Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) не е целосно задоволна од третманот на домашните инвеститори и смета дека Владата има направено само една работа за еднаквиот третман на домашните и на странските инвеститори, а тоа, како што вели извршниот директор Дрилон Исени, е законската рамка за доделување субвенции и финансиска поддршка.
– За да имаме јасна слика дали функционира Законот за рамномерен развој треба да се направат дополнителни анализи. Но од аспект на инфраструктурата, не може да кажеме дека имаме еднаков третман со странските инвеститори, бидејќи за една фирма што оперира во индустриската зона Визбегово не може да се каже дека има исти услови како фирмите што оперираат во индустриските развојни зони – рече Исени во одговор на новинарско прашање на вчерашната прес-конференција во индустриската зона Визбегово.
Тој нагласи дека Владата веднаш треба да почне со решавање на инфраструктурните проблеми во индустриската зона Визбегово, која, како што нагласи, е многу важна за македонската економија.
Бизнисменот Таип Јакупи посочи дека, за разлика од претходната, со актуелната влада имале подобра комуникација поради што почнале да се придвижуваат некои работи, но додаде дека се далеку од задоволни од соработката.
– Има почетоци за изградба на водоводната мрежа и интенција за урбанизација на дел од зоната, но она што е најбитно за компаниите од зоната е комуникацијата со основната патна артерија, која поминува низ зоната – рече Јакупи.
Тој предочи дека со власта се договориле автопатот од Скопје до Блаце да не завршува кај крстосницата со булеварот Словенечка, како што првично било предвидено, туку кај обиколницата, а во зоната да се изгради булеварот Никола Карев. Јакупи нагласи дека не се задоволни од проектите што ги има во градот Скопје, но додаде дека се надева оти ќе ги усогласат потребите на зоната со можностите на државата.
Бизнисменот Џемаил Даути порача дека е многу мал реалниот слух на Владата за потребите на бизнисот.
– Како комора имаме добра комуникација со Владата, но од 54-те предлози што ги дадовме, само еден е прифатен, а три се во постапка. Вистина, перманентно разговараме, но за дел од последните измени во делот на даночните политики речиси и да не беа извршени консултации со нас – рече Даути.
Тој очекува, по надминувањето на проблемите со Грција и со Бугарија и по добивањето покана за членство во НАТО, Владата да ја интензивира комуникацијата со бизнис-секторот и повеќе да се посвети на економските политики и на благосостојбата на граѓаните. Е.Р.