Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на денешната главна седница донесе одлуки, со кои им даде рок од 90 дена на трговците на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт – трговија на големо со мазут РКМ ДООЕЛ Скопје, „Супертрејд“ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, „Пертинакс“ ДООЕЛ Скопје, „Ли оил ДБ“ ДООЕЛ увоз-извоз Кавадарци, да се усогласат со Правилникот за нивото и начинот на пресметка на оперативните резерви. Практично, во утврдениот рок од 90 дена трговците на големо со мазут мора да ги обезбедат потребните количини оперативни резерви на мазут во своите складови, кои за секој трговец се пресметуваат по методологија утврдена во Правилникот.

– Иако во согласност со Правилникот се дозволува рок од најмногу 6 месеци во кој компанијата ќе го усогласи своето работење со законските прописи, РКЕ го скрати овој рок и ги задолжи трговците на големо за 90 дена да достават доказ – записник од Државниот пазарен инспекторат дека ги поседуваат потребните оперативни резерви на мазут. Доколку по утврдениот рок некој од трговците не ги обезбеди резервите – ќе му биде одземена лиценцата за работа – изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Во првата фаза РКЕ ги извести трговците за постоење причини за почнување постапка за одземање лиценци по што во рок од 7 дена три од четири трговци на големо со мазут доставија одговор на нашето известување, и тоа „Ли оил“, „Супертрејд“ и РКМ, а „Пертинакс“ не достави.

Трговците на големо со мазут објаснуваат дека Правилникот за нивото и начинот на пресметка на оперативните резерви што Министерството за економија го донело во април 2021 годинава е без период за приспособување на компаниите на новите промени. Тие се жалат дека состојбата со короната ја отежнала работата во тој период и го намалила капацитетот на вработените. Некои од компаниите тврдат дека веќе ги обезбедиле неопходните резерви, а други побараа и максимален рок од 6 месеци за да се усогласат.