а веднаш потоа на сметките на граѓаните ќе им биде исплатен повратот на данокот од „Викенд без ДДВ“.