Домашните експерти укажуваат дека и во следниот период во земјава ќе продолжи интересот за вложување во недвижности
Цените на недвижностите во Скопје бележат раст, особено во втората половина на минатата година и од почетокот на оваа. Упатените укажуваат дека ова се должи на заживување на пазарот, по минатогодишната стагнација предизвикана од коронавирусот. И покрај растот на цените, истите тие се многу пониски од светските метрополи каде што ценовниот распон е многу повисок и за чија набавка граѓаните мора да издвојат многу поголема финансиска сума.
– Движењето на цените на недвижностите во Скопје е во нагорна линија, особено втората половина на минатата година. Забележано е зголемување на цените на станбениот простор речиси на сите локации во Скопје каде што има интерес и повеќе градежни активности. Исто така се зголемени интересот и цените на индивидуалните градби, односно куќи и особено викендички на периферните делови од Скопје – објаснува Игор Панчевски, сопственик на агенцијата за недвижности „Левел 7“.
Дополнува дека, освен Скопје и Охрид каде што константно има најмногу активности на пазарот на недвижности и каде што исто така е забележано зголемување на цените, во другите градови не се забележани поголеми промени.
– Промени има и во споредба со периодот пред пандемијата. Од почетокот на истата таа имаше зголемено побарување на куќи и викендички особено во Маврово, Берово и други слични локации – нагласува Пачевски и објаснува дека во земјава нема намалување на интересот кај граѓаните за вложување во недвижности.
Тој вели оти последниот квартал од минатата и почетокот на тековната година бележат зголемување на побарувањата.
– Пандемијата на почетокот го намали интересот за прометот со недвижности, но како што одминуваше времето и по првичниот шок е забележано зголемување на интересот кај граѓаните за вложување во недвижен имот, особено во втората половина на минатата година. Пандемијата ни даде до знаење дека освен здравјето, многу е важна и потребата од сопствен простор за живеење, но и заштита на сопствените средства во состојба на една неизвесност што ја носи пандемијата. Граѓаните увидоа дека најсигурна инвестиција во една таква состојба е вложувањето во недвижен имот. Што се однесува до цените на недвижностите и тука имаме ефект на зголемување на истите тие. Имено, во услови на зголемена побарувачка, намалени каматни стапки на станбените кредити, ограничената понуда особено на станбен простор во централното градско подрачје, како и повисоките цени на градежни материјали и работна рака не можеме да очекуваме и намалени цени – посочува Панчевски.
Дури и Народна банка во својот последен извештај посочи дека има раст на цените на становите. Во третиот квартал на 2020 година, цените на становите мерени преку хедоничкиот индекс, забележаа годишен раст од 2,7 отсто, што претставува мало забрзување во споредба со претходниот квартал, пишува НБРСМ. Сепак и покрај растот на цените во главниот град на земјава, цените се далеку зад главните градови во другите земји, особено далеку од високоразвиените земји.
Годишниот извештај за богатството за 2021 година, објавен од лондонската консултантска куќа „Најт Френк“, избра 20 главни градски пазари и пресмета, врз основа на типичните луксузни станбени вредности и девизниот курс на крајот на 2020 година, колку квадратни метри може да се купат со еден милион долари.
Монако и Хонгконг сè уште се најскапите станбени пазари во светот, позиции што ги имаа и во изминатата деценија. Лондон го задржува третото место, а Њујорк е на четвртото место. Женева се искачи погоре на ранг-листата оваа година, додека градовите на пазарите во развој како Кејптаун и Сао Паоло нудат повеќе простор за вашите пари отколку минатата година поради комбинацијата на пониски цени и промена на валутите во однос на доларот.
Лондон нуди над 40 проценти повеќе луксузен простор за живеење за вашите пари, давајќи 31 квадратен метар во споредба со 22 квадратни метри во 2015 година. Њујорк исто така нуди повеќе простор за парите, односно 34 квадратни метри повеќе во 2020 година во однос на 27 квадратни метри во 2015 година, што пораст од 25,9 отсто.
Лос Анџелес нуди речиси една третина помалку простор, поточно 44 квадратни метри, во споредба со 65 квадратни метри во 2015 година, што претставува пад од 32,3 проценти.
Поради прекинот на меѓународните патувања, главно поради пандемијата на коронавирусот, пазарите што зависеа од голем број меѓународни побарувачки, како што се Монако и Дубаи, забележаа пад на продажбата на станови, пренесува „Најт Франк“.
Домашните експерти укажуваат дека и во следниот период во земјава ќе продолжи интересот за вложување во недвижности.
– Според нашите анализи, очекуваме дека во следниот период, односно до крајот на тековната година интересот кај граѓаните за инвестирање во недвижности ќе продолжи со истото темпо како и досега и дека цените на недвижностите сигурно ќе го задржат сегашното ниво со можност за благо зголемување во зависност од состојбата на пазарот, особено со понудата, како и со цените на градежните материјали и работната рака – заклучува Панчевски.
Просечна цена на станбен простор во Скопје
Населба Средна цена (во евра)
Автокоманда 890
Аеродром 972
Бутел 1 582
Бутел 2 532
Влае 913
Даме Груев 656
Дебар Маало 1.317
Ѓорче Петров 791
Железара 798
Капиштец 1.173
Карпош 1 1.185
Карпош 2 1.213
Карпош 3 1.040
Карпош 4 943
Кисела Вода 1.001
Козле 1.181
Мичурин 985
Ново Лисиче 971