Декларацијата за подобрување на квалитетот и брзината на услугите на железничката мрежа преку проширување на трансевропската транспортна мрежа во согласност со стандардите на Европската Унија ја потпишаа македонскиот министер за транспорт и врски Благој Бочварски и неговите колеги од земјите во регионот, на вчерашниот меѓународен самит посветен на развојот на железницата во земјите на Западен Балкан во Белград, Република Србија.
Со декларацијата, како што беше соопштено од ресорното министерство, земјите од Западен Балкан се обврзуваат на воспоставување директни железнички конекции помеѓу големите градови, на дигитализација на железничките системи за меѓусебно поврзување и овозможување размена на податоци за прекуграничен превоз на стоки и патници, на развој на интелигентни транспортни системи и воведување мултимодални јазли, како и намалување на несреќите преку модернизација на железничките премини до крајот на 2025 година.
– Наша заедничка цел е железничкиот транспорт да биде еднакво развиен, како и во земјите на Европската Унија и да биде признаен и препознаен како побрз, безбеден и еколошки транспорт. Од нас се очекува да продолжиме да работиме како што работевме и во претходниот период. Ќе потенцирам дека завршувањето на реформите во железничкиот сектор, зајакнување на човечките капацитети, одржување на постојната мрежа, безбедноста, како и новите инвестиции, се клучен елемент за подобрување на сегашната состојба. Морам да спомнам и дека на Коридорот 10 се направени реконструкции на неколку делници со што брзината ја подигнавме до 120 километри на час. На тој начин работиме на кохезија со железничките системи во регионот – изјавил министерот Бочварски.
Во рамките на самитот, директорот на ЈП „МЖ инфраструктура“, Хари Локвенец, потпишал меморандум за разбирање со земјите од Западен Балкан, со кој железничките компании се обврзуваат да работат на унапредување на железничката мрежа и на подобрување на безбедноста во сообраќајот.
Меѓународниот самит е дел од иницијативата на Европската Унија во рамките на глобалниот настан „Година на железницата“ посветен на развој и модернизација на железничкиот сектор.
Како дел од овој настан, синоќа, на Железничката станица во Скопје, требаше да пристигне европскиот воз со кој се промовира железничкиот транспорт како најбезбеден и најекономичен. Е.Р.