Богатите, кои имаат парични средства во банка во повисок износ, на изглед може да се чини дека ќе бидат повеќе погодени од инфлацијата. Но тие имаат доволно пари да платат консултанти, кои можат да им дадат совети да ги вложат парите во недвижности, во злато, во криптовалути и слично
Светот полека закрепнува од пандемијата, но една од главните економски последици е инфлацијата, порастот на цените на различни стоки и услуги е поради премногу пари во оптег, климатската криза, неврамнотеженост меѓу понудата и побарувачката. Времето покажа дека овој вирус е исклучително опасен, исто како и последиците од него. Впрочем, токму последиците со кои се соочува нашата планета се оние што внесоа оправдан страв во животот на секој човек. Инфлацијата веќе се случи на многу пазари, така што во 2021 година бележиме голем пораст на цените на нафтата, недвижностите, но и различните суровини, како храна, пченка и други суровини. Растот на цените започна да се пренасочува кон цените на потрошувачките добра што сите ги купуваме и овој тренд ќе стане поизразен сметаат економистите. Најпогодени ќе бидат оние што ги чуваат своите средства во форма на пари, или во готово или на банкарски сметки, за да се заштитат од ова, многумина бараат спас инвестирајќи во инвестициско злато, велат економски автори од САД. Во новонастанатава ситуација нагло се зголеми интересот за купување злато во светот, затоа што тоа претставува најсигурна имотна категорија, бидејќи на секоја нестабилност или неизвесност, златото реагира така што ја покачува својата вредност.
Каматните стапки на заштедите во банките се историски ниски, така што инфлацијата од месец на месец ќе ја „јаде“ вредноста на банкарските заштеди на милиони граѓани, чии пари ќе вредат сѐ помалку.
За да се заштитат од ова, многумина бараат спас инвестирајќи во инвестициско злато, кое е познато како добра заштита од инфлација, бидејќи цената на златото се зголемува во просек за околу 8,3 отсто годишно – далеку над стапката на инфлација. Познато е дека цената на златото најмногу расте за време на кризи, а добар пример за тоа е големата рецесија, во која цената порасна за повеќе од 200 отсто за само неколку години.
Поголемиот дел од имотот на Македонците е во две форми – во недвижен имот и во пари на банкарски сметки. Недвижниот имот е помалку отпорен на инфлација, но заштедата на пари на граѓаните ќе биде најмногу погодена од општото поскапување.
Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, во моментов, притисоците на цените се јавуваат главно како последица на неурамнотеженост меѓу понудата и побарувачката од одредени добра, кои имаат потенцијал да се пренесат и врз други цени.
– Ова го потенцирам бидејќи кај нас, во моментов нема позначајни притисоци што би произлегле од преголемо количество пари во оптек. Но развојот на ситуацијата треба да се следи. Централните банки се тука за да интервенираат во случај на монетарен извор на инфлацијата и тука ќе бидат ефикасни. Нивната моќ е ограничена ако инфлацискиот притисок доаѓа од неурамнотеженост на пазарот на стоки, меѓутоа во моментов тоа е привремен проблем што се очекува да исчезне до крајот на годината. Според тоа, секоја одлука на граѓаните во поглед на држењето готовина, која би значела некакви промени во портфолиото на средствата, во моментов би била избрзана и преуранета – објаснува Петрески.
Економскиот експерт Здравко Савески потврдува дека веќе има одреден пораст на цените и можно е тој пораст уште повеќе да се зголеми, а ефектот ќе биде различен кај богатите и сиромашните.
– Богатите, кои имаат парични средства во банка во повисок износ, на изглед може да се чини дека ќе бидат повеќе погодени од инфлацијата. Но тие имаат доволно пари да платат консултанти, кои можат да им дадат совети да ги вложат парите во недвижности, во злато, во криптовалути и слично. Тие веќе го прават тоа, поради што доаѓа и до пораст на цените на недвижностите, златото и криптовалутите – вели Савески.
Тој додава дека сиромашните и луѓето со средни приходи ќе бидат вистинските жртви на инфлацијата, не толку поради намалувањето на реалната вредност на нивните скромни заштеди во банките, туку поради зголемувањето на цените на животните намирници.
– Но она што посебно би сакал да го потенцирам е дека порастот на цената на храната на светскиот пазар во голема мера е поради временските непогоди предизвикани од климатската криза (суши, поплави и пожари). Оттука, нѐ чека иднина каде што за очекување е да се соочуваме со проблеми за кои обично се мисли дека се надминати проблеми, како евтино достапна храна за обичниот народ. Во тој контекст, потребно е непривилегираните граѓани посериозно да ја сфатат опасноста на климатската криза, која ќе има сериозни импликации и по нивниот животен стандард – истакнува Савески.
Упатените велат дека за време на инфлација инвестициското злато е најликвиден имот, нешто што може веднаш да се претвори во готовина. Втора супериорна карактеристика на инвестициското злато е минималната ефективна разлика помеѓу тековната продажна и тековната откупна цена. Трета придобивка во однос на купувањето инвестициско злато е отсуството на обврската за плаќање данок.