Во подготовка се анализи во врска со акцизата на нафтените деривати, вклучително и за екстра лесното гориво, најави министерката за финансии, Нина Ангеловска, на денешната прес-конференција во владата.

Во однос на барањето на Стопанската комора да се изедначи цената на акцизата за екстра лесното гориво со акцизата за дизелот, Ангеловска кажа дека дополнително ќе информира дали решението што ќе биде предложено до Владата ќе биде изедначување или покачување на цената на нафтата.

Министерката истакна дека потребни се детални анализи, а во моментов се разгледува колкаво е користењето на екстра лесното гориво и што би значело тоа за сите нафтени деривати.

Како среќна околност го посочи драстичниот пад на цената на нафтата и додаде дека решението кое ќе се донесе нема да биде скроено да удри по џебот на граѓаните.

– Ако зборуваме за зголемување на цената секако ќе излеземе со бројките и со точното решение кое е најправедно, а ќе ги земеме сите фактори предвид. Се работи за една антикризна мерка на којашто работиме заедно со Царинската управа, добро ќе ја обмислиме, и секако ќе информираме за кое е предлог решението – додаде мистерката.