Светската банка излезе со свои видувања за влијанието од ковид-19 врз здравствените системи, сиромаштијата и добросостојбата на домаќинствата, образованието, социјалната заштита, пазарите на трудот и управувањето со квалитетот на воздухот во земјите од Западен Балкан. Во доменот на пазарот на трудот, од Светска банка посочуваат дека компаниите бргу почнале да преземаат одбранбени мерки, како промени на работното време, привремени намалувања на работното време, принуден одмор, неплатен одмор, па дури и отпуштања за да се справат со намалувањето на работењето.
– Работниците со договори на одредено време беа први отпуштени. Дополнително влијание врз невработеноста ќе има и од враќањето на иселениците. Во 2017 година, околу 3,7 милиони работници од Западен Балкан живееја во Европа. Бидејќи мерките за ограничување и потресите на побарувачката негативно се одразија на пазарите на трудот во Европа, доселените работници со краткорочни договори за работа беа меѓу првите отпуштени. Голем број од нив решија да се вратат дома за да ги намалат трошоците за живот во земјите-домаќини каде што немаа пристап до социјално осигурување односно надоместоци во случај на невработеност, но сѐ уште нема официјални податоци за ова. Ако се вратат само 10 проценти, бројката на невработени ќе се зголеми за една третина – пишува Светска банка.
Оттаму додаваат дека по економското намалување и по одреден застој, приспособувањето на вработувањето веројатно ќе се засили. Големината на влијанието веројатно ќе се согледа по одреден временски период, што според светските банкари зависи од еволуцијата на кризата, хетерогеноста на економската структура во секоја земја и како влијае ковид-19 на конкретни сектори, потоа колку бргу пазарите на трудот одговараат на промените на економските трендови и колку делотворно владините мерки ги заштитуваат работните места и фирмите.
– Секторите што се најпогодени од стрмниот пад на резултатите се угостителството, дел од преработувачката индустрија, трговијата на големо и на мало и недвижностите и бизнис-активностите.Тие се трудово интензивни и честопати вработуваат работници со ниски плати и ниско ниво на вештини. Ќе има различни влијанија во преработувачката индустрија, производството на лекови, преработката на земјоделски производи и производството на храна, дел од дејностите поврзани со преработка на хартија и текстил ќе продолжат со работа, но работниците во автомобилските синџири беа замолени да останат дома бидејќи производството застана. Во секторите транспорт, складирање и комуникации дел од работниците беа негативно погодени (на пример авиопревозниците), додека другите и понатаму ја задоволуваат зголемената побарувачка за малопродажба преку интернет.
Земјоделството во голема мера не е погодено, освен ограниченото снабдување со увезени материјали и земјоделски суровини поради затворањето на границите – објаснуваат во извештајот од СБ.
Исто така, тие посочуваат дека податоците за работната сила на земјите од Западен Балкан укажуваат дека мажите постари од 30 години, со средно образование, кои работат во МСП со трајни договори, ќе бидат најпогодени од влијанието на ковид-19.
– Околу две третини од работниците, кои, веројатно, ќе бидат погодени се мажи, бидејќи се вработени повеќе мажи отколку жени, како и поради различните професии со кои најчесто се занимаваат. Ќе биде важно да се осигури дека родовата нееднаквост нема да се прошири во текот на пандемијата и по неа.
Три четвртини од можно погодените работници се на возраст 30 – 64 години – пишуваат банкарите и додаваат дека најголемото влијание на кризата ќе го почувствуваат вработените во приватниот сектор, поточно 88 отсто.
Според СБ, сите земји на Западен Балкан дејствуваат во насока на поттикнување на претпријатијата да ги задржат работните места односно да создадат нови. Дополнуваат дека иако мерките најавени од страна на владите сѐ уште се воспоставуваат, важно е да се следат ефектите од нивното спроведување и, доколку е потребно, мерките да се приспособат.