Претседателот на Асоцијација на работодавци, Ангел Димитров, предупреди дека наесен ќе има многу отпуштања, особено на текстилните работници, а први на удар се работниците на кои им истекуваат договорите на определено време.
Димитров изјави за медиумите дека состојбата е повеќе од сериозна, а последиците од пандемијата на ковид-19 допрва ќе се почувствуваат, зашто магацините се полни, а извоз нема.
– Бројот на вработени се намалува за 30-50 проценти од поранешниот број на работници. Кај нас, во најдоброто време, пред четири-пет години, во двете фабрики имавме 930 луѓе, сега ќе се сведеме на 550 луѓе – изјави Димитров.
Според него, идното намалување на вработените ќе мора да биде по основа на прогласување технолошки вишок, за што ќе бидат во постојан контакт со синдикатот и институциите.
– Првите отпуштања може да ги очекуваме на почетокот на октомври. Ќе видиме кога и кои работници сами ќе се пријават да заминат – изјави Димитров.
Во изминатиот период, работата на конфекциите е драстично намалена, поради малкуте нарачки од странските партнери. Минатата, 2020 година полесно се преброди, благодарение на шиењето заштитни маски и опрема и на владините пакет мерки што предвидуваа исплата на плата и на работниците што не одеа на работа од 70 отсто од минималецот, а оваа 2021 година се покажала како кобна. Единствено решение за спас на работните места е Владата да го намали финансискиот товар врз работодавците со ослободување од даноци и придонеси – објасни тој.