Иако во Македонија се дава поддршка за домаќинствата да инвестираат во сончеви панели со кои ќе затоплуваат вода за домот, искористеноста на сонцето како извор на енергија е многу мала. Експертите укажуваат дека поставеноста на законските одредби не овозможува развој на овој сегмент
Иако Македонија има голем број сончеви денови во годината, сепак, искористеноста на сонцето е мала. Предностите на нашaта местоположба слабо се користат, а експертите укажува дека причините за тоа треба да се бараат и во законите. Во Македонија сончевата енергија се користи многу помалку отколку во развиените земји, поради што се наметнува прашањето како би можела државата да ги поттикне граѓаните помасовно да го користат сонцето.
– Министерството за економија како надлежно за политиките на енергетиката поддржува активности за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност, за постигнување на националната цел за заштеда на енергија. За таа цел од 2007 година успешно се спроведува Програмата за промоција на ОИЕ и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата, што опфаќа надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата. Заклучно со 2019 година, субвенционирани се 7.301 домаќинство, од вкупно 17.435 апликанти. Обезбеден е поврат на дел од средствата што ги потрошиле за купени и вградени сончеви колектори до 30 отсто, не повеќе од 300 евра во денарска противвредност, а исплатени се приближно 106.000.000 денари од буџетот на Република Северна Македонија. Во согласност со направените анализи, со оваа мерка се постигнати заштеди на финална енергија од 981 мегават-часа годишно, а намалувањето на емисии на јаглерод диоксид (CO2) е 897 тони на годишно ниво – посочуваат од Министерството за економија.
Објаснуваат дека минатата година мерката не била реализирана, а средствата биле пренаменети за справување со последиците од ковид-19. Од Министерството посочуваат дека Владата ја донела Програмата за промоција на ОИЕ и поттикнување енергетската ефикасност во домаќинствата за 2021 година.
– Вкупниот износ на средствата за реализација на оваа програма е 52.000.000 денари. За мерката надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата за оваа година се предвидени средства во износ од 8.000.000 денари, од кои 2.000.000 денари се наменети за лица со ниски примања. Ќе се субвенционира до 30 проценти од трошокот, не повеќе од 10.000 денари по домаќинство, односно до 70 отсто, но не повеќе од 15.000 денари за лица со ниски примања. Годинава првпат се предлага мерка за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 киловати за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, во износ од 30 проценти, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство. Вкупните средства за реализација на оваа мерка за 2021 година изнесуваат 8.000.000 денари. Овој дел е уреден и со Правилникот за обновливи извори на енергија – истакнуваат од Министерството.
Интересот кај граѓаните за досегашните мерки расте од година на година, велат од Министерството и додаваат дека аплицираат баратели од речиси сите градови во државата. Критериумите за аплицирање за субвенции ќе бидат дефинирани во јавните огласи кои се планира да се објавуваат овој или следниот месец.
Експертите укажуваат дека иако домашното законодавство предвидува домаќинствата да можат да ставаат панели, како за загревање вода, така и за производство на струја, условите се демотивирачки за инвестиции.
– Државата како да не сака да им помогне на граѓаните, и им дава на лажиче, а многу повеќе им овозможува на големите производители. Сметам дека ова се должи на фактот што државата не сака да се откаже од приливите во буџетот. Ако граѓаните сами произведуваат струја и вишокот го продаваат во системот, тогаш нема да има кој да плаќа ДДВ и како да се полни буџетот. Ако се намали потрошувачката на граѓаните, автоматски ќе се намалат и даноците што ги плаќаа и маржата за дистрибутерот – вели професорот Константин Димитров. Тој истакнува дека по силни натегања, државата донела протоколи за граѓаните да можат да поставуваат сончеви панели на своите покриви со кои ќе произведуваат струја, но додава дека се ограничени на мали количества.
– Законот предвидува ако граѓаните купуваат од системот, да плаќаат повисока цена за струја, а ако ја предадат во системот, им се плаќа многу помалку. Со вака поставени законски одредби, инвестиција во систем за производство на струја од панели би се вратила дури за 15 години, поради што многу луѓе се откажуваат од идејата да инвестираат во таков проект. Доколку државата го зголеми прагот на поддршка за инвестицијата да се врати за седум години, тогаш ќе има поголем број граѓани што ќе инвестираат и ќе се намали потрошувачката на струја. Потребна е сериозна политика насочена кон поддршка на граѓаните и ранливите категории, не со импровизирани проекти – истакна Димитров.
Во Македонија се одредени посебни мерки за поддршка и на производителите на електрична енергија од обновливи извори. Од Министерството за економија посочуваат дека квотата за доделување повластени тарифи за произведена електрична енергија од фотонапонски централи е исполнета и воведен е нов вид поддршка, наречена премија.
– Се предвидува производителите на електрична енергија од фотонапонски и ветерни електроцентрали што користат премија да ја продаваат електричната енергија на пазарот на големо, а за продадените количества на електрична енергија да добиваат премија како дополнителен износ на цената постигната на пазарот на електричната енергија. Покрај буџетските средства, од Програмата финансирана од ЕБОР од 2017 до 2020 година преку комерцијалните банки се доделени кредити за домаќинствата во износ од 6,8 милиони евра за замена на прозорци, изолација, топлински пумпи и печки на пелети. Притоа, 82 отсто од овие средства се наменети за енергетска ефикасност и 18 проценти за ОИЕ – додаваат од МЕ.
Македонија има 280 сончеви денови во годината и спаѓа меѓу земјите со големо сончево зрачење, но не и меѓу земјите со голема искористеност на сонцето. Предноста на инвестицијата во сончеви панели е долгогодишната примена, но и финансиската заштеда благодарение на намалените сметки за струја.