Камионите со стока влегуваат во Руската Федерација со декларација на која стои ПЈРМ и сертификат на кој го пишува новото име – Република Северна Македонија, тврдат надлежните по информациите дека има застој во пласманот на македонските производи во таа земја поради наводно неприфаќање на сертификатите со новото државно име
Извозот на македонски производи во Руската Федерација се реализира без никаков проблем. Три камиони свежо овошје и зеленчук или околу 60 тони веќе ја поминале границата со декларација на која стои ПЈРМ и сертификат на кој го пишува новото име – Република Северна Македонија. Ова го посочи директорот на Македонско-руската стопанска комора Дејан Бешлиев, по информациите дека има застој во пласманот на македонските производи во таа земја поради наводно неприфаќање на сертификатите со новото државно име, Република Северна Македонија. Таквите информации не беа изненадување за јавноста со оглед на тоа што Руската Федерација сѐ уште тактизира со одлуката за прифаќање на новото име на Македонија, како и на претходно изнесените ставови на нејзините официјални претставници во однос на договорот со Грција.
– Веќе има поминато камиони со стока на руска граница со новите декларации. Што значи дека проблем со извозот нема. Имаме потврда од руските царински власти дека без никаков проблем се примени, односно увезени македонските производи, конкретно во Калининград. Декларациите се со ПЈРМ, но прифатен е сертификатот на кој стои Република Северна Македонија – објасни Бешлиев.
Тој објасни дека забуната во јавноста настанала откако руски увозник, во текот на изминатите денови до својот партнер во земјава испратил предупредување дека е можно руските фитосанитарни служби да реагираат за сертификатот што е веќе со променетото име на нашата држава и дека во таков случај ризикот за финансиските трошоци за таа пратка би бил на товар на македонската компанија.
– Веднаш стапивме во контакт со институциите и ни беше потврдено дека такво нешто нема и не постои од руска страна. Значи, тоа беше само предупредување од некои руски увозници кон нивни партнери во земјава. Но, ние во меѓувреме, во консултација со руските партнери, испративме информација до членките на нашата комора да почекаат до почетоков на неделава, да не испраќаат производи, да не тргнуваат за викенд за ако некаде се јави проблем, да може да се реагира. Но, такво нешто нема – дополни Бешлиев.
Според Бешлиев, апсолутно нема никаков проблем меѓу двете држави, ниту такво нешто се очекува. Се работи за ниво на деловен однос, меѓу партнерите, а комората побарала од своите членки да почекаат со извозот, за да не се случи да имаат евентуално некаков дополнителен трошок.
– Затоа ги посоветувавме нашите членки. Тоа и ни е работа. Подобро е ден или два да почекаат, да останат тука за време на викенд, да не ги товарат камионите и да немаат трошоци на нивна страна. Кога ќе имаме целосна информација, како што сега веќе имаме доказ дека поминале камиони со стока на граница, да можеме да им кажеме дека сѐ е во ред – истакна Бешлиев.
Од Министерството за економија, пак, посочија дека остануваат на претходното соопштение дека проблеми со извозот кон Русија нема, и дека до нив не се пристигнати информации за вратени камиони од граничните премини на Руската Федерација. Поради ова тие сметаат дека станува збор за ширење лажна информација дека се враќаат македонски производи од границата со Русија.
– Во согласност со информациите од Македонско-руската стопанска комора, нивни членки ја информирале комората за предупредувања од руски партнери за можен ризик за премин на руската граница на македонски производи, поради новите документи (усогласување декларации и сертификати со новото име). Поради ова, Македонско-руската комора, по направени консултации со Амбасадата на Руската Федерација во нашата земја, апелирала до македонските извозници, особено оние што извезуваат свежо овошје и зеленчук, да почекаат неколку дена, додека надлежните институции од двете земји ги усогласат потребните документи за непречен проток на производи – соопштија од Министерството за економија.
Во јануари годинава, според податоците на комората, македонскиот извоз во Русија е зголемен за 41 отсто и достигнал 2,6 милиони американски долари.