Познатиот синџир на кафетерии Старбакс затвора 150 локали ширум светот.
Тоа е последица на објавата на лоши деловни резултати во првиот квартал оваа година, поради што вредноста на акциите на Старбакс падна за пет отсто за само неколку часа.
Локалите отворени пред нешто повеќе од една година, требаше да имаат раст на профитот од околу 2,9 отсто, но оствариле раст од околу еден отсто.
Поради тоа, Старбакс најави бројни радикални промени. Од следната година нема да отвораат нови кафетерии таму каде што веќе се присутни, а ќе затворат 150 локали кои не ги оствариле очекувањата, што е трипати повеќе од локалите што просечно ги затворат секоја година.
– Мораме побрзо да се прилагодуваме на нашите клиенти и нивните барања – рече Кевин Џонсон, директор на Старбакс.
Старбакс во последно време има многу проблеми. Хаувард Шулц даде оставка на местото директор на компанијата бидејќи планира да се кандидира за претседател на САД, а по скандалот со исфрлањето на Афроамериканци од еден локал, воведоа нови правила според кои сите можат да престојуваат во нивните кафетерии без оглед дали нешто нарачале или не.