Фото: Маја Јаневска-Илиева

Недоволниот обем на трговска размена со земјите од регионот на ЦЕФТА во голема мера се должи на повеќе прашања што се однесуваат на формалните
постапки поврзани со пристапот до нови пазари во регионот и истите тие сè уште претставуваат значајна пречка

Неусогласените законодавни системи, различните прописи, нецаринските бариери се само мал дел од проблемите што ги кочат развојот и зголемувањето на трговската размена меѓу земјите од регионот на ЦЕФТА. Развојот на регионот и зголемувањето на трговската размена меѓу земјите-потписнички на договорот, Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Црна Гора, Србија и Косово, значително ќе помогне и во процесот на интеграција во Европската Унија.

– Бројките јасно покажуваат дека соработката со земјите-членки на ЦЕФТА-договорот мора да се зајакне, бидејќи тоа е услов за пошироките европски интеграции. Нема никакви дилеми дека единствен извор за одржлив и инклузивен пораст на земјите од Западен Балкан што ќе ги приближи кон земјите од Европската Унија се токму интензивирање на регионалната економска интеграција и зголемувањето на трговската соработка во рамките на регионот. За достигнување на посакуваните стапки на пораст, македонската економија мора да ја зголеми својата продуктивност преку искористување на економијата од обем со поголема регионална и меѓународна интеграција и активностите континуирано мора да ги насочуваме во правецот кон зајакнување на регионалната соработка – изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Од СКМ истакнуваат дека има простор за унапредување на соработката и неоспорно е дека темелите на регионалната соработка треба да се зајакнат, бидејќи тие се услов за поширока европска интеграција. Додаваат дека активностите им се насочени кон овозможувањето непречен проток на стоки, услуги, капитал и висококвалификувана работна сила, што треба да овозможи регионот да стане поатрактивен за инвестиции и трговија.

– Се преземаат повеќе заеднички активности, започнувајќи од координирани активности насочени кон мапирање на бариерите и проблемите со кои се соочуваат малите и средните претпријатија во регионот на Западен Балкан во рамките на извозот во регионот на ЦЕФТА и подготовка на препораки и предлози за олеснување на трговијата во регионот, нудење поддршка за развој на конкурентноста и можностите за бизнис, како и олеснување на пристапот на малите и средните претпријатија до финансиските инструменти – велат од комората.

Недоволниот обем на трговска размена со земјите од регионот на ЦЕФТА се должи на формалните постапки поврзани со пристапот до нови пазари во регионот и истите тие сè уште претставуваат значајна пречка. Нецаринските бариери, различните прописи, неусогласените законодавни системи, недоволното знаење за критериумите на извозните пазари, продажни канали, логистика и услови за испорачување, недостигот од маркетиншки и продажни вештини се само дел од предизвиците за настап на овие пазари.

Случајот со воведувањето царини од страна на Косово, според експертите, во конкретниот период создава несигурност кај бизнисмените, но, сепак, благодарение на интервенциите на надлежните и коморите, истите тие за кратко време беа отстранети.
– Одредени пречки брзо се решаваат и тоа не е причина за некоја посериозна среднорочна или долгорочна закана како пречка за натамошно развивање на меѓусебната трговија. Конкретно, со Косово, заклучно со јули 2018 година, реализиран е извоз во вредност од 141,6 милион американски долари, кој е поголем за 18 отсто во однос на истиот период лани. Ние како регион ќе мора да ја зголемиме регионалната соработка во размената, не само на добрата туку и кај знаењата и вештините за заеднички да настапиме како регион на европскиот пазар, а и на трети пазари и врз основа на тоа ја покажеме нашата зрелост за пристапување кон ЕУ, која, впрочем, и самата настана врз моделот на регионално поврзување на пазарите – велат од Стопанска комора на Македонија.


Расте извозот во земјите-членки на ЦЕФТА

И покрај проблемите со кои се соочуваат бизнисмените за соработка со земјите-членки на ЦЕФТА, во 2017 година во однос на претходните години се забележува пораст на македонскиот извоз во просек за околу 9 проценти.

– Податоците за 2017 година покажуваат дека кон овие земји е реализиран извоз од 671 милион американски долари, кој во однос на 2016-та бележи пораст од 11,6 отсто, додека извозот реализиран во 2016-та наспроти 2015-та бележи пораст од 6 проценти. Во првите седум месеци од 2018 година е остварен извоз од 412,1 милиони американски долари, кој во однос на истиот период минатата година е зголемен за 11,4 отсто. Пораст се бележи и кај увозот за првите седум месеци од 2018 година споредено со истиот период минатата година, за речиси 16 отсто.
Сепак, земјите-членки на ЦЕФТА учествуваат со 11 проценти во вкупната трговска размена на Македонија со светот, објаснуваат од комората.
Оттаму додаваат дека е важно да се напомене дека во сите компарирани периоди Република Македонија е во суфицитарно трговско салдо со 5 земји од ЦЕФТА освен со Србија.

Со нашиот северен сосед се забележува константен дефицит, кој во сите компарирани периоди изнесува во просек околу 15 отсто во рамките на ЦЕФТА. Кога ќе се анулира остварениот суфицит со дефицитот од Србија во рамките на ЦЕФТА-размената, тогаш вкупниот дефицит од размената во ЦЕФТА во однос на остварените дефицити на Република Македонија со светот во изминатите години изнесува околу 3,5 проценти во една константна рамка.


Најтргувани производи во регионот се од металната индустрија

Во размената со земјите од регионот на ЦЕФТА имаме едно диверзифицирано трговско портфолио. Во однос на македонскиот извоз кон овие земји, предоминантни се производите од металната и металопреработувачката индустрија, електроиндустријата, хемиската индустрија и земјоделството и прехранбената индустрија. Притоа, во извозот од овие индустрии во поголема мера местото го заземаат готовите или делумно облагодарените производи за разлика од суровините. Во однос на увозот, размената се одвива предоминантно во истите индустрии, при што во најголем дел увозот на готовите производи доаѓа од Србија, додека, пак, во увозната пропорција од другите економии членки на ЦЕФТА предоминираат суровините или делумно облагодарените производи за разлика од готовите, објаснуваат од Стопанската комора на Македонија.