„Зелените кредити“ опфаќаат до десет отсто од вкупното кредитно портфолио на домаќинствата и на корпоративниот сектор и главно се насочени кон преработувачката индустрија, дејноста „снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ и дејноста „транспорт и складирање“, со одредена застапеност и во градежништвото и во други дејности, велат од НБРСМ
Растат интересот и понудата на таканаречените „зелени кредити“, велат во домашните комерцијални банки, откако поголемиот дел од нив почна да нуди посебни кредити насочени кон поддршка на граѓаните или на компаниите за подобрување на енергетската ефикасност во компаниите и во домаќинствата. За уделот на овие кредити во вкупното кредитирање неодамна информираа и од Народната банка.
– „Зелените кредити“ кај повеќето банки имаат учество до десет отсто од вкупното кредитно портфолио на домаќинствата и на корпоративниот сектор. Главно се насочени кон преработувачката индустрија, по што следуваат дејноста „снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ и дејноста „транспорт и складирање“, со одредена застапеност и во градежништвото и во други дејности – посочија од НБ.
Придобивките од овој вид задолжување, исто така, се тема за која сите сакаат да зборуваат во услови на моментално крајно поволните меѓународни линии на финансирањето.
– Нашата банка постојано е ориентирана кон кредитна поддршка на компаниите за реализација на нивните издржани инвестициски проекти, особено кога истите тие вклучуваат заштита на животната средина, користење обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, воведување модерни технологии во производството или друг вид иновативност што ја подобрува конкурентноста на домашните компании во нивниот настап на странски пазари. Освен од сопствени средства, банката нуди кредитни средства и од разни кредитни линии, меѓу кои би ја издвоиле Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП со бесплатна техничка поддршка и исплата на 15 проценти грант за кредитокорисниците, финансирана од Европската Унија, во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Преку оваа програма постои можност за финансирање проекти од областа на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија, заштита на животната средина, безбедност на работниците, квалитет и безбедност при работа за подобрување на конкурентноста и усогласување со техничките стандарди во согласност со ЕУ-законодавството – објаснуваат претставници на една од најголемите банки во земјава.
Оттаму додаваат дека придобивките за компаниите, по успешна имплементација и верификација на инвестицискиот проект, се грант во висина до 15 проценти од инвестицијата и бесплатна техничка помош при подготовка и оптимализација на потпроектите од технолошки и финансиски аспект. Истакнуваат дека на овој начин се поддржува инвестицискиот циклус кај компаниите, а со добиениот грант и бесплатна техничка помош се подобрува нивната тековна ликвидност и се намалуваат нивните трошоци, со што се стимулираат истите тие да продолжат со натамошни активности.
– На почетокот на пандемијата, компаниите беа воздржани од инвестиции, со оглед на неизвесноста и развојот на пандемијата, но во овој момент со намалувањето на интензитетот и на последиците од неа, се зголемува и интересот за инвестиции на компаниите, а особено инвестиции во „зелени кредити“. Нашата банка и во својата понуда за физички лица вклучува кредити за подобрување на енергетската ефикасност на домаќинствата. Зголемен интерес кај граѓаните за кредити со оваа намена е забележан во последните три месеци, откога банката започна со издавање кредит за енергетска ефикасност преку Програмата на ЕБОР. Зголемениот интерес кај граѓаните се должи на низата предности што ги добиваат, како што се поволни услови на кредитот, долгорочна заштеда преку пониски трошоци за енергија, но пред сѐ можноста да добијат поврат на средства до 20 проценти oд кредитот во вид на грант од ЕБОР – потенцираат од банката.
Вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, неодамна потенцира дека во глобални рамки сѐ поголемо значење добиваат активностите на централните банки за ублажување на несаканите економски последици од климатските промени, вклучувајќи ги и ефектите врз финансиските системи.
– Со овој план се предвидоа и поттикнување и развој на истражувачката дејност во областа на „зелените финансии“, како област што треба да се вгради во приоритетите на секоја општествено одговорна институција, а заради придонес кон создавањето „зелена“ и одржлива економија, што во крајна линија би обезбедило повисок животен стандард и унапредување на квалитетот на животот за нејзините граѓани. Народната банка веќе започна и со оперативни активности за поддршка на „зелените финансии“ во доменот на своето работење – истакна Митреска.
Дека „зелените кредити“ и „зелените финансии“ ќе имаат сѐ поголемо значење, пред извесно време потенцира и директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, која во едно од своите обраќања рече дека кризата со пандемијата треба да се искористи за поттикнување структурни промени кон дигитализација и кон зелените политики.
– Мора да се настојува за координирана инвестиција во зелена инфраструктура. Нашата анализа покажува дека ова може да го зајакне светскиот БДП во текот на 15-годишен период за околу 0,7 отсто годишно, со што би се отвориле милиони нови работни места. Наплаќањето за емисии на јаглерод диоксид може да помогне во санирање на фискалните салда, да се насочат приватните инвестиции во зелените сектори и да се постигне значајно намалување на штетните емисии. Зголемениот пристап до брз интернет во руралните и во неразвиените области ќе придонесе за зголемување на продуктивноста. Вложувањето во образованието и во програмите за работни вештини ќе одигра улога во зајакнување на квалификациите што се потребни за дигиталната и зелената ера. Ги зајакнавме напорите во однос на борбата со климатските промени, кои не се само закана по економската и финансиската стабилност туку се и можност за зелен развој и отворање нови работни места – потенцира Георгиева.