Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика

Тука, секако, е Министерство за труд и социјална политика да ги поддржи и да ја подобрува законската регулатива. Затоа, се планира соодветна ревизија
на законската регулатива за да се поттикне синдикално организирање и колективното преговарање

Приоритет се работниците и работничките права и затоа се неопходни силни и автономни работнички синдикати, зајакнување на организациите на работниците што се борат за работничките права, вели Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, напоменувајќи дека, покрај сѐ, потребни се и економски развој и подобра деловна култура, кои ќе водат кон подобри услови за вработување.

Работничките права во Македонија не се на завидно ниво, трудот не е соодветно платен, има повреди на работните места, експлоатација, голем број вработени се сиромашни… Кои мерки треба да се преземат за да се унапредат правата на работниците, а со тоа и државата да се заштити самата себеси?
– Борбата за работничките права никогаш не запира. Да не заборавиме дека на глобално ниво класните разлики се зголемуваат, а со тоа и експлоатацијата на трудот што ја има во развиените земји. Но, сепак, овој проблем е повидлив во земјите во развој како што е Македонија. За справување со ваквиот проблем треба да се зајакнат институциите за да можат брзо и ефикасно да реагираат на секое прекршување на законите и на работничките права, нешто што го започнавме како процес со доаѓањето на власт. Потоа, потребно е зајакнување на организациите на работниците што се борат за работничките права, нешто што јас силно го поддржувам. На крајот, потребни се економски развој и подобра деловна култура, која ќе води кон подобри услови за вработување.

Работните услови во текстилната индустрија се проблем што се провлекува со години. Кои се решенијата што се нудат за подобрување на условите и стандардот на работниците?
– Трудовоинтензивните гранки се проблем насекаде низ светот. Tекстилната индустрија, покрај стандардот на работниците, има уште неколку проблематични аспекти што треба да се земат предвид. Така, на пример, во текстилната индустрија работат претежно жени, што значи дека, покрај тоа што е работничко, ова е и женско прашање. Постои и проблемот на релативна сиромаштија, односно плати што не можат да ги задоволат секојдневните потреби на работниците. Оттука, како да се подигне стандардот на овие работници е прашање на економски политики што треба да го подобруваат животниот стандард на вработените во дејностите од текстилната индустрија. Една од првите работи што ги направивме во оваа насока е донесувањето на Законот за минимална плата, со кој значително се зголеми минималната плата на вработените во текстилната индустрија. Со ова законско решение првпат се изедначи минималната плата за работниците во текстилната и кожарската индустрија со други гранки. Со тоа постигнавме зголемување на просечната плата во производство на облека за 16 отсто, а во текстилната индустрија за 24 отсто, односно за 3.870 денари. Тоа покажува дека законот си ја заврши својата работа, затоа што по статистика 90 илјади граѓани добија покачување и земаат над 12 илјади денари плата. Покрај тоа, Владата имплементира и други мерки за економски пораст, кои можат да придонесат и за подобрување на условите и стандардот на вработените.

Дали размислувате и за некои други механизми со кои би ги заштитиле правата на работниците од самоволието на одредени работодавци?
– Министерството за труд и социјална политика гo користи целиот свој капацитет да се справи со прекршување на законите во наша надлежност. Меѓутоа неопходна е подобра соработка со граѓанските организации и синдикатите за да можеме ограничените ресурси на Министерството правилно да ги распределиме. Постојат одредени правни механизми преку кои може да се подобри заштитата на работниците, но да почнеме од оние што веќе ги имаме. Затоа ги поттикнуваме сите граѓани што се свесни за прекршувања на правата да ги пријавуваат до Инспекторатот за труд и до Министерството за труд и социјална политика. Една од главните причини зошто работниците не пријавуваа досега е недовербата во институциите. Ова мора да го менуваме, ако успееме да изградиме доверба и функционален систем во кој прекршителите ќе се казнуваат, убедена сум дека и постојните механизми ќе дадат одличен резултат. Во изминатиот период се одржани неколку средби со синдикатите, односно со претставниците на работодавците токму од текстилната област, за одблиску да се запознаеме со нивните проблеми и да се преземат конкретни мерки. Ова се случуваше и во текот на подготовката на Законот за минимална плата, а потоа во текот на неговата имплементација. Работниците се охрабрија да зборуваат за своите проблеми, редовно нѐ известуваат за што Државниот инспекторат има направено многу надзори за да ја утврди фактичката состојба. Направени се измени во Законот за работните односи со кои се предвидува содржината на договорите за вработување да е задолжителна. Со тоа, работниците ќе имаат вистински сознанија за своите права и можност за барање за нивно почитување. Намален е периодот на пробната работа од 6 на 4 месеци, а минималниот износ на висината на платата на приправниците од 40 отсто се зголеми на 70 отсто. Обезбедена е заштита на работниците доколку работниот однос му престанал поради деловни причини, односно предвидено е во случај на истото работно место со иста стручна подготовка и занимање, да не се вработува друг работник во рок од две години од денот на престанокот на работниот однос. Доколку по истекот на тој период има потреба од работник со исти работни задачи, се дава можноста предност да има работникот на кој претходно му престанал работниот однос. Зголемен е износот на испратнината поради откажување на договорот за вработување од деловни причини во просек од 12,5 отсто до 25 отсто. Во Програмата за работа е предвидена подготовка на нов закон за работните односи, со чии решенија ќе се обезбеди вистинска заштита на вработените, како што е злоупотребата на технолошкиот вишок, злоупотребата на договорите за вработување на определено време и сл.

Колку во справување со ваквите појави е потребна координација и со синдикатите, бидејќи немаат сите компании синдикално организирање?
– Синдикалното организирање е пресудно во борбата за подобри работни услови и плати. Работниците мора сами да се борат за сопствените права. Тука, секако, е МТСП да ги поддржи и да ја подобрува законската регулатива. Затоа, се планира соодветна ревизија на законската регулатива за да се поттикне синдикално организирање и колективното преговарање. Покрај соодветна законска регулатива се неопходни и соработка и координација на сите институции, особено таму каде што нема синдикати. Затоа ние постојано организираме средби со сите, а не само со организациите што имаат синдикати. Во секојдневна комуникација сме со Државниот инспекторат за труд, кој врши надзор на примената на законската регулатива, и тоа покрај редовните надзори, редовно постапува врз основа на дојави од страна на вработени лица. Најчести информации што се добиваа во изминатиот период се прекувремена работа што не ја плаќаат работодавците, неисплата на минимална плата или, пак, укажување дека таа е исплатена, а потоа им се враќа на работодавците. Чести прекршоци се и работа на ден на празник, неисплатен регрес за годишен одмор и сл. Но треба да се има предвид дека одредени работи тешко се докажуваат, како што е враќањето на минималната плата или прекувремената работа, доколку системот за електронска евиденција не е приспособен.

Имате ли согледувања за големата диспропорција помеѓу правата на работниците во приватниот и во државниот сектор и планирате ли некакви мерки за надминување на јазот?
– Законот за работни односи важи за сите еднакво. Разликата во правата може да се увиди во колективните договори, во кои преговарачите можат да утврдат поголеми права од правата утврдени со закон. Но би нагласиле дека, прво, трудот во јавниот сектор е подобро организиран од трудот во приватниот сектор и, второ, мерките за надминување на јазот не зависат од Министерството за труд и социјална политика. Тоа зависи од социјалниот дијалог и од структурната поставеност на македонската економија. Се разбира, МТСП може да даде придонес за олеснување и поттикнување на процесот, но и тука сме ограничени само на надгледување и спроведување на договорите што ќе бидат постигнати помеѓу социјалните партнери. Затоа, во согласност со нашите планирани активности, ќе се работи на подготовка на нов закон за работните односи, со кој ќе се обезбеди вистинска заштита на работниците, во кој посебно внимание ќе им се посвети на правата на работниците и механизмите за нивно почитување. Ќе се воведат правила за вистински социјален дијалог, како и допрецизирање на законските решенија што го уредуваат прашањето на колективно договарање и ќе стане задолжително за сите правни субјекти со над 20 вработени. Синдикатите ќе имаат вистинска слобода на организирање, како што е предвидено со конвенциите на Меѓународната организација на трудот, ќе можат да се регистрираат директно во Централниот регистар. Досега синдикалните организации мораа да пристапат на синдикати на повисоко ниво, а Министерството за труд и социјална политика да ги проверува условите за нивна исполнетост. Ова не е добро решение и ќе го смениме.


И најсиромашните ќе ги вклучиме на пазарот на трудот

Ќе се спроведе ли некоја активност што ќе значи системска промена на социјалната заштита за обезбедување повеќе пари за најсиромашните граѓани?

– Новите политики на Министерството за труд и социјална политика и на Владата на РМ се базирани на социјалната заштита што ќе обезбедува социјална праведност, односно намалување на стапката на сиромаштија под 16 отсто до 2020 година. Како една од мерките во таа насока е подготовка на нов закон за социјална заштита, со кој ќе се даде основа за воведување минимален адекватен приход. Тоа значи реално обезбедување средства за извлекување над линијата на сиромаштија, но и вклучување на корисниците на пазарот на трудот. Во моментов социјалната помош не е доволна ни за најосновните потреби и не ја менува состојбата на корисниците, со што сиромаштијата се пренесува од генерација на генерација. Со овој нов закон, кој претставува темелна реформа и кој ќе започне со имплементација во јануари 2019 година, ќе се издвојат материјалните (паричните) права од стручната социјална работа (услугите). Ова ќе придонесе за зголемување на опфатот и посоодветни надоместоци за материјално загрозените семејства, како и подобрување на социјалните услуги во две насоки. Прво, социјалните услуги ќе бидат приспособени за поединецот според неговите потреби и, второ, корисниците ќе може да ги примаат услугите во локалната заедница каде што живеат, а не во институции далеку од местото на живеење. Со новата регулатива, социјалните работници и другиот стручен кадар во центрите за социјална работа ќе се фокусираат на извлекување на лицата од ризик и сиромаштија со личен пристап. Законот ќе содржи и многу други суштински промени во функционирањето на социјалната заштита во Република Македонија.
Во наредниве месеци ќе отвориме широка јавна расправа за предлог-текстот на законот, за да добиеме што поквалитетни и одржливи решенија. Целта е реално да ги решаваме проблемите преку суштински реформи, наспроти досегашните парцијални решенија и импровизации што резултираа со неефикасен и разурнат систем на социјална заштита.