Компанијата „Мајкрософт“ тестираше четиридневна работна недела во своите канцеларии во Јапонија и откри дека работниците не само што биле посреќни туку и значително се зголемила нивната продуктивност.
Во август годинава, компанијата „Мајкрософт“ вовела пилот-проектот насловен „Предизвик за животниот век на работа“, со кој 2.300 вработени добиле пет слободни петоци без намалување на платата.
Резултатите од дополнителниот ден за одмор биле изненадување, иако времето поминато на работа било драстично намалено, продуктивноста – мерена со продажба по вработен – пораснала за речиси 40 отсто во однос на истиот период претходната година.
Покрај намалувањето на работното време, менаџерите го повикаа персоналот да го намали времето што го минуваат по состаноци и во одговарање на електронска пошта. Тие посочиле дека состаноците не треба да траат повеќе од 30 минути. Вработените исто така биле охрабрени да ги намалат состаноците со користење апликација за онлајн-пораки.
Скратените работни недели довеле до поефикасни состаноци и посреќни работници. Како дел од програмата, компанијата планира да ги субвенционира семејните одмори на вработените до 920 долари.
– Работи кратко време, одмори добро и научи многу. Сакам вработените да размислат за тоа и да искусат како можат тие да го постигнат истиот резултат со 20 отсто помалку работа – изјави претседателот на „Мајкрософт“ во Јапонија Такуја Хирано.
Покрај зголемената продуктивност, позитивна работа е што користењето на електрична струја се намалило за 23 отсто. Вработените испечатиле 59 отсто помалку хартиени листови во пробниот период. Најголем дел од нив, 92 отсто, изјавиле дека им се допаѓа скратената работна седмица.
Ова не е првпат да се тестира скратена работна недела во корпоративниот свет. Во 2018 година, компанија во Нов Зеланд испроба четиридневна работна недела во рок од два месеца со своите 240 вработени. Нивото на стрес се намалило за 7 отсто.
Сепак, тестирањето на „Мајкрософт“ во Јапонија е само пилот-проект. Сѐ уште не е јасно дали овие промени ќе бидат воведени во канцелариите насекаде и на подолг рок. Е.Р.